Овдешни високи политичари наместо да се посветат на решавање на крупните проблеми со кои се соочуваат државата и граѓаните, тие времето го трошат токму на отворање градинки, игралишта, чешми и други ситни проекти што се исклучиво во надлежност на локалната самоуправа. Проектите од локален карактер не дека не се важни, но носителите на државните функции се политичари од повисок профил и ним граѓаните им дале мандат да ги решаваат прашањата со поголема
политичка и специфична тежина, како што се евроинтеграциите, корупцијата, инфлацијата, енергијата, здравството…
Локални проекти со повисок публицитет и приоритет отколку стратегиски државни прашања и капитални зафати
Во време кога Македонија е исправена пред сериозни предизвици во делот на новите геостратегиски прераспределби, кога се соочува со растечка економска и енергетска криза, кога треба да најде решенија за деблокирање на евроинтегративниот пат, политичарите, особено оние од покрупен калибар, се тие што треба да посветат максимално време и енергија за да најдат решенија за сите овие наталожени проблеми.
Токму таква посветеност може да се забележи кај водечките европски, но и светски премиери, претседатели, опозициски лидери, кои главниот фокус на своето работење и сета енергија во овој момент ги трошат исклучиво на реализирање на државните интереси и на она што е најдобро за заштита на стандардот на нивните граѓани.
Во таквиот контекст, едноставно е несфатливо францускиот претседател Макрон или, пак, германскиот канцелар Шолц да го троши времето на отворање спортски игралишта, паркови и градинки низ земјата, бидејќи нивните граѓани очекуваат од нив тие да се занимаваат со крупна политика, а не со локални комунални проекти.
Важи ли кај нас некоја друга политичко-маркетиншка логика
Она што е практика во Европа и во светот, очигледно во Македонија не наидува на плодна почва, па овдешните високи политичари наместо да се посветат на решавање на крупните проблеми со кои се соочуваат државата и граѓаните, тие времето го трошат токму на отворање градинки, игралишта, чешми и други ситни проекти, кои се исклучиво во надлежност на локалната самоуправа.
И оваа практика не е од неодамна, туку веќе со години премиери, министри и лидери на политички партии ги трошат сето време и енергија појавувајќи се на разни партиски трибини, промовирајќи некоја чешма, градинка, спортско игралиште или крак од некоја локална уличка, додека во меѓувреме крупните проблеми остануваат нерешени.
Повеќе од јасно е дека улогата на водечките политичари е да решаваат крупни проблеми со кои се соочува државата, да се грижат како подобро геостратегиски да ја позиционираат, како да издејствуваат повеќе инвестиции, да ја раздвижат економијата, да го развијат енергетскиот сектор, да се посветат на реформи на правосудниот и образовниот систем, да започнат сериозна борба со криминалот и корупцијата, да обезбедат инфраструктурен развој, едноставно да направат поубаво место за живеење на своите граѓани, а не само немо да набљудуваат како младите се иселуваат.
Без оглед што Македонија е мала земја, секое одење на такви промоции одзема време и се трошат средства, иако истото тоа време може да се посвети на подготовка на некоја нова стратегија, наоѓање креативно решение, некој нов обид за политички консензус за клучните државни прашања.
Државните функционери да бидат многу поодговорни и попосветени на крупните работи што се важни за државата
Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува со констатацијата дека политичарите од висок калибар треба да работат на решавање на суштинските проблеми на граѓаните и да се грижат за државните интереси, а не да шетаат наоколу и да изигруваат локална самоуправа.
– Политичарите од повисок профил не треба да се појавуваат на такви манифестации, кои се исклучиво од локален карактер, без оглед дали се од власта или од опозицијата. Но кај нас се појавуваат и тоа е некаков облик на маркетинг, кампања или слично. Во суштина тоа е најдобар доказ дека не се концентрирани на прашањата што се битни за државата и за граѓаните на ниво на глобални движења, државна тактика, стратегии, прашања од тој тип, туку одат на варијантата дека штом се присутни меѓу народот, наликува дека се блиски до него, тоа само по себе е доволно и не треба ништо друго да прават – вели Андревски.
Според него, не е важно политичарите да се појавуваат на локални настани, трибини и слично, колку што е важно да ги знаат реалните проблеми со кои се соочува државата и граѓаните.
– Политичарите треба да ги знаат реалните проблеми и да работат на нивно решавање во рамките на институциите со средствата со кои се располага, рационално и економично – нагласува Андревски.
Тој додава дека ова се времиња кога треба да се искористи секој момент и да се прават анализи, да се подготвуваат стратегии, да се креираат решенија за сите предизвици со кои се соочува државата.
– Македонија е мала, но повторно тоа се патувања, приеми, престој, со други зборови, потрошено време и пари. Тие политичари едноставно се надвор од системот, промислувања, анализирања, а во согласност со тоа и од системот на одлучување. И водечките политичари од власта, но и оние од опозицијата, треба да се среќаваат, да бараат решенија во интерес на државата, а не да го губат времето на локални настани. Впрочем, која е тогаш улогата на локалната власт? Ова што нашите политичари го прават е ситно чаршиско однесување во време кога треба да бидат многу повеќе одговорни за крупните работи што се важни и за државата, но и за граѓаните – заклучува Андревски.