Објавувањето на видеоснимката на која Али Ахмети пее е бесрамна злоупотреба на неговиот имиџ, порача Изет Меџити од таканаречената „огнена група“ од ДУИ, реагирајќи на видеоснимката на која лидерот на партијата пее во својата канцеларија, која беше објавена вчера.
– Снимањето на Али Ахмети како пее и потоа објавување на снимката за да се дефокусира мислењето од вистинскиот проблем, е бесрамна злоупотреба на неговиот имиџ. Снимањето на Али Ахмети и зачувувањето на овие видеа за користење кога ви одговара е неточно и се чини дека не се случува првпат – напиша Меџити на Фејсбук, додавајќи дека ДУИ мора да се ослободи од „узурпаторите, платениците и неспособните!“.
Се смета дека Меџити на овој начин му упатува порака на Артан Груби, имајќи предвид дека сподели и принтскрин од неговата објава на социјалните мрежи. Груби во текот на вчерашниот ден на Фејсбук ја сподели снимката на која Ахмети пее.
– Изгуби го чуварот, изгуби го семето, ајде да тргнеме понапред од злото – запеа Ахмети.
Споменатата снимка беше објавена вчера од „Алмакос“, откако „огнената група“ од ДУИ упати повик до партискиот лидер Ахмети „да не го пали јорганот за една болва“.
На видеоснимката што вчера кружеше на социјалните мрежи и во медиумите, се забележува Ахмети со цигара в рака, додека пее албанска песна, што според дел од албанските медиуми е порака до „огнените“. Албанските медиуми сметаат дека, не песната, туку видното расположение на партискиот лидер е одговор на повикот од неговите сопартијци.
„Огнената група“, која изразува незадоволство бидејќи Владата, во која половина министри се Албанци, реализирала само два одсто од изборните ветувања кон Албанците, завчера во Студеничани ја одржа првата од низата средби што ги најавија со граѓани и членови на партијата. Од собирот повторија дека се непоколебливи во поддршката кон нивниот лидер Ахмети, но му порачаа „да не го пали јорганот за една болва“.
– Ние сме со Али Ахмети, но претседателе, не го гори јорганот за една болва. Ја изгубивме поддршката во Полог. Поддршката паѓа и во другите зони, погледнете ја најновата анкета на ИРИ. Ситуацијата е алармантна – порача партискиот потпретседател Меџити од Студеничани.
Барањата на „огнените“ во последните неколку месеци беа отфрлани на неколку партиски состаноци.