Раководството на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба во канцеларијата на ЕУ со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. На средбата, како што информираат од опозициската партија, биле презентирани три позиции на ВМРО-ДПМНЕ.
– Бидејќи одговор на претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен во македонскиот парламент практично слушнавме дека ќе имаме одржување на меѓувладина конференција ако помине ова кое што го промовира Владата на СДСМ и ДУИ. Дилемата која што ја имаат ВМРО-ДПМНЕ, македонската јавност и граѓаните е следна: Во членот 11 од документот наречен „EU Common position“ или заеднички став на ЕУ, јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите, се додека, повторувам, се додека не биде променет Уставот. Dали е тоа точно или не е точно оставам јавноста експертска и луѓето кои што се занимаваат со оваа проблематика да дадат одговор. Повторувам, првата дилема и првиот став кој што ВМРО-ДПМНЕ го изнесе на таа средба е дали според документот „заеднички став на ЕУ“, членот 11, ги започнуваме преговорите сега, веднаш, или пак кога ќе дојде до промена на Уставот. Бидејќи ние според овој документ читаме дека почетокот на преговорите ќе биде откако ќе биде променет Уставот или да бидам попрецизен мал дел од бугарскиот народ 750 семејства според последниот каков таков попис бидат дел од Преамбулата и нормативниот дел на македонскиот Устав – истакна лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Вториот став на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на членот 14.
– Втората дилема која ја имаме бидејќи се спомена во говорот дека нема да зборуваме за историјата, но членот 14 од истиот документ тоа не го говори. Членот 14 вели сосема спротивно, а тоа е дека деновиве ќе биде потпишан документ којшто се нарекува протокол, а во тој документ ќе се зборува за сѐ, само нема да се зборува за владеење на право, борба против криминал и корупција, подобра економија, поквалитетно здравство и покомпетитивно образование. Туку ќе зборуваме за средниот век, за 18 или 19 век, чиј бил Гоце, чиј бил Даме, чие било Илинденско востание. Што значи дека според членот 14 и протоколот, кој за волја на вистината никој во македонската јавност не го видел ниту ја прочитал неговата содржина. Ние ќе зборуваме за сѐ, само нема да зборуваме за иднина. Ќе зборуваме за проблеми од минатото. Односно ќе зборуваме како во 21 век да се асимилира македонскиот народ и да се уништи македонскиот идентитет – посочи Мицкоски пред новинарите.
Овој член 14, од документот наречен „Заеднички став на ЕУ“, како што оценува Мицкоски е поврзан со генералните позиции на ЕУ, членот 5 каде што покрај Копенхагеншките критериуми и критериумите дефинирани со договорот за стабилизација и асоцијација, само за Македонија, за ниту една земја членка од овие 27, ниту пак за Албанија не се поставуваат билатералните прашања како критериум.
– Ние ќе зборуваме за сѐ, само нема да зборуваме за тоа кое што е важно за граѓаните, а тоа е поквалитетен живот. Да бидам попрецизен ќе бидеме фокусирани само на историја. И третото прашање за кое што имам исто така дилема, а и позициите на ВМРО-ДПМНЕ се такви и имаат дилема е воведната изјава, членот 3 каде што јасно стои дека акито или преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската страна ќе даде еднострана изјава со тоа како таа го гледа македонскиот јазик. Така што дека ние имаме чист македонски јазик, односно дека имаме јазик чист кој што буквално ќе биде дел од преговарачката рамка и од документите на Европската Унија, е голема лага – потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека на средбата со Фон дер Лајен ја нагласил разликата помеѓу бугарскиот и македонскиот јазик.
„Зошто е ова важно? Ова пред мене почитувани претставници на медиумите и почитувани граѓани е документ од третата конференција на Обединетите Нации од 1977 година и се однесува на стандардизација на светските јазици, одржана во Атина пред точно 45 години, каде што јасно стои разликата помеѓу бугарскиот јазик и македонскиот јазик со македонското кирилско писмо. И ова го покажав на средбата. Ова се документи од гробовите на децата од Ваташа, на младинците од Ваташа, ова ли го прават администратори? Ова се тие луѓе, ова ли е дело на администратори? Ова ли е дело на луѓето кои што велат дека ја администрирале Македонија? Ете тоа се дилемите кои што јас и ВМРО-ДПМНЕ ги имаме, а за жал овие корумпирани политичари во владата потпомогнати од други корумпирани политичари ги немаат и го распродаваат тоа кое што со крв и со живот некој го плаќал – кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.