Со влезот на Македонија во Алијансата, домашните фирми добија рамноправна можност за директно учество на овој пазар, кој на годишно ниво, според некои процени, е „тежок“ пет милијарди евра. Но засега многу малку се користи од тој огромен потенцијал. Кои се причините и како да се сменат состојбите во полза на македонската економија
Северноатлантската алијанса како една од најмоќните меѓународни организации не е препознатлива во светот само преку нејзиното воено дејствување, туку оваа интернационална структура со своето функционирање ништо помалку не е активна и во полето на економијата и стопанството, информатиката… Со други зборови, членството во НАТО е златна кокошка и за бизнисот и економијата на земјите-членки, но само доколку се знае како да се користи тоа.
Од таа гледна точка, година и половина од официјалниот влез на Македонија во Алијансата, сепак, НАТО е речиси неискористен пазар од македонските компании. Досега само девет домашни фирми побарале и добиле одобрение да учествуваат во набавките за НАТО, а ниту една од нив не склучила договор со агенциите на Алијансата.
Домашните и странските аналитичари со кои се консултиравме, од перспектива на стопанските дејности, односно економијата, проценуваат дека по военото значење на НАТО, многу е важно и економското значење на сојузот, кој, според некои апроксимативни послободни процени, им носи милионски суми на компаниите во НАТО-земјите.
Со влезот на Македонија во Алијансата, домашните фирми добија рамноправна можност за директно учество на овој пазар, кој на годишно ниво, според зборовите на поранешниот премиер Зоран Заев, е „тежок“ пет милијарди евра. На овие тендери ќе можат да учествуваат сите оние фирми што ги исполнуваат условите за учество во постапките на набавките, но претходно мора да се впишат во евиденцијата на економски оператори во Министерството за одбрана.
Според процедурата, за една компанија да може да започне да дејствува на пазарот за понуди стоки или услуги за НАТО, таа најпрво треба да се регистрира во Министерството за одбрана, како и во агенциите на НАТО преку кои се реализираат тендерите.
Професорот Арис Георгополис од британскиот универзитет во Нотингхам,
кој е поранешен функционер на НАТО и работел токму на материјата поврзана со пазарот на набавки на Алијансата, за „Нова Македонија“ вели дека бизнисот со логистичките набавки на сојузот е исклучително важен за сојузниците.
Според професорот, токму овој економски сектор е вистинското поле што во секојдневниот живот најмногу ги зајакнува врските меѓу сојузниците.
Според него, економските врски се еднакво битни со оние од полето на одбраната и дипломатијата.
– За вашата земја да може подобро да профитира на овој пазар треба многу скоро да ги развие домашните стимули со кои ќе се подобри конкурентноста на производите во делот на цената и квалитетот на македонските фирми. Натаму, компаниите ќе мораат да поседуваат и современи политики за дигитално дејствување во каналите на НАТО, по кои ќе бидат препознатливи за да можат да освојат дел од колачот на тендери во јавните набавки на Алијансата – резимира тој.
Професорот на Воената академија, Методи Хаџи-Јанев, вели дека кога се говори за економските придобивки од Алијансата, треба да се истакне дека членството во НАТО е чиста придобивка за нас.
– Но колкава ќе биде таа придобивка безбедносна, економска и политичка ќе зависи исклучиво од нас, а не од НАТО! – вели професорот.
Според Хаџи-Јанев, често се вели дека членството во НАТО ќе ја подобри економската состојба во земјата и сл.
– Но засега не постои официјална независна интернационална студија што ќе го поткрепи ова на директен начин. Да, има студии и анализи што укажуваат како индиректно, заради теоријата на економската безбедност или економската теорија на мирот колективните системи придонесуваат кон јакнење на сигурноста и можноста за инвестиции и свеж капитал и сл. Дури, постои анализа што укажува дека кај земјите од Балтикот постои евидентен економски раст по влезот во НАТО. Но ако ги читате овие анализи, особено последните, ќе сфатите дека многу други параметри влијаеле на економскиот раст, а не само членството како членство – вели професорот.
Хаџи-Јанев нотира дека во најмала рака самото зачленување е секундарно и индиректно влијае на економскиот раст.
– Накратко, економските придобивки од НАТО може да ги бараме со тоа што на компаниите сега им е отворен пазарот за тоа каде може да ги пласираат производите, да ги зголемат иновативноста и ефективноста, но и да го зголемат потенцијалот преку можност за здружено дејствување и унапредување на продуктот – заклучува професорот.
Во своја изјава на оваа тема, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, вели дека за поголеми услуги на овие бизниси се потфрла во здружувањето.
– Ние сме премногу мали компании за да излеземе на големите пазари – вели Азески.
Тој посочува и слабости во состојбите, но доколку се подобрат македонските компании би можеле да бидат поконкурентни на НАТО-пазарот.
– Гасификацијата слабо оди, која доколку напредне може да донесе компаративна предност за нашите компании на пазарот и ако истата таа се воведе масовно. Тогаш набавката на гасот ќе биде во поголемо количество, а со тоа и ќе се намали цената на продуктите и ќе станат компаниите конкурентни. Натаму, треба да се подобрат и прашањата на парафискалните давачки каде што ни одат огромни пари, на непланирани трошоци што произлегуваат од одлуки на ненадлежни органи – вели Азески.
Тој додава и дека постојат и проблеми во законската регулатива, кои треба да се поправат бидејќи истите тие индиректно ги кочат домашните компании, како на пример Законот за извршување, кој им дозволува на општините да не си ги плаќаат долговите кон фирмите и по 10 години и повеќе.
– Во моментов сме фокусирани на дејствување да им овозможиме на фирмите со директни стимулации да ја подобрат конкурентната способност и да настапат на сите пазари – вели Азески.