Фото: Игор Бансколиев

Моќта на скринингот на ЕУ за системски, но и за индивидуални промени

Тезата за „промената на менталитетот и стилот на владеење во Македонија” дека ќе се случи „спонтано“, со спроведување на реформите, има сериозни отежнувачки околности во некои хронично ретроградни појави кај нас. Една од нив е во парадоксот што редовно се повторува: партијата што доаѓа на власт вообичаено ги прави оние работи што ги критикува додека е во опозиција. Од друга страна, на надворешен план, контроверзниот опортунизам на претставниците на ЕУ, во досегашниот (де факто процес на изнуда од Македонија за исполнување на непринципиелните барања од ветата на соседите), не е некој особено охрабрувачки аргумент за „трансформативната моќ на европските вредности“. Дека треба да се промени менталитетот на политичарите, за јавноста тоа е апсолутно прифатливо, но се отвораат низата „златни новинарски прашања“ што бараат одговори: како, што, зошто, каде, до кога

Во амбиент на изразена политичка турбулентност и општествени противречности што создаваат поделби, предизвикани од различните погледи кон процесот на интеграцијата на Македонија во ЕУ, сепак започна скринингот (со предзнак – објаснувачки) за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ. Таа некаква подготвителна фаза за вистинскиот скрининг, кој треба да започне во ноември, се случи од 15 до 27 септември 2022 година. Се одржаа состаноци за областите и поглавјата од кластерот „Фундаментални вредности“, кога комисијата го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваа во Брисел, освен за поглавјето 18 – Статистика во Луксембург. На самиот почеток на скрининг-процесот, вицепремиерот Маричиќ изјави дека, според некои процени, досега сме усогласени околу 40 отсто со законодавството на ЕУ, што значи „нешто помалку од половина“.
Според него, тоа е показател дека сме ги искористиле добро изминатите 17 години чекање за да ги почнеме преговорите подготвени, а во некои области сме на исто ниво или дури и подобри од државите што веќе преговараат со години, како Србија и Црна Гора.

Оваа оптимистичка реторика, поврзана со скринингот и степенот на усогласеност на македонското законодавство со европското, македонската јавност ја восприема без особен ентузијазам, знаејќи дека и најдобрите оцени од овој процес на „снимање“ се ирелевантни за напредокот во евроинтеграциите без исполнување на условот за уставните измени. Токму овој услов во т.н. француски предлог на преговарачката рамка, изнуден од бугарските вета за македонските евроинтеграции, е актуелната причина за политичките турбуленции и поделби во македонското општество.

Вицепремиерот Маричиќ стави на маса уште еден предизвик за македонските политички елити

Изразувајќи задоволство од текот на скринингот, вицепремиерот Маричиќ постави уште еден предизвик за македонските политички елити, кој произлегува од реформскиот процес на патот кон ЕУ.
– Реформските процеси не се само за воведување нова легислатива туку и за промена на менталитетот и стилот на владеење. Знаеме и имаме искуство за тоа колку е важно владеењето на правото, како и тоа да имаме независни и ефикасни институции што го гарантираат истото тоа – рече Маричиќ за предизвиците на реформите што ја очекуваат Македонија.

Претпоставката за промената на менталитетот и стилот на владеење во Македонија дека ќе се случи „спонтано“, со спроведување на реформите, има сериозни „отежнувачки околности“ во некои хронично изразени состојби. Една од нив е парадоксот што редовно се повторува – партијата што доаѓа на власт вообичаено ги прави оние работи што ги критикува додека е во опозиција. Од друга страна, контроверзниот опортунизам на претставниците на ЕУ, во досегашниот практично процес на изнуда од Македонија за исполнување на непринципиелните барања од ветата на соседите, не е некој особено охрабрувачки аргумент за „трансформативната моќ на европските вредности“. Незаборавен момент во македонската евроинтегративна хроника е изјавата на поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан за прифаќање на Преспанскиот договор во македонското собрание, дека „ако не помине со европски методи, ќе бидат применети балканските“.

За менување на менталитетот и начинот на владеење е потребно само почитување и спроведување на законите

– Менталитетот на политичарите, односно стилот на владеење е резултат и одраз на тоа како се градат односите меѓу луѓето во општеството. Афористички кажано, секој народ си има власт каква што заслужува. Долготрајноста на состојбата што имаме политичари кои кога се на власт го прават спротивното од она што го зборувале во опозиција веќе може да се окарактеризира како прифатен менталитет на владеење во Македонија. И селективноста (привилегираноста) во примената на законите е исто така елемент во менталитетот на владеењето. Вицепремиерот вели дека имаме 40 отсто усогласеност на македонското законодавство со европското. Но во реалноста немаме прифатено ни 5 отсто од европските вредности. Таквиот парадокс произлегува од недовербата во институциите на државата, неизбежната партизација на секој функционален сегмент на општеството, сеприсутната корупција, долготрајноста на судските процеси во кои се релативизира правдата, па и ако заврши – остануваат недоумици дали обвинетиот е навистина виновен или можеби „политичка жртва“… За жал, таквите состојби создаваат менталитет на недоверба во општеството.

Однесувањето на ЕУ и двојните стандарди за Македонија во нејзините евроинтеграции, за жал исто така не влеваат веќе доверба во трансформативната моќ на европските реформи. А всушност за менување на менталитетот и начинот на владеење е потребно само почитување и спроведување на законите. И законите да важат еднакво за сите, без олеснителни околности и привилегии за политички и партиски привилегираните – вели социологот Илија Ацески.


Усвојување на европските вредности

Во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следува билатералниот скрининг, кога македонската страна ќе го презентира степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ-ресурси за спроведување на европските стандарди. Европската комисија потоа подготвува извештај од скринингот, кој меѓу другото содржи и наоди и оцена на Комисијата за степенот на усогласеност и капацитетите, како и заклучоци и препораки.