ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕОБЈАВЕНО
Александар Сариевски беше и остана исклучителна личност, врвен уметник, професионалец на изворната и на новосоздадената македонска народна песна. И самиот беше автор, а отпеа над 400 изворни народни песни и новосоздадени и ги остави во трезорот на продуцентските куќи на МРТВ, РТБ и во други музички куќи, ги оттргна од заборав, вечно да опстојуваат, да се пеат и ќе се пеат. Нивните содржини ги опејуваат македонскиот бит, опстојба, борба за слобода, за чување на исконското и на богатото културно наследство создавано со векови во Македонија и особено во Мијачијата.
Тој беше тенор, што е највисок машки глас во модерниот регистар на пеењето. Зборот „тенор“ потекнува од латинскиот „tenere“, што значи ниво на гласовна издржливост. Кариерата на Александар Сариевски траеше повеќе од шеесетина години, неговите гласовни можности беа како планински пејзаж исткаен од ѕвонот на ѕвоната што се пренесува екотно од рид на рид, од село во село и притоа истакнувајќи ги наративната и тонската издржливост што ги пали сетилата. За него слободно може да се каже дека е вистинска музичка легенда.
Со првите интонативни компоненти на неговата во вечноста всадена „Зајди, зајди“ и тенорот што се пренесува гласно кон хоризонтот и кон слушателите што ги маѓепсува, кај вас се запечатува засекогаш сознанието дека Александар Сариевски е неповторлив музички талент, кој се раѓа еднаш на сто години, со квалитетот на изведбата што остави силен печат во македонската музичка галаксија.
Сариевски е роден во Галичник, пред 100 години, третото одделение го завршил во основното училиште „Ѓорѓи Пулевски“ во родното место, а потоа се преселува во Скопје, каде што го завршува средното образование и целиот живот го посветил на песната и фолклорот.
Два повода, мошне актуелни, се предизвикот денешнава колумна „Забележано, необјавено“ да ја посветам на времето минато и сегашно, кое ја отсликува вредноста на негувателот, чуварот и афирматорот на македонската песна низ светот и за неговиот македонски патриотизам. Првиот повод доаѓа од случувањата од меѓудржавната политика со соседна Бугарија. Нашиот источен сосед со месеци ја бранува македонската јавност со негирањето на македонскиот јазик, а од друга страна го имаме индолентниот однос на македонските власти, кои воопшто не се ангажирани во одбрана на ова значајно прашање во опстојбата на Република Македонија, но се соочува со голем отпор на стручната фела во Македонија и на Македонците воопшто. Вториот повод е музичкиот концерт што се одржа во Галичник, посветен на одбележувањето на големиот јубилеј 100 години од раѓањето на неповторливата музичка легенда Александар Сариевски.
Многу средби и разговори имав со почитуваниот Александар Сариевски, кој со мајка ми Милица Шулевска (Ќипроска) седел во иста училишна клупа, како што ми раскажуваше мајка ми, а на училишните приредби ги воодушевувал присутните со прекрасниот глас и пеењето на галичките печалбарски и патриотски песни.
На 18 ноември 1984 година, на свечен начин, Собранието на Општина Гостивар му го додели на Александар Сариевски највисокото општинско признание за животно дело, „Осумнаесетти ноември“, за сѐ што направил за афирмација на македонската песна и фолклор, за културното богатство, за природните убавини на општината и на Македонија. Во подолгиот разговор што го имав по добивањето на признанието, за музичките почетоци ми изјави: „Првите настапи ги имав на Радио Скопје, во живо и сам се пратев со хармоника, тоа беше пред Втората светска војна. Но кога Македонија во 1942 година беше под бугарска окупација, по четвртиот настап, дојде моето големо разочарување. Одговорните на музичката редакција почнаа да ги преправаат македонските песни во бугарски и во радиото не стапнав, сѐ до ослободувањето. Одолеав на големите притисоци што беа вршени, ми нудеа парични и други привилегии. Без двоумење ги отфрлив сите понуди, си велев, со сила Бугарин не станувам, јас сум Македонец и така ќе си умрам. Срцето и душата не ми дозволуваа да се продадам, да се одродам од мојот македонски народ, од македонскиот дух, македонскиот патриотизам беше присутен кај сите и секој на свој начин се бореше да останеме Македонци, иако имаше пропаганди и влијание и од другите соседи“.
На прашањето кој настан му останал во сеќавање, Сариевски ми одговори: „Многу настани, средби, седенки ми се драги и незаборавни, многу од нив ми се меморирани и ќе ги носам додека сум жив. Сепак, би го одделил настапот во Галичник, по повод свеченото пуштање во употреба на хотелот „Неда“, на 16 јули 1980 година. По завршувањето на официјалниот дел, со Виолета Томовска и оркестарот на Кочо Петровски, неформално ја продолживме веселбата со Велимир Ѓиноски, генерален директор на ХЕЦ „Југохром“ од Јегуновце, и Симон Дракул, писател. Ние тројцата, новоформираното „машко мијачко трио“, исполнивме десетина изворни мијачки песни, некои од нив подзаборавени. Публиката задоволна од нашиот настап нѐ награди со бурен аплауз. Овој настан не можам да го заборавам“.
Пред одржувањето на 48-то издание на „Галичка свадба“ (16 и 17 јули годинава), на платото пред монументалната црква „Св. Петар и Павле“ во Галичник, се одржа величествен концерт посветен на јубилејот 100 години од раѓањето на македонската музичка легенда Александар Сариевски, човекот што даде голем влог во афирмацијата и заштитата на оригиналноста на изворните македонски печалбарски, патриотски, љубовни, шегобијни, лирски песни и на неговите авторски песни, кои низ времето се обнародија. Сариевски беше и чест гостин и учесник на манифестациите во Галичник.
Концертот професионално го организираше Месната заедница – Галичник, која му оддаде големо признание на својот соплеменик, кој го афирмира Галичник низ светот. Песните на Сариевски ги интерпретираа Благоја Груески, Наум Петрески, Сашо Гигов-Гиш, Снежана Сариевска (ќерката на Сариевски), Далибор Ѓошиќ и други, а ги придружуваа народниот оркестар на „Танец“ и оркестарот на народни инструменти „Стевче Стојковски“.