Македонските студенти го искористија Меѓународниот ден на студентите за да го искажат своето незадоволство од состојбите со кои секојдневно се соочуваат за време на студиите преку протестен марш.
– Ги повикуваме сите што се вклучени активно во образованието, меѓу кои, средношколци, професори, декани и ректори, да ни дадат поддршка и да му се приклучат на маршот! Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард! Оваа борба е заедничка и само сплотени и заедно ќе успееме да ги заштитиме нашите права и барања – порачаа студентите во повикот за протестниот марш, кој се одржа вчера.
Маршот следува по незадоволството што го предизвика предлог-законот за субвенциониран оброк, кој по бурните реакции на студентите, но и на јавноста, беше повлечен. На средбата на почетокот на оваа недела, со претставници на студентите и пратениците, министерот за образование Јетон Шаќири и премиерот Димитар Ковачевски, беше постигнат договор за субвенционираниот студентски оброк. Сепак некои од студентите што протестираа пред Собранието посочија дека имаат цела листа на барања што очекуваат да биде исполнета.
Тие бараат издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 160 денари дневно, издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите во согласност со измените од последното покачување на стипендиите, издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови“, а бараат и стопирање на најавената приватизација на студентските домови и издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.
Од Владата остануваат на ставот дека се подготвени за разговори за наоѓање решенија за проблемите со кои се соочуваат студентите.
– Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови, а на нас што сме во Владата и пратениците е тие ставови да ги сослушаме, да ги разговараме со студентите и да се дојде до решение што ќе биде на задоволство на сите – порача неодамна премиерот Димитар Ковачевски.