Фото: Игор Бансколиев

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, неделава од прес-конференцијата во Брисел, јавно и без дипломатска задршка ја повика македонската опозиција „да докаже дека е посветена на членство на земјата во ЕУ“. Во текот на вчерашниот ден побаравме одговор од двете најголеми опозициски партии во Македонија, за тоа колку го чувствуваат притисокот и дали тој е засилен со некои „придружни алатки“ или „европски инструментариум“ за да се натера или принуди опозицијата да влезе во „зацртаната агенда на ЕУ“ за правење на уставните промени…

Инструкции „по европски“ за промена на Уставот

По одржувањето на првата меѓувладина конференција во Брисел, прашањето за почеток на отворањето на преговорите за зачленување на Македонија во Европската Унија се враќа на домашен терен. Наредниот период што следува, институциите ќе се посветат на скрининг-процесот, почнат, според министерот Османи, со потпишувањето. Сепак, главниот фокус, и според изјавите од бриселската администрација, треба да биде ставен на внесувањето на бугарското малцинство во Уставот на Македонија, за што оттаму се наметнува пресинг за постигнување поширок консензус меѓу македонските партии од власта и од опозицијата.

Сечилото на Брисел сега се насочува кон опозицијата

Од последните настапи на европските министри и функционери може да се забележи дека „тежиштето“ за уставните промени сѐ повеќе ќе се насочува кон претставниците на македонската опозиција, која пред одржувањето на првата меѓувладина конференција најави дека нема да учествува во формирањето на двотретинското мнозинство за промена на Уставот. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, неделава од прес-конференцијата во Брисел, јавно и без дипломатска задршка ја повика македонската опозиција „да докаже дека е посветена на членство на земјата во ЕУ“.
– Отсега, па натаму се надевам дека сите политички партии, вклучувајќи ја и опозицијата, ќе работат на европска иднина на земјата и нема да предизвикуваат контроверзии и емоции, кои нема да донесат ништо добро за државата. Опозицијата секогаш тврди дека е посветена да се случи ова членство во ЕУ, нека го докаже тоа – изјави Вархеи.
Во текот на вчерашниот ден побаравме одговор од двете најголеми опозициски партии во Македонија, за тоа колку го чувствуваат притисокот и дали е тој засилен со некои придружни алатки или „европски инструментариум“ за влегување во агендата на ЕУ за да се направат уставните промени, од претседателот на Левица, Димитар Апасиев, добивме само краток одговор дека „Уставот нема да се менува“!
Иако се чувствува и меѓу граѓаните на Македонија, начинот на настапот на Брисел во јавноста и медиумите, а во врска со алоцирање на притисокот за уставните измени од власта кон опозицијата, од најголемата опозициска партија не сакаа да го коментираат таквиот „европски“ пристап за постигнување на конкретната цел.
Од ВМРО-ДПМНЕ само нѐ информираа дека нивниот став по ова прашање е познат, а нивните пратеници нема да поддржат уставни промени, за што, како што велат, биле и потпишани изјави пред нотар.
– Изразувањето поддршка на европскиот пат не значи да се прифати нешто што е против националните интереси, а тоа е заштита на националниот идентитет, јазик, култура и историско наследство. Нашите позиции се познати и јасно ги искажавме нашите линии, а за тоа може да се повикате и на претходните изјави на нашиот претседател, кои се однесуваа на францускиот предлог и другите документи. Не можеме да зборуваме за идни притисоци и ние како партија можеме да го задржиме нашиот став – ни изјавија од прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ.

Унијата ќе продолжи со сѐ погласни пораки и барања за потпишаното во Брисел, што сега важи за целото македонско општество

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, во средата од Брисел, порача дека „одговорноста за остварување на целта за зачленување во ЕУ еднакво ѝ припаѓа и на опозицијата“.
– Собранието го донесе првиот чекор и тоа е место каде што ќе треба да бидат донесени и вториот, третиот и четвртиот чекор до финалното зачленување. Одговорност на секој политичар е да мисли за иднината на државата и идните генерации, не смее да мисли само на својот личен рејтинг и на својата политичка кариера – рече премиерот Ковачевски.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, непосредно по завршувањето на собраниската седница на која беа изгласани заклучоците за францускиот предлог, порача дека „Уставот нема да се смени, а преговарачката рамка нема да биде прифатена“. Тој покажа документи што пратениците од опозицијата ги потпишале и ги завериле на нотар, а со кои ветуваат дека нема да прифатат промена на Уставот.
– Обврските што произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, нема да помине во македонското собрание. За тоа гаранција се ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Народот може да биде спокоен. Ова не е 2019 година. Ова што го држам во рацете се документи потпишани од пратениците од опозицијата и заверени на нотар, а во кои се вели дека пратениците ветуваат дека нема да дозволат отворање на македонскиот устав. Сите овие изјави се нотарски заведени. Нема отстапување ниту милиметар. Нема чекор назад, оти зад нас остана сѐ што имаме – порача Мицкоски.
Христијан Мицкоски повторно се заложи за одржување референдум, на кој граѓаните би се изјасниле само дали ја прифаќаат преговарачката рамка сосе билатералниот договор со Бугарија, но не и за менување на Уставот. Тој е дециден дека највисокиот правен акт нема да биде променет, а Бугарите нема да бидат во него. Според него, има притисоци.
– Не се грижете, Уставот нема да се смени. Јас знам дека има владини инсталации во опозицијата, каде што ќе подриваат. Уставот е безбеден и сигурен. Ние зборуваме за преговарачката рамка – рече Мицкоски.
Лидерот на партијата потврди дека има сознанија дека Софија би можела да отстапи од барањето за вметнување на Бугарите во Уставот на Македонија. Доколку дојде до тоа, Мицкоски вели дека тоа би значело прифаќање на преговарачката рамка, а билатералниот договор би станал европски договор. Сепак, нагласува лидерот на партијата, и во случај Софија да се откаже, во партијата се убедени дека измените нема да поминат.
Како ќе реагира на ова бриселската администрација?
М.Ј.