Несомнено, Меѓународниот суд на правдата во постапувањето по тужбата поднесена од страна на Украина против Русија се изјасни во исклучително краток временски рок, наредувајќи ѝ на Русија да ги почитува постулатите на меѓународното право. Меѓутоа, суштината е во тоа што отсуствува меѓународноправен инструментариум за процедурално спроведување токму на тие норми на меѓународното право (и одлуки на надлежните меѓународноправни институции), да бидат наложени за задолжително спроведување од страна на субјектите во меѓународното право, а не одделни земји и натаму да се обидуваат самостојно да ги толкуваат меѓународните правни норми на начин како што ним им одговара. Токму сега не може а да не се потсетиме дека таков беше случајот и со пресудата што Македонија ја доби пред истиот суд во врска со прекршувањето на Привремената спогодба од страна на Грција, но пресудата никогаш не беше земена во обѕир ниту од страна на официјална Атина, а уште помалку од меѓународните организации!
Каде се пронаоѓа Македонија во одлуката на Меѓународниот суд на правдата (МСП) за инстантно запирање на руските воени операции во Украина
Меѓународниот суд на правдата, кој претставува највисок суд на Обединетите нации, донесе одлука за запирање на руската воена операција врз Украина, откако претходно официјален Киев поднесе итно барање до судот за запирање на воените дејства од страна на Русија.
– Руската Федерација веднаш да ги прекине воените операции што ги почна на 24 февруари 2022 година на територијата на Украина – порачаа судиите, објавувајќи ја одлуката, која беше изгласана со 13 гласа „за“ и два „против“.
Образложувајќи ја одлуката, судиите додадоа дека Русија исто така мора да се погрижи другите сили под нејзина контрола или поддржани од Москва да не ја продолжуваат воената операција.
На што се темелеше барањето на Украина
Украинa поведе постапка против Русија пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) набрзо по почетокот на руските воени дејства на нејзина територија на 24 февруари, наведувајќи во тужбата дека Москва лажно ја интерпретирала Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид од 1948 година во регионите Донецк и Луганск во источна Украина.
Киев го повика МСП да активира „привремени мерки“ со кои би се „заштитил народот на Украина, наредувајќи ѝ на Русија да ја запре својата бесмислена воена операција, која се заснова исклучиво на лажното и апсурдно тврдење на Русија дека презема мерки за спречување и казнување на делото геноцид“.
Во одлуката на МСП се наведува дека „судот смета оти Украина има веродостојно право да не подлежи на воени операции од страна на Руската Федерација за спречување и казнување наводен геноцид на територијата на Украина“.
Претседателката на МСП, Џоан Донахју, образложи дека судот ја донел оваа одлука бидејќи Украина би можела да претрпи „непоправлива штета“.
– Навистина, секоја воена операција, а особено во обемот во кој ја спроведува Руската Федерација на територијата на Украина, неизбежно предизвикува загуба на животи, ментални и телесни повреди и штети врз имотите и околината – истакна Донахју.
Официјална Москва вчера ја отфрли наредбата на МСП да ги прекине воените дејства во Украина.
– Не можеме да ја земаме предвид таа одлука – изјави кратко портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој појасни дека за да може одлуката на судот да биде спроведена, двете страни треба да бидат согласни за тоа, но дека во овој случај „во врска со оваа одлука не може да биде постигнат никаков договор “.
Русија не присуствуваше на судскиот претрес на 7 март, со образложение за „апсурдноста на тужбата“, но во пишаниот документ упатен до судот наведува дека тој не треба да носи никакви мерки во врска со овој случај.
Москва образложи дека тоа што рускиот претседател Владимир Путин го употребил зборот „геноцид“ не значи дека автоматски сугерирал дека Русија потезите ги темели врз Конвенцијата за геноцид и дека без спор во поглед на толкувањето на тој договор, судот нема надлежност да постапува.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) со експресна реакција
Несомнено, Меѓународниот суд на правдата во постапувањето по тужбата поднесена од страна на Украина против Русија се изјасни во исклучително краток временски рок, наредувајќи ѝ на Русија да ги почитува постулатите на меѓународното право. Меѓутоа, суштината е во тоа што отсуствува меѓународноправен инструментариум за процедурално спроведување токму тие норми на меѓународното право да бидат наложени за задолжително спроведување од страна на субјектите во меѓународното право, а не одделни земји и натаму да се обидуваат самостојно да ги толкуваат меѓународните правни норми на начин како што ним им одговара.
Таков беше случајот и со пресудата што Македонија ја доби пред истиот суд во врска со прекршувањето на Привремената спогодба од страна на Грција, но пресудата никогаш не беше земена во обѕир ниту од страна на официјална Атина, а уште помалку од меѓународните организации.
Македонија ја поднесе тужбата против Грција на 17 ноември 2008, откако Грција истата година на самитот на НАТО, кој се одржа во април во Букурешт, ја блокира поканата на земјава за членство во Алијансата. Пресудата беше изречена во декември 2011 година, односно три години подоцна.
За универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев, МСП овој пат реагирал експресно.
– Во врска со украинската тужба против Русија, можам да кажам дека ова е најбрзо реагирање на Меѓународниот суд – вели Јанев.
Според него, одлуката на МСП на Русија да ѝ се нареди веднаш да ги прекине воените операции во Украина е резултат на досегашните практики на судот, категорично тврдејќи дека тужбата на Украина против Русија за геноцид нема да помине.
– Тужбата за геноцид ќе падне на Судот, бидејќи не може да се докаже „геноцидната намера“ на Русија. Оттаму, ако нема повеќе од 5.000 жртви до моментот на одлуката на судот, која веројатно ќе биде донесена за месец-два, Русија нема да биде прогласена за вршител на геноцид. Овде треба да се има предвид и претходната одлука во врска со тужбата на БиХ против Србија за геноцид (со 200.000 жртви), каде што Босна не успеа да ја докаже геноцидната намера, па, така, Србија не беше осудена по истата основа – појаснува професорот Јанев.
Меѓународното право сè уште е живо
Тужбата од страна на Украина, руските аргументи против таа тужба, но истовремено и брзата реакција на Меѓународниот суд на правдата покажуваат дека меѓународното право и натаму останува полето на кое и во иднина ќе се кршат копјата. Практиката секој на свој начин да го толкува меѓународното право и да наоѓа изговори за војните тешко ќе се искорени, особено кај големите играчи на светската геополитичка сцена, кои не избираат начини како да ги остварат сопствените цели.
Сепак, колку некој да се обидува да го реобликува меѓународното право, некои норми во него остануваат чисти, особено кога станува збор за нормата „јус когенс“, за која не треба да има никаква дилема и простор за нејзино поинакво толкување, а уште помалку за нејзино игнорирање од страна на меѓународната заедница и сите мултилатерални организации.
Македонија е жртва на таквото погазување на меѓународното право, особено во неговите клучни принципи „јус когенс“. Овие норми и принципи не се подложни на дерогирање, па затоа никој нема право да си поигрува со нив. Нивното непочитување го доведува под знак прашалник и постоењето на меѓународното право воопшто, што, од друга страна, отвора можност за целосно беззаконие и насилство врз помалите и послаби земји, кои не можат да се одбранат од хегемонизмот на поголемите.
Според некои аналитичари, „тоа во овој момент на конфликт се чувствува во меѓународните односи, 30 години врз своја кожа континуирано го чувствува и Македонија од страна на меѓународната заедница, која флагрантно го прекршува меѓународното право и дозволува спроведување етноцидни политики врз македонскиот народ“.
Крвавиот конфликт е доволна опомена дека е крајно време светот да се врати на основите на меѓународното право, оти, во спротивно, повеќе нема да го има, а со тоа и ние ќе ја загубиме единствената можност за борба како помала држава, на која токму правото и правдината ѝ се најсилно оружје.