Фото: Игор Бансколиев

Она што паѓа во очи во контекст на најновите случувања и интензивираниот дијалог меѓу Македонија и Бугарија се споменувањето и барањето некакви гаранции од Европската Унија, во однос на тоа што евентуално би го договориле двете земји. Но какви се досегашните искуства на Македонија во поглед на гаранциите однадвор и какви можни замки може да донесе тоа

МОЖЕ ЛИ ЕВРОПСКАТА УНИЈА ДА БИДЕ ГАРАНТ НА ЕВЕНТУАЛНИОТ ИДЕН ДОГОВОР СО БУГАРИЈА

Интензивирањето на преговорите со Бугарија и зачестените средби меѓу работните групи од двете земји сигнализираат за една нова засилена динамика, со цел откочување на бугарското вето и започнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
И додека во јавноста засега дозирано се пласираат одредени пробни балони, очигледно во заднина теренот сериозно се подготвува за некаков договор, со кој конечно ќе се одблокираат пристапните преговори на Македонија со Европската Унија. Она што посебно паѓа во очи во контекст на најновите случувања и интензивираниот дијалог меѓу Македонија и Бугарија се споменувањето и барањето некакви гаранции. Притоа се посочува или се бара од Брисел, односно од Европската Унија да се стави во улога на некаков гарант на тоа што би го договориле двете земји
Токму тајноста на целиот процес и сегментите за кои се преговара внесуваат загриженост кај македонската јавност, која по лошото искуство со Преспанската спогодба, сега отворено се прашува дали државата ќе ја повтори истата грешка, односно ќе направи нови отстапки, дополнително ќе се обезличи и повторно ќе остане блокирана и извисена. Притоа, нејасно е и кој и какви гаранции може да даде во однос на Македонија, која е нивната тежина, но и нивниот легитимитет.

ЕУ ги погази сите досега дадени гаранции

Од тие причини се наметнува дилемата дали Македонија може да добие некакви гаранции дека по отстранувањето на бугарската блокада нема да има никакви нови пречки на европскиот пат. Дополнителна дилема е и гарантниот кредибилитет на самата ЕУ, со оглед дека досегашните гаранции што Брисел ги даваше за земјава целосно ги погази.
Имено, Европската комисија ѝ даде повеќе препораки на Македонија за почеток на пристапните преговори, што е еден вид европска гаранција дека земјата ги исполнила сите критериуми, но Унијата продолжува да ги игнорира овие препораки на ЕК со години. Брисел гарантираше и дека името е единствениот услов за почеток на преговорите, но откако Македонија ја направи и таа болна отстапка кон Грција и го промени уставното име, повторно ЕУ не го испочитува гарантираното и тогаш реши да ја менува методологијата за преговарање и не дозволи почеток на пристапните преговори.
Ако се оди според оваа аналогија на досегашното однесување на официјален Брисел, тогаш клучно прашање е какви гаранции може да добие Македонија од Унијата во врска со заштитата на идентитетот, јазикот, посебноста на македонскиот народ, историјата и нашата антифашистичка борба како земја што беше на страна на сојузниците. Од друга страна, и Бугарија бара гаранции од ЕУ дека Македонија ќе го спроведе она што ќе го договорат Скопје и Софија, така што повторно тасот на вагата е на бугарска страна бидејќи источниот сосед е членка на ЕУ, ние не сме, па разбирливо е Брисел за чии гаранции повеќе ќе се залага и на кои ќе инсистира.

Интересите на државата секогаш на прво место

Проблемот со почитувањето на гаранциите не треба да се бара само во Брисел, туку и дома, особено ако се има предвид дека македонската страна досега во неколку наврати самата ги занемари, па дури и целосно ги поништи претходно силно изразените меѓународни гаранции.
Најеклатантен пример за тоа е промената на уставното име на државата и потпишувањето на Преспанската спогодба. Имено, Република Македонија беше признаена под своето уставно име од речиси 140 држави, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, Русија, Кина и САД. Таквиот чин на признавање беше силно изразена меѓународна гаранција за нашето уставно име.
Но без оглед на ваквите гаранции и признанија, Македонија сепак одлучи да ги погази ваквите придобивки и се согласи на промена на името со придодавање географска одредница за да стане полноправна членка на НАТО и да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Набрзо потоа земјата стана полноправна членка на НАТО, но не ги започна пристапните преговори со ЕУ, најпрво поради инсистирањето на нова преговарачка методологија од страна на Франција, а потоа поради блокадата од страна на Бугарија.
Во моментот, Македонија има силна гаранција во Обединетите нации и документирани факти со кои македонскиот јазик е признаен светски јазик и тоа не можеше да го оспори ниту Грција, без оглед на обидите што ги правеше за време на преговорите. Единствено што може да го наруши овој документ е само ако македонската страна влезе во замката на Софија и почне да преговара за јазикот, со што самата ќе си ја загрози гаранцијата дадена од ОН.
Од тие причини може да се разбере и недовербата кај македонската јавност, која не се согласува јазикот, идентитетот и историјата да бидат тема на какви било преговори меѓу Македонија и Бугарија, ниту, пак, да се наоѓаат некакви формулации за нив, кои подоцна можат да предизвикаат сериозни идентитетски нарушувања и обезличување на карактерот на државата. Најдобар доказ за такви аномалии е засилената употреба на термините „северномакедонци“ и „северномакедонски јазик“ по потпишувањето на Преспанската спогодба, каде што иако се тврдеше дека станува збор само за промена на името, без да се допира во идентитетот и јазикот на македонскиот народ, сепак новата ситуација генерираше нови моменти со кои Македонија на меѓународен план сè потешко се справува.
Набљудувано низ една ваква призма, произлегува дека државата преку нејзините институции треба да биде силен гарант на основните обележја на нејзиниот народ и неговиот идентитет, јазик, историја и култура. Во надворешни меѓународни рамки, пак, најголем гарант на кој треба да инсистира Македонија е почитувањето на меѓународното право. Тоа што и Бугарија и Европската Унија треба да го испорачаат во однос на Македонија е стриктно почитување на меѓународното право.

За Европа давањето гаранции е само симболичен гест

Она што е повеќе од јасно е дека Македонија не отстапува од својата главна стратегиска цел, зачленувањето во ЕУ. Но истовремено, Македонија треба цврсто да се држи до гаранциите што ги дала пред својот народ, дека за идентитетот и јазикот не се преговара. И, секако, цврсто да се држи до меѓународното право и да бара негово спроведување и почитување и од Бугарија и од Европската Унија.
Познавачите на состојбите сметаат дека гаранциите сами по себе не се доволни и дека не треба да се очекува ниту од ЕУ, ниту, пак од другите меѓународни организации да бидат гаранти на нешто што навлегува во нашата посебност како народ.
– Македонија може да издејствува гаранции од ЕУ за некои прашања за кои ние би биле заинтересирани и тие гаранции би можеле да бидат на ниво на некаков документ, договор, но реално Унијата не се грижи многу како тој евентуален договор со дадени гаранции ќе се почитува и понатаму ќе се спроведува. Тој тип дволично однесување на ЕУ мислам дека ќе продолжи да се случува – смета универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, давањето гаранции од страна на ЕУ за Македонија во поглед на заштитата на идентитетот и јазикот би било само симболичен потег.
– Не може да се потпираме на гаранциите на ЕУ. Тоа може во прв момент ќе даде некоја енергија во преговорите со Бугарија, но секако нема да биде трајно решение. Ние самите треба да изградиме гаранции. Во нашите гаранции мора да се води сметка што долгорочно нема штетно да влијае врз македонското општество, идентитет, јазик, а што може да биде прифатено и подносливо. Некои гаранции во даден момент може да изгледаат безболни и прифатливи, а натаму низ практиката да се покаже дека се тие многу ризични и опасни. Мора со голема внимателност да се пристапи кога се стигнало до тоа ниво да се бараат и даваат гаранции – смета Андревски.
Тој уште додава дека општото движење и стремежи на бугарската идеја си остануваат непроменети и дека не треба да се очекува тие да се откажат од оспорување на македонскиот идентитет, јазик и историја, без оглед какви гаранции да се дадени.
– Македонија треба сопственото општество да си го развива на битните и помалку битните пунктови, а како таква средена демократска држава да се појавува на меѓународниот простор и да бара влез во ЕУ. Таква средена држава ќе биде најдобар гарант на идентитетот и јазикот, односно најдобар гарант на самата себеси – категоричен е професорот Андревски.
И за првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски гаранциите не значат ништо и не треба да се потпираме на нив.

– Никој ништо нема да ни гарантира. Се покажа дека и своевремено првиот човек на ОН, Бутрос Бутрос Гали, му гарантираше на поранешниот претседател Киро Глигоров дека спорот за името ќе се реши за 200 дена, но тоа не се случи и овој спор траеше три децении. Гаранции нема да ти даде Европа за ништо, ќе ни ја повторува само старата флоскула исполнување на европските критериуми и толку – вели Арсовски.
За него најдобро во овој момент за Македонија е да не се брза, ниту со Бугарија, ниту со ЕУ.
– Не е толку итен почетокот на преговорите во овој момент, кои и онака ќе траат од 15 до 20 години. Подобро да се расчисти целата оваа кризна состојба на Балканот и околината, па потоа да размислуваме за преговорите. Не треба брзање. Која е цената да избрзаме сега, за да преговараме со ЕУ? Нема потреба од брзање и гаранции, кои никој не ги спроведува – нагласува Арсовски.