Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска, коментирајќи ја одлуката на државниот врв да не присуствува на отварањето на македонскиот клуб во Бугарија, што ќе се случи утре во Благоевград, рече дека нивното присуство би било одлична можност да се покаже национално единство.
– Ова беше одлична можност државниот врв да дојде, за да покажеме национално единство. Да дојдат сите таму и да им дадеме поддршка на нашинците од пиринскиот дел на Македонија од Бугарија. Жалам што тие одлучуваат да слугуваат на туѓи интереси наместо на интерсите на својот народ. ВМРО-ДПМНЕ и јас ќе бидеме утре во Благоевград – истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека забележува оти многумина на јавната сцена сакаат да направат знак на равенство помеѓу тоа што го прават со отврање на бугарски клубови кои што носат фашистички имиња и ова што го прават нашите македонци во Бугарија со името на Никола Јонков Вапцаров, но, како што потенцираше Мицкоски, тоа не е така затоа што Вапцаров обединувал, спојувал, поврзувал, за разлика од да речам случајот во Охрид, каде што јасно им е, двосмислено практично, имаме локален клуб кој што носи име на соработник на нацистичкиот режим и фашистите за време на Втората светска војна.
– Јас ќе одам утре, тоа ќе значи за нашите повеќе самодоверба, поддршка плус од овде, дека не забораваме, дека напротив планираме и понатаму многу интензивно да ги поддржуваме нашите од таа страна на границата во соседна Бугарија и тоа е одличен настан за да покажеме дека тоа што го зборуваме, дека се грижиме за македонскиот народ, за македонскиот идентитет, навистина се грижиме не го зборуваме тоа само со празни зборови и реченици – посочи Мицкоски во Охрид.