Науката и храната низ делото на Михаил Данев

Безбедност на храната – грижа на современиот човек

  • Делото на д-р Данев дава суштински придонес кога станува збор за безбедноста на храната, особено кај нас во Македонија, и се залага за радикално менување на начинот на размислување, кој би се засновал на научен пристап, а не само на општи законски барања. Со тоа, Данев ја крунисал својата долгогодишна стручна и научна активност на високо национално ниво

Кон крајот на минатата година македонската наука беше збогатена со едно капитално дело од природните науки. Во таа ризница сега е приклучена и обемната книга со наслов „Безбедност на храната“ од доктор Михаил Данев, редовен професор и емеритус на ветеринарните науки, познат врвен експерт за прехранбена технологија, хигиена на исхрана и контрола на квалитетот. Научните достигнувања од природните науки, за жал, не го добиваат оној публицитет каков што имаат оние од областа на хуманитарните науки, како на пример историјата и литературата, иако меѓу нив има такви што достигнуваат пошироки, европски размери. Токму во таа категорија може да се смести заслужено книгата на доктор Данев.
Изложено на околу илјада страници, книгата претставува огромна, до детали разработена збирка од знаења и научни докази од областа на безбедноста на храната. Неизмерно богат преглед на сите можни причини за загрозување на безбедноста на храната, како и на мерките за нивно спречување. Во неа до најситни делови се прикажани загадувачите на храната, адитивите, хранливите материи, негативните здравствени аспекти кај консументите, како и позитивните влијанија на храната врз здравјето. Целата содржина е сложена во комплексна структура составена низ научен, здравствен, иформативен аспект, со своевидни практични упатства за примена и заштита од штетни последици.
Во тој склоп подробно се разгледани и објаснети микробиолошките ризици во храната од различни типови на потекло на бактерии, вируси, токсини, како и нуспроизводи – квасец, мувла и паразити. Ги детализира хемиските опасности што се со висок пораст во храната во денешно време, ги разгледува загадувачите што потекнуваат од околината, како што се индустриските загадувачи, радиоактивните елементи, пестицидите, фунгицидите. Ги објаснува влијанието и ризиците од употреба на хормоните и антибиотиците во животинската храна и другите елементи што се користат за време на преработката на храната.
Безбедноста на храната се дефинира како научна дисциплина што ги утврдува методите за ракувањето, за подготовката и сместувањето на прехранбените производи на начини со кои во најголема мера се намалува ризикот од заболувања предизвикани од храната кога таа ќе биде приготвена или консумирана. Поточно, преку голем број рути што треба да бидат спроведени за да се одбегнат можни здравствени ризици. Тоа опфаќа широк спектар на активности, од оние за општа и лична хигиена до комплексни технички процедури.
Во книгата се опишани сите аспекти на безбедност на храната од животинско и растително потекло, опишани низ целиот процес од обезбедување суровини, преку преработка, до дистрибуција и користење од консументот т.е. потрошувачот, вклучувајќи ги и аспектите што ја одредуваат и цената на самиот производ. Месо, млеко, риби, млечни производи, птици, морски плодови, растенија за храна и други артикли за човечка исхрана се во основата на истражувањата на Данев.
Следејќи ги светските процеси, во книгата се опфатени новите технологии, новата храна и генетски модифицираната храна. До најситни делови се прикажани загадувачите на храната, адитивите, хранливите материи, негативните здравствени аспекти кај консументите, како и позитивните влијанија на храната врз здравјето. Во тој склоп особено е укажано и на таканаречената „брза храна“, како и на појавата на труење со видови храна. Назначени се и објаснети добрите и лошите микроорганизми, патогените микроорганизми, низа биолошки, хемиски и физички агенси што влијаат на безбедноста на храната. Не се изоставени ниту појавите на алергиите од храна.
Авторот детално ги опишува биолошките опасности во посебни поглавја за бактерии, вируси, паразити, со детален опис на секој микроорганизам, карактеристиките и факторите што влијаат врз растот и размножувањето врз храната, како и карактеристиките на болеста кај луѓето и животните. На ова се додадени мерките за превенција од тие опасности. Во делот на природните токсини (отрови) се опишани токсините од растително и животинско потекло, токсините од габи, мувли, од алги морски плодови и риби.
Посебен осврт е направен за пластиката, која сѐ почесто се употребува и претставува сериозен загадувач на животната средина, а со тоа и на храната. Во едно од поглавјата ги опишува прехранбените адитиви со нивните својства, употреба, означување и прифатливиот внес за секој адитив посебно, како и негативните ефекти од загадената храна и потенцијалните лоши здравствени ефекти кај животните и растенијата. Најважно се укажува на изложеноста на здравјето на човекот што се манифестира преку храната од растително и животинско потекло.
Проф. д-р Борис Атанас Ангелков, еден од рецензентите на книгата, истакнува дека научниот труд на Данев е сеопфатен опус на научно собрани најсовремени информации, кои можат целосно да се искористат во академските специјализирани кругови, од преработувачите на храна, давателите на услуги и дистрибутерите на храна.

Михаил Данев

Ова посебно и обемно документирано дело надополнува една голема празнина во учебничката и професионална литература на македонски јазик, за потребите на студентите на сите медицински и ветеринарни факултети во земјата, факултети за земјоделски науки и храна, на технолошките и други факултети. Исто така може да биде од голема корист и да послужи како одличен прирачник за сите стручњаци – лекари, епидемиолози, санитарни инспектори, ветеринарни инспектори, нутриционисти и други стручњаци, како што се технолози во прехранбената дејност, кои се еднакво одговорни за заштитата на човековото здравје кога е во прашање појава на масовни болести или труења предизвикани од небезбедна храна.
Книгата е корисна литература за младите научници и истражувачи од областа на ветерината и медицината. Корисна за сите оние што работат за јавното здравје и животната средина за црпење нови знаења во секојдневната работа и носење исправни одлуки при решавање на проблемите. Многу е корисна за операторите на храна, за сите субјекти што учествуваат во примарното и секундарно производство, увоз и извоз на храна, промет со храна. Да се стекнуваат со нови знаења во однос на проценката на опасностите во храната и подобра контрола во процесот на производство.
Делото на д-р Данев дава суштински придонес кога станува збор за безбедноста на храната, особено кај нас во Македонија, и се залага за радикално менување на начинот на размислување, кој би се засновал на научен пристап, а не само на општи законски барања. Со тоа, Данев ја крунисал својата долгогодишна стручна и научна активност на високо национално ниво.
Рецензентите проф. д-р Гордана Ристовска, Борис Атанасов и д-р Лилјана Дојчиновска оцениле заеднички дека Михаил Данев го применил современиот пристап што се нарекува „Едно здравје“, глобален тренд што ги обединува и ги координира мерките и активностите за унапредување на здравјето на животните, здравјето на луѓето и здравата околина во сите развиени земји.


Богата политичка и научна кариера исполнета со признанија

Проф. д-р Михаил Данев (1941, с. Долани, општина Штип) завршил ветеринарен факултет во Белград, каде што и докторирал. Вршел должности и бил на директорски места во неколку крупни стопански организации во родниот град. Политички бил мошне активен, бил претседател на Општина Штип и во еден период ги предводел тамошните комунисти. Еден мандат бил секретар (втор човек) на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија. Во социјализмот вршел и други политички и општествени дејности и функции.
По напуштањето на политиката се посветил на научната работа, почнувајќи како виш научен соработник на Ветеринарниот институт во Скопје. Подоцна е промовиран во научен советник, при што ја набавува најсовремената лабораторија за вршење анализи и суперанализи за квалитет и безбедност на храната. Избран е за вонреден и редовен професор на Катедрата за хигиена и технологија, каде што ги предава предметите хигиена и технологија на месо, риби, живинско месо, јајца и нивни производи. На таа тема објави и соодветен учебник. Автор и коавтор е на 77 труда од областа на ветерината и безбедноста на храната. Учествувал на голем број научно–стручни средби, конгреси, конференции, симпозиуми во земјата и во странство. Избран е за почесен член на Академијата за ветеринарна медицина при Српското ветеринарно друштво.
По пензионирањето, девет години работел како експерт под договор во Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Од 2005 година д-р Михаил Данев е ангажиран на Државниот универзитет во Тетово на Факултетот за прехранбена технологија и исхрана, каде што од Сенатот му е доделено звањето професор емеритус. На универзитетот објавил два учебника. Титулата емеритус (Emeritus) им се дава на пензионирани професори што и понатаму остваруваат значајни достигнувања од одредена научна област.
Поради неговиот придонес и заслуги за градот и општината Штип, како и за емотивната поврзаност со него, во 2020 година му е доделен орденот „Свети Никола“, главното штипско признание.