Фото: Игор Бансколиев

КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО КАКО СТОПАНСКА ГРАНКА НА МАКЕДОНИЈА

Република Македонија е носител на македонскиот континуитет, но во моментов се наоѓа во фаза на интензивно обезличување по сите основи, па затоа е потребно нејзино повторно оживување, имајќи го предвид сиот цивилизациски и културолошки обем што ги носат со себе и името и територијата Македонија. Следните десетина години е потребно Македонија својата енергија да ја насочи кон функционално искористување на културното наследство и идентитетските обележја.
Што значи сето тоа? Македонија, територијално, му припаѓа на Медитеранскиот културен комплекс, делот од светот каде што се раѓале и замирале цивилизациите и империите, оставајќи длабока културна трага зад себе. Сите држави што гравитираат околу Средоземјето имаат богати културолошки наслаги – сведоштва за сопственото постоење. Почнувајќи од самиот влез на Средоземјето, Гибралтарот, па до сувите предели на некогашна Месопотамија, овој простор откога постојат цивилизациите е мегдан за културолошка доминација, економски и технолошки развој, но и меѓусебни војни.
Овој цивилизациски ареал кон крајот на XX и почетокот на XXI век за организираните држави, а особено за нивните умешни лидери, е период кога културолошката меморија, идентитетските признаци и економската моќ се спојуваат во едно и се создава цела една стопанска гранка од која живеат државите, градејќи ги притоа своите заштитни белези. Овде доминираат државите што имаат директен излез на Средоземјето, но секако и континенталните држави (без излез на море) во оваа целина.
Токму тој е патот што нужно мора да го започне Македонија, односно преку спојот на културното наследство, идентитетските маркери и економските придобивки да изгради моќна стопанска гранка, која едновремено ќе биде и силен идентитетски браник и моќен финансиски двигател, кој ќе анимира повеќе стопански области, како: туризмот, угостителството, сместувачките капацитети, ракотворството како вештина…, а покрај тоа и многу придружни области што го „хранат“ туризмот. Спојот на културата и економијата е најсилниот бедем за опстојување на една држава и народот во неа, бидејќи државата, односно сопствениот идентитет се брани, но и се оплодува за да продолжи да постои. Спојот на културата и парите е несоборливата тврдина што ја крепи секоја држава. Без овозможување на неопходните предуслови за постоење на македонскиот народ – мир, стабилност, простор и можности за дејствување – бесцелно е голото бранење на нарушеното идентитетско постоење.

Колку е голема ползата од влогот во културата, особено во културното наследство, зборува податокот дека во периодите кога во Македонија се посветувале време, пари, труд и знаење во културата, секогаш имало зголемен интерес кај младите за студирање на општествените науки поврзани со идентитетските и културолошките прашања. Така, тогаш дури имало и наплив на Институтот за археологија и историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Скопје, но и голема заинтересираност за сродните дисциплини, како: историја, етнологија, македонски јазик и книжевност. За издавачката дејност посветена на културното наследство во тој период не станува ни збор колку многу се вложуваше, бидејќи само редоследно набројување на публикациите зазема простор на подолг есеј: четиритомната енциклопедиска едиција „Македонија – милениумски културно-историски факти“, едицијата „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија“, едицијата „Македонско културно наследство“ во која сеопфатно се обработија археолошките локалитети, христијанските споменици, османлиските споменици и Охрид како светско наследство, монографски изданија посветени на Скопското кале, Скупи, Хераклеја, Баргала, Охридската тврдина итн. Исто така, заради влогот во културата во одреден период Скопје го презеде туристичкиот примат пред Охрид. Сѐ што треба да се направи е културна ренесанса во цела Македонија – во сите градови и села!

„Концесии и јавно-приватно партнерство“, „Вршење стопанска дејност во заштитени добра“ и „Користењето име или облик на културно наследство за комерцијални цели“ се деловите во Законот за заштита на културното наследство, во поглавјето „Користење на културното наследство“, кои претставуваат почетна точка околу која треба да се постави и да се развие целокупниот македонски систем за функционално ползување (квалитативно и финансиски) на македонската културолошка слоевитост. Токму тука лежи законската основа за системски спој на културата и туризмот. Комерцијалното користењето за кое станува збор првенствено се однесува на ситуациите кога името, обликот или друг препознатлив дел на заштитено добро се употребуваат за промотивни активности на стопанските субјекти насочени кон: а) создавање имиџ на фирмите и нивната промоција; б) создавање имиџ и промоција на производи и в) создавање имиџ и промоција на услуги.
Но денес, кога Македонија го пробива дното на темелите на своето постоење, за сите овие научни дисциплини поврзани со македонскиот културен код речиси нема заинтересирани студенти, па затоа на таблоата низ Скопје гледаме повеќе професори отколку апсолвенти. Каде води сето ова? Овде секој во себе треба да си постави длабок прашалник! На одбраната на идентитетот мора да ѝ се даде смисла – да постоиме!

Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство

М-р Александар Јорданоски