Изложбата му ја посвети на твоето село Бапчор, кое веќе не постои, зашто во каталогот не напиша и,,северна“, нели во договорот од Нивици така треба да се нарекува Република Македонија, ме запраша пријателот Јани, кој со неговата придружничка Лена се родени во селото Русилово, близу Воден. Лена е самоука сликарка, Јани е музичар, привремено живеат во Германија и секогаш кога поминуваат низ државава застануваат во Скопје, секогаш наоѓаат време да се видиме, овој пат се сретнавме на градскиот плоштад.
На неговото прашање му одговорив: Јани, според мене тоа што се случи во Нивици е резил, оттука приврзокот,,северна“ не го почитувам, зашто тој договор беше склепан насила, на валкан начин и е против волјата на народот. Каталогот за изложбата сам го финансирав и затоа нема „северна“. Коле, и мене не ме аресва договорот од Нивици, продолжи Јани, сега покрај Хан и Могерини, каде се нашиве Ципрас и Коѕијас и вашиве Заев и Димитров? Во целата таа смешна политичка забава често се прашувам зошто го сменивте името и зошто се откажавте од нас Македонците што живееме во таа Македонија во Грција. Мислам, ниту една друга држава такво нешто не би направила да се откаже од своето малцинство што живее во соседството. Вашите политичари велат Македонците во Грција нека се борат сами за своите права и не сакат да знаат на кој јазик зборваме, утре и за Македонците од Пиринска Македонија ќе речат не е наша работа, потоа и за тие од Албанија исто така, нели тоа е глупаво?
Лена по малку срдито се уфрли во разговорот: Коле, со овој мојот се договоривме кога одиме надвор од земјава да молчи, ама тој само дрдори, не знам што да правам со него. Море, Јани, нештата како тие од Нивици не ги решаваат луѓе како Коле и овие што шетаат овде на плоштадот, туку таквите работи ги прават политичарите наши или овие одовде. И уште нешто, дали знаеш каде сега се надваме или не знаеш? Лена, во Скопје се надваме, нели одејќи кон Германија се договоривме да застанеме во Скопје и да се видиме со Коле! Во Скопје да, продолжи Лена, ама дали знаеш дека сме под споменикот на Александар Македонски и да не сакаш да му ги видиш јајцата на Букефал? Затоа молчи, молчи! Лена, ти некои нешта или не ги знаеш или не сакаш да ги знаеш. Сега Република Македонија е самостојна и независна држава, и добро што е така, сите малцинства ги уживаат основните човекови права, и пак добро е што е така, ние во Македонија гледавме светлина и надеж дека еден ден и ние како лојални граѓани на Грција ќе ги уживаме нашите малцински права и гледаш што ни приредија овдешните политичари во дослух со тие нашиве одоздола? Лена, во Македонија сега сѐ се продава, од игла до локомотива. Нѐ продадоа нас, Самоил веќе е даден, можеби следуваат Гоце, Јане и не знам уште кој!? Лена, ако мислиш на Александар, и тој е даден топтан заедно со Букефал и неговите јајца. Ние што живееме таму долу сега заедно со Александар и Букефал сме антички Македонци, овие одовде, како Коле, кој е роден под Вич Планина, се поинакви Македонци тие од Пиринска и од Албанија не знам како ќе ги крстат, со еден збор нѐ направија каша-попара.
Лена, гледајќи кон Јани, ги стави рацете врз образите, почна силно да се смее. Јани, за мој атар, молчи барем еднаш, ова што го зборваш вели го таму долу, овде сме во друга држава, мила ми е, но одиме кон Германија! Коле, порано Лена не беше ваква плашлива како што е сега, ќе ти кажам една приказна. Не многу одамна во селата од долна Македонија, кога се одржуваа свадби или други семејни веселби, замисли сретсело музичари свират, луѓе играат оро, ама сите молчат, не можеа да проговорат ниту збор, бидејќи македонскиот јазик беше забранет, дури за такво нешто се одеше во затвор. Лена беше таа што ми рече да напишам музика и луѓето да зборват, да пеат. Напишав музика и неколку жени од разни села ги викнавме да пеат стари изворни македонски песни. Направивме успешно цеде, го крстивме „Молчи-молчи“, нели и тебе ти дадовме едно. А сега Лена ми вели молчи, молчи. Пред такви работи не можам да молчам.
Да, потврдив, и сѐ уште го имам цедето, кога патувам со кола си слушам музика од него, од „Молчи-молчи“. Лена почна повторно да се смее, со намера да се воздржи од смеењето седна покрај еден од лавовите од фонтаната. Со радосни солзи во очите погледот го насочи кон нас. Јани, да те прашам нешто. Ти и Коле да не сакате да правите голема Македонија, како што Бугарите мечтаат за санстефанска Бугарија или Албанците за Илирида. По прашањето, Лена почна уште посилно да се смее. Гледајќи во Лена, ја прифативме нејзината шега со Јани и почнавме и ние да се смееме.
Како домаќин, околу пладне ги однесов во еден ресторан сместен на кејот на Вардар, спроти Министерството за надворешни работи на Република Македонија. Пријатели, сакам и јас да ви раскажам една историска приказна, која сум сигурен дека и вие ја знаете или сте чуле за неа. Во изминативе стотина, да не кажам илјадници години, Македонците од границите на етничка Македонија поминувале низ страдања и неподносливи ропства, но и во такви историски и трагични услови не се откажале од идејата да создадат своја самостојна и независна држава. И еве, денес, ја имаме Македонија како самостојна држава. Нашата трагика се состои во тоа што некои домашни политичари, потпомогнати однадвор, наместо да ја развиваат и градат новата држава, првата идеја што им доаѓа во главите е да почнат да ја крадат првата самостојна и независна Република Македонија. Без трошка совест таквите и денес немилосрдно продолжуват да копаат во утробата на сопствената држава Македонија.
По кратката закуска, на Лена и Јани им посакав добар пат кон Германија.