Фото: МИА

Врз пратениците и врз раководството на ВМРО-ДПМНЕ можам да кажам дека има притисоци, некои посуптилни, некои подиректни и некои може и граѓаните да ги приметат, рече Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на партијата на гостувањето во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.

-Власта е таа која ургира кај странски претставници да влијаат врз опозицијата. Тие не зборат со нив за проекти, туку главно барање им е дојдете во Македонија и притискајте ја опозицијата. Но, 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за иницијативата за уставни измени, а и најмалку двајца од владејачкото мнозинство се исто така против уставните измени. И на една координација меѓу Ковачевски и СДСМ и нивната коалиција дошло до расправија дека овие пратеници рекле дека пред се би си дале оставка отколку да гласаат – вели Милошоски.

Во оваа ситуација, додава Милошоски, Ковачевски однапред си прави алиби.
„Ковачевски кога ќе се види дека нема двотретинско мнозинство и меѓу неговите ќе му треба алиби“, посочи Милошоски.

Според него во работната група за уставните измени има несогласување меѓу Алијанса на Албанците и претставникот на претседателот Стево Пендаровски, едните бараат било какви измени, додека претставникот на Пендаровски рекол дека нема мандат да разговара за друго освен за внес на Бугарите во Преамбулата.

-Непромислениот, избрзано потпишан договор не само што создаде полоши соседски односи, туку отвори низа на пандорини кутии. Во работната група, доколку еден ден и тие бидат чесни и ги објават записниците ќе се види дека имало размена на различни идеи за редефинирање на Преамбулата, а со тоа и на уставниот поредок – кажа Милошоски.