Гордана Силјановска Давкова е вистинскиот избор за Македонија, претседател кој ќе ја направи Македонија горда повторно, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг од Вевчани.
Според него, таа е жена-титан, која што не молчела кога другите молчеа.
– Жена која што во својата професионална кариера ја бранеше Македонија насекаде во Европа и во светот. Жена која што беше визитинг професор и ментор на најпрестижните американски и канадски универзитети. Жена која што во Советот на Европа беше експерт по политики на локално ниво, експерт по уставно право и политички систем. Жена која што кога беше член во Венецијанската комисија ги подучуваше членовите во Венецијанската комисија, кои што доаѓаат од другите европски земји – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ пред Вевчанци посочи дека на претстојните избори граѓаните бираат иднина.
– Бираме иднина каква што заслужуваме. Иднина која што треба да биде горда. Ако сме подготвени Македонија да ја направиме горда повторно тогаш изборот е јасен, а тоа е Гордана Силјановска Давкова за претседател на Македонија – порача Мицкоски.
Осврнувајќи се на актуелната власт, тој забележа дека пред седум години ветувале живот, а, како што рече, донеле само корупција, криминал, сиромаштија и неправда.
Според него, Македонците денес во Македонија се чувствуваат како да се граѓани од втор ред. Но, подвлече, такво чувство имало и кај Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите итн.
Караванот на ВМРО – ДПМНЕ вечерва продолжува во Струга, а потоа и во Ресен со претставување на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова.