Соговорниците предупредуваат дека не е доволно да се има секојдневен и активен пристап на социјалните мрежи, туку дека е потребна квалитетна интеракција со корисниците на социјалните мрежи, кои се и потенцијални гласачи. Меѓутоа, секојдневното присуство на македонските политичари во виртуелниот медиумски простор претставува и потенцијален ризик за нив од евентуална „презаситеност“ на граѓаните, од вести што само едноставно поминуваат како на филмска лента, без да влегуваат во содржината на вестите од политичарите
Социјалните мрежи впрегнати во функција
на политичарите и политичките партии
Паралелно со освојувањето на медиумскиот простор на традиционалните медиуми, македонските политичари се обидуваат да ги придобијат „симпатиите“ на граѓаните во виртуелниот простор. Во предновогодишниот период, македонските политичари и функционери секојдневно објавуваа информации за своите активности на своите веб-страници. Со ваквиот начин на политички маркетинг, нашите политичари и функционери се обидуваат да го следат примерот на светските лидери, кои своите најзначајни одлуки ги објавуваат најпрво на своите т.н. налози, кои се отворени на повеќе социјални мрежи. Експертите за политички маркетинг предупредуваат дека не е доволно да се има секојдневен и активен пристап на социјалните мрежи, туку дека е потребна квалитетна интеракција со корисниците на социјалните мрежи, кои се и потенцијални гласачи. Меѓутоа, секојдневното присуство на македонските политичари во виртуелниот медиумски простор претпоставува и потенцијален ризик за нив од евентуална „презаситеност“ на граѓаните, од вести што само едноставно поминуваат како на филмска лента, без да влегуваат во содржината на вестите од политичарите.
Во светот има многу позитивни примери за искористување на социјалните мрежи во политички маркетиншки цели. Комуниколозите што ги следат активностите на социјалните мрежи го издвојуваат примерот со победата на Барак Обама, што се припишува на неговиот маркетиншки тим, кој беше активен на социјалните мрежи. Во предизборната кампања во 2008 година во името на Обама беше одговорено на 225 илјади прашања од граѓаните! Предноста на социјалните мрежи ја искористи и Доналд Трамп, кој победи на изборите за американски претседател во 2016 година. Трамп се идентификува и како промотор на „твитер-дипломатијата“ и оваа социјална мрежа најчесто ја користеше за испраќање на своите политички пораки.
Можноста на социјалните мрежи за сопствена промоција и партиска кампања се користи и од политичарите на Балканот. Во Србија, на пример, политичките партии од власта и од опозицијата го поделија интернет-просторот за својата промоција. Имено, според истражувањата на тамошните маркетинг-агенции, владејачката партија СНС им се обраќа главно на корисниците на Фејсбук, кои според некои истражувања се и најголемите гласачи на оваа партија. Додека лидерите на опозицијата најчесто своите пораки ги испраќаат преку Твитер.
Во Македонија најкористен социјален медиум е Фејбук и затоа партиите најголемиот дел од времето и буџетот го посветуваат за маркетинг-кампањи на оваа платформа. Но како што посочуваат досегашните истражувања, кампањата преку социјалните мрежи е насочена главно кон партиски определените граѓани, а објавените вести наидуваат на реакција само кај цврсто определените граѓани.
– Токму деновиве ја завршуваме годинашната анализа за степенот на користење на социјалните мрежи од страна на јавните функционери и институциите што ги раководат. Состојбата е незначително промената, а заклучоците генерално остануваат следни: политичарите ги користат социјалните медиуми, главно Фејсбук, на второ место е Инстаграм, додека „бегаат“ од Твитер. Институциите што тие ги раководат многу помалку внимание посветуваат на користењето на социјалните медиуми, а наместо тоа, фокусот го ставаат на политичарите, што е во одредена мера неодговорно. Дополнително, институциите во голема мера имаат и свои јутјуб-канали каде што се објавуваат прес-конференции, гостувања на ТВ или, пак, седници на совети ако се работи за локалната самоуправа. Она што е видливо и овој пат е користењето на социјалните медиуми од страна на огромното мнозинство политичари само како еднонасочен канал. Тоа значи дека тие само ги соопштуваат своите пораки и воопшто не слушаат, ниту пак одговараат на прашањата и коментарите од граѓаните. Напоменувам дека социјалните медиуми постојат за двонасочна комуникација и интеракција во реално време, а не само за „држење место“ во виртуелниот простор или уште канал каде што ќе „спамирате“ со политички пораки и пропаганда. Дополнително, ако сте јавен функционер или раководите со јавна институција, првенствено тоа значи дека треба да имате тим посветен на социјалните медиуми со единствена цел да ги направи јавните услуги многу подостапни и да одговора во минути на прашањата и барањата на граѓаните, кои произлегуваат од делокругот на работа на вашата институција – вели Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми. За тоа како би го оценил квалитетот на политичкиот маркетинг на социјалните мрежи во Македонија, Кордалов би дал оценка меѓу двојка и тројка.
– Едноставно, присуството е бидејќи некој проценил дека е тренд да се биде таму, а воопшто не се користат придобивките и можностите што мрежите ги нудат. Едни исти активности, применети за првпат пред деценија и повеќе сѐ уште се рециклираат, односно не се нуди никаква инвентивност или свежина во целиот процес. Ако на ова го додадеме и немањето желба за реална транспарентност и отвореност кај дел од јавните функционери, односно желбата да се биде „под радарот“, со цел полесно да се помине мандатот и да се земаат високите функционерски или менаџерски плати, резултатот е тоа што го гледаме денес. Многу треба да се менува, навистина многу, но за да биде промената позитивна, потребно е граѓаните да се стават во фокусот на комуникацијата преку социјалните медиуми – нагласува Кордалов.
Колку ваквиот настап влијае на промената на одреден став кај граѓаните за одредени општествено-политички теми во земјата, нашиот соговорник нѐ упатува на општата апатија што постои кај граѓаните, што се виде и преку нискиот одзив на последните локални избори во земјата.
– Бројките самите го покажуваат фактот дека постои политичка апатија, која во извесна мера е наметната од лошата комуникација на политичарите и јавните институции со традиционалните медиуми (медиумските работници), како и непостоењето професионална комуникација директно со граѓаните преку социјалните мрежи. За првпат овие избори речиси еднаков број гласачи излегоа на гласање, колку што се одлучија да останат дома. А ако ги соберете бројките на анкетите со кои партиите лицитираат периодов, ќе ја добиете истата слика: еднаков број граѓани што би гласале за одредена политичка партија/листа и исто толку што нема да гласаат, не сакаат да одговорат или не се одлучиле. Ако сето ова не е мотивација за партиите да се подобрат и професионализираат во делот на комуникацијата и првенствено да се подобрат во интерес на граѓаните, најмалку е важно какво е моето мислење како комуниколог или на кој било друг специјалист во својата област – заклучува комуникологот Бојан Кордалов.