Интервју со Наде Проева, универзитетска професорка по античка историја
На крајот од минатата година од печат излезе книгата на Ангел Динев, „Народносната свест на македонските Словени“, која вие ја приредивте и преведовте од бугарски на македонски јазик. Што ве предизвика, како стручњак за античка историја, да се зафатите со приредување и превод на книга од поновата историја на македонскиот народ?
– Вo ова зовриено време, време-невреме, време на политичка некадарност, недоветност, злоупотреби, на срамна понизност на нашите политичари кон странците и соседите со прифаќање на нивните уцени, на бесмислените, неразумни и неверојатни барања, ниеден здраворазумен човек не може да молчи и да седи со скрстени раце. Имено, кога го „слушам“ громогласниот молк на најголемиот број од моите колеги, а за нашиве политичари, кои ги потценија значењето и знаењето на историјата, и да не зборувам, сфаќам дека многу важни работи од нашата понова историја не се знаат, за жал дури и од професионалци, и дека во време на жестоки негирања на нашиот јазик, култура и историја, треба на пошироката јавност да ѝ се предочат неспорните, непобитните и недвосмислени факти важни за нашата самобитност и за одбрана од негирањата. Жално е што прашања коишто се одамна расчистени, книгата е објавена во далечната 1944 г., од историчар-самоук, којшто дава згуснат приказ за текот на борбата на македонскиот народ за своја слобода и држава (од основањето на ВМРО до создавањето на современата македонска држава), како и проникливи објаснувања на борбата за слобода, не се знаат и не се користат во одбрана на нашиот загрозен национален идентитет, а со тоа и на државата чиишто темели нашите неуки и поткупливи политичари ги разнишаа и ја клекнаа на колена. Поттикот, пак, дојде од библиофил, кој откако нашол примерок од книгата ми го даде, барајќи стручно мислење за нејзината содржина, а потоа и го помогна печатењето на книгата. Ова е важно, дотолку повеќе што преводот направен во далечната 1983 година, без никакви објаснувања и наместа неточен (не е направен од историчар), одамна е исцрпен и ова дело е недостапно за широката публика.
Вашиот предговор кон преводот на книгата е насловен „Зошто Динев и зошто сега?“ Навистина, зошто?
– Одговорот може да се насети од претходно кажаното. Во време на вжештување на идентитетските прашања од страна на бугарските политичари и исполитизирани општественици и интелектуалци, во време кога не само што се негираат македонскиот народ и неговиот придонес во културната ризница на светот, како што се словенската азбука и писменост (Светите Кирил и Методиј) туку и се гази врз неговото достоинство, кога нашите неуки и снисходливи политичари ги прифаќаат сите барања на соседите и дозволуваат мешање во внатрешните работи на државата извојувана со невидени жртви, нема подобар миг за отпретување на оваа подзаборавена, мала, но многу поучна и корисна книга, чиј автор бил сведок и непосреден учесник во последната фаза од организираната борба на македонскиот народ за слобода и за своја држава. Знам дека многумина, на прво место нашите политичари, нема да ја прочитаат (бугарските многу добро ја знаат и, се разбира, ја премолчуваат), зашто денес, во ера на брзи електронски средства за (не)учење, ретко кој чита. Но сигурна сум дека на оние што ќе ја прочитаат, многу работи ќе им се разјаснат и ќе им помогне да се снајдат во морето од лаги и полувистини со коишто сме бомбардирани од сите страни: почнувајќи од соседите, домашните петтоколонаши и вртикапи, до меѓународните „демократи“ кои нѐ учат, како да сме малоумни, кои сме и какви треба да бидеме, според нив. Кажувајќи ни работи што ни во сон не би ги примениле кај нив, всушност нѐ користат како експериментални глувци за некакви нови либерални идеи што ги испробуваат врз нас. И за да се спречи ваквиот обид за одмакедончување треба сите, особено помладите, да се вооружат со знаење и со силата на фактите да им се спротивставиме и на негаторите и на „докторите“ од светската лабораторија на неолибералниот капитализам, за пресоздавање и преобликување на народите, во што нѐ втурнаа нашиве однародени политичари. Затоа, мислам дека секој треба да ја прочита оваа книга.
Освен предговорот, со што го вовлекувате читателот во темата, книгата има резиме на англиски јазик, голем број објаснувања, белешки за личностите споменати во книгата.
Со тоа го будите интересот на читателот, го поттикнувате на размислување и го олеснувате читањето и всушност ни давате две книги во една. На што се должи ваквиот ваш пристап?
– Што се однесува до вашата забелешка дека пред нас се две книги во една, тоа е резултат на научниот пристап и правилата за преведување книги со изворни сведоштва за минати настани. Кога станува збор за вакви книги, нештата што се нејасни за денешниот читател се објаснуваат и тоа е т.н. критичко приредување на изворната книга, а не гол превод, какви што се, за жал, речиси сите наши преводи. Во случајов имаме изворен приказ на политичките околности со сведоштва на непосреден учесник во последната фаза од борбата на македонскиот народ за слобода и своја држава, којшто не е само хроничар и набљудувач туку како учесник, којшто лично ги познава другите учесници, ги прикажува историските настани токму преку нивните дела и ги објаснува последиците на историските настани. Затоа Ангел Динев со право се вбројува меѓу основоположниците на македонската историографија, нешто што кај нас не е доволно вреднувано. Белешките за личностите, во најголем дел учесници во различни фази од борбата, се неопходни за разбирање на сложените историски состојби и услови во кои тие живееле, твореле и се бореле за слободата на својот народ, не штедејќи се себеси, запоставувајќи го својот приватен живот и жртвувајќи го. Меѓу нив има и странски државници што на некој начин биле вовлечени во расправите за судбината на Македонија (Гледстон на пр.). За жал, поддршката од европските државници изостанала не само поради пропагандите на заинтересираните соседи, при што најсилна била бугарската, туку и поради нивните геостратегиски интереси, та така тие го поддржале распарчувањето на Македонија за да ги задоволат барањата на нивните сојузници во Балканските и Првата светска војна. На силната бугарска пропаганда се надоврзува и барањето на врховистите за приклучување на Македонија кон Бугарија, но големите сили не можеле да дозволат да биде голема и моќна држава што ќе излегува на три мориња како што замислувале некои, исто како и за другите заинтересирани држави, зашто во таков случај не би можеле да го задржат своето влијание на Балканот. Резимето на англиски јазик е наменето за јазичните туѓинци што се интересираат за овие прашања, со надеж дека ќе ги поттикне непристрасните истражувачи продлабочено и суштински да се зафатат со изучување на овој период од македонската историја, кој во странство, за жал, е претставен речиси исклучиво преку бугарската историографија.
Колкави се, според вас, значењето и важноста на оваа досега „запретана“ книга за македонската јавност и кои се најважните аспекти обработени во оваа книга?
– Важноста во прв ред се состои во јасните согледувања за причините на поразите во борбата за слобода, за грешките на македонските револуционери во однос на политичката стратегија и тактика, како и за талкањата во однос на националното самочувство на некои од нив. Тоа што при читањето на оваа книга мене ми остави многу силен впечаток е храброста на авторот да се признаат грешките направени во текот на борбата, како и отвореноста и подготвеноста да пишува и да ги објаснува и најболните прашања од борбата на македонскиот народ, нешто што им недостига на нашите историчари, коишто ги избегнуваат, не сакаат, се плашат или не знаат да ги објаснат нерасчистените и болни прашања. А тоа, пред речиси еден век, смело го направил Ангел Динев, иако без професионално историско образование, но со смел и прониклив дух на вистински борец за слободата на својот народ и татковина. По читањето на неговата книга може јасно да се согледаат причините за колебливоста на одделни дејци во однос на нивното народносно потекло и национална свест. Причините се пропагандите на соседите – во прв ред големобугарската, физичките прогони и убиства, како и нивната тешка материјална состојба. Кога на тоа ќе се додадат и личните амбиции на одделните личности и ќе се земе во обѕир и различната морална цврстина на секој од нив, а пак кај некои и преголемата, ако не и наивна верба во „братската“ помош од Бугарија, со што несвесно работеле во нејзина корист, работите стануваат јасни. И кога ќе се согледаат сите овие причини, тогаш во извесна мера се амортизира одбојноста кон погрешните постапки што биле направени како од поединци така и од Организацијата и коишто делумно се должат и на можностите и на условите во тоа време.
Но најважното, според мене, е тоа што авторот ги објаснува причините за талкањата во однос на националното определување на дел од македонските дејци. Во прв ред тоа е образованието на туѓи јазици, преку црковните училишта отворани во Македонија од соседните држави. Во немање училишта на македонски јазик, тие пишувале на својот мајчин јазик, но со туѓа азбука – грчка, бугарска, српска, во зависност од тоа во какво училиште се образувале, како што јасно се гледа од многу зачувани документи. Соседните држави, пак, го попречувале развојот на македонскиот книжевен јазик, а со тоа и развојот на националната свест. Така во Бугарија биле забранувани списанијата на македонските литературни здруженија. Некои, пак, како што е случајот со списанието „Лоза“ (орган на Младата македонска книжовна дружина, чијашто цел била изградба на македонски книжевен јазик), по првите четири броја (1892), под притисок, ги отфрлиле македонската фонетска ортографија (реформирана бугарска азбука со графеми за меките консонанти к’, г’, л’, н’) и македонскиот говор и почнале да пишуваат на тогашниот бугарски правопис и јазик (последните два броја). Поради прогонот на т.н. лозари, членови на здружението, списанието згаснало. Но, најважната грешка, според авторот, било тоа што Организацијата го запоставила развојот на македонскиот книжевен јазик. Имено, главната цел на Организацијата била политичко ослободување на народот од вековната беда и зачувување на целовитоста на Македонија. За тоа особено бил свесен и се борел Гоце Делчев: „Нашата неодложна задача е да бдееме Македонија да не се распарчи територијално“. Но, како што пишува авторот, се покажало дека наставата на бугарски јазик била погубна грешка, зашто наместо проверени учители што ги поставувала Организацијата, откако таа ослабнала, егзархијата ги „презела“ училиштата и поставувала врховисти, коишто ја спроведувале големобугарската политика.
И за крај, како се чувствувате во овој зовриен историски миг и како човек и како научник историчар, којшто може да ги согледа незавршените процеси што течат пред неговите очи и какво е вашето мислење за нашата иднина? Може ли да се каже дека карикатурата во вашата книга, преземена од насловната страница на американскиот хумористичен весник „Пак“ од 1903 година, ја отсликува и денешнава состојба?
– Во ова време-невреме, многумина се песимисти, но јас сум оптимист. Народ што изодел толку трнлив пат и издржал толку погроми не може да се откаже од себеси и кога-тогаш ќе ги земе работите во свои раце. И Динев, кога зборува за надежите на притаените, како што тој ги нарекува, големобугарски и големосрпски империјалисти, кои оставиле свои наследници и коишто сигурно ќе се обидат, во за нив погоден миг, да го превртат и преобратат македонскиот народ и да предизвикаат нови збрки и потреси, се прашува: „Ќе успеат ли?“ И веднаш одговара: „Не, тие никогаш нема да успеат, штом досега не можеле да го претопат македонскиот народ“. Просто е неверојатно ова негово пророчко мислење што, во современата бугарска држава – уште и членка на ЕУ – повампирени истомисленици на некогашните фашисти со сета жестина го прават по осамостојувањето на Македонија. За жал, и во меѓународната т.н. демократска заедница се случува тивка, но многу опасна ревизија на минатото и изедначување на фашистите со антифашистите, и на нацизмот со комунизмот. Добро забележавте: карикатурата каде што Бугарин со сабја ја сече главата на Македонец (персонификации на Бугарија и на Македонија) одлично ја отсликува 150-годишната, за жал неизменета, политика на Бугарија кон Македонија.