Печатените медиуми остануваат најрелевантен извор на информации / Фото: Архива

За тоа колкаво е значењето на медиумите можеби најилустративно говори пораката на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој вели дека без слобода на печатот нема слобода. Но таа слобода за која говори Гутереш треба постојано да се освојува, бидејќи пред медиумите и медиумските работници постојано се испречуваат нови предизвици. За тоа какви се состојбите во Македонија побаравме мислење од релевантни институции и професионални медиумски работници. Сите се согласни дека новинарството е јавно добро, света професија и мисија и најважни на ова поле се новинарскиот интегритет и професионалностa

ДЕНЕСКА Е СВЕТСКИ ДЕН НА МЕДИУМИТЕ И СВЕТСКИ ДЕН НА СОНЦЕТО

Во меѓународни и домашни рамки 3 мај има огромна улога и значење, бидејќи овој датум е означен како светски ден на слободата на медиумите, без кои пак нема вистински демократски општества. Слободата на изразувањето, значењето на медиумите и медиумската писменост се меѓу клучните одредници и на нашиот пат кон ЕУ. Во своите последни извештаи што се однесуваат на Македонија, Европската комисија оценува дека нашата држава е умерено подготвена и има постигнато ограничен напредок кога станува збор за дигиталната трансформација и медиумите. Тоа значи дека нѐ чека уште многу работа во сферата на медиумите, особено во сегментот на поддршката на печатените медиуми, што е веќе востановен стандард во земјите-членки на ЕУ. И во Македонија има програма за поддршка на печатените медиуми, но средствата за таа намена од година на година се намалуваат.
За тоа колкаво е значењето на медиумите можеби најилустративно говори пораката на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој вели дека без слобода на печатот нема слобода. Но таа слобода за која говори Гутереш треба постојано да се освојува, бидејќи пред медиумите и медиумските работници се испречуваат нови предизвици. За тоа какви се состојбите кај нас побаравме мислење од релевантни институции и од професионални медиумски работници. Според Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија, во оваа пригода е клучно да се размислува за важноста на слободата на медиумите и нивната улога во демократијата.
– Иако состојбата е релативно подобрена во споредба со ситуацијата од пред десетина години, во последно време забележавме зголемен тренд на напади врз новинари, вербални навреди и понижувања од страна на политичарите, нелојална конкуренција преку агресивниот пиар на Владата, небезбедни услови за работа и лоша социоекономска состојба. Мора да потсетиме дека „навредувањето на новинарите е потценување на граѓаните“. Ние сме тука да ѝ служиме на јавноста, а не на политичарите, а ограничувањето на нашата слобода ги загрозува правата на сите – вели Чадиковски.
Тој посочува дека токму оваа година, на 77-годишнината од ЗНМ, се случи и новинарски протест, на кој беа упатени пораки и барања до Владата преку кои би се подобрила положбата во која работат новинарите и медиумските работници, а со тоа и независноста на медиумите.

– Потребно е да се почитува новинарската професија, затоа што новинарството е јавно добро. Тоа не им припаѓа на Владата, опозицијата, политичките партии или сопствениците на медиумите; им припаѓа на новинарите и на граѓаните. Многу е важно да се обезбеди транспарентен начин за зачувување на етиката и професионализмот на начин што го практикуваат традиционалните печатени медиуми, како еден од условите за негување на квалитетно новинарство и кај сите други видови на медиуми. Во исто време треба да се работи на одржливоста и на локалните и регионалните медиуми, за да може вистината да биде целосна, а информациите навремени, и тоа станува збор за известување за теми од локален карактер – нагласува Чадиковски.
Според Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии, кризата во медиумите не е од денеска и веќе може да кажеме дека е константа. Таа додава дека така и треба да се размислува за иднината на медиумите, бидејќи промените што настануваат во делот на медиумската и новинарската продукција стануваат сѐ побрзи и поважни за иднината на новинарството и менувањето на медиумскиот пејзаж.
– Додека во светот се зборува за улогата на вештачката интелегенција во новинарството, кај нас сѐ уште сме заглавени на ниво дека се потребни реформи во медиумската сфера – разговори што се водеа пред шест-седум години. Разликата е што денес е веројатно уште потешко за опстанок на медиумите поради сите кризи што му се случија на светот последните години.
Но она што останува сѐ уште најважно на ова поле се новинарскиот интегритет и професионалност. Тие се нападнати од економската криза, состојбата на печатените медиуми, но и електронските, намалувањето на редакциите, кликбајт-новинарството….Ако има некаков „лек“ за иднината на нашата професија, тоа се високиот интегритет што треба да го има секој од нас, етиката и професионалноста во извршувањето на оваа исклучително важна професија за јавноста. Платформите, начинот на кој се известува, продукцијата на вести – сѐ може да се смени, но трајната нишка за одржување на новинарството е сопствениот интегритет – вели Трајкоска.
И за Лирим Дулови, искусен професионалец што е запознаен со состојбите во медиумската сфера, општо кажано, ситуацијата е алармантна. Новинарството е во длабока криза. Според Дулови, ако во минатото беше чест, денес е навреда да бидеш новинар. Затоа нема никаков интерес од младите генерации за нашата професија.
– Сето ова се случи во име на слободата на изразувањето и слободата на пазарот. Низ тоа се прошверцуваа клеветата, навредата, нарушувањето на угледот, лажните вести, крадењето на авторските права, се промовираат најголемите антивредности од едно општество. Мислам дека во комунизмот сме имале поинформирани граѓани. Тогаш имаше само идеолошка цензура, а денес тешко може да се препознае вистината од лагата и за банални настани.
Сметам дека законите што ја регулираат оваа област треба да се пишуваат од почеток. Брзиот технолошки развој наметнува радикални промени на законите. Професионалните новинари мора да се заштитат од измамниците и рекетарите, кои се затскриваат зад нашата професија – вели Дулови.
Според него, обидите за саморегулација не ја подобриле ситуацијата, а казните за клевета и навреда мора да се зголемат.

– Така ќе се штитат професионалните новинари. Мора да има лиценцирање на новинарите, а лиценцата да им се одземе ако се злоупотребат оваа света професија и мисија.
Кога сме кај весниците, ерата на дигитализација наметнува промени и кај нас, кои се бавни, но се случуваат. За тоа да има поголем ефект, потребно е силна општествена мобилизација за објективно информирање. Сѐ додека не се сфати таа потреба, залудни ќе бидат нашите обиди како печатени медиуми сами да ја подобриме таквата ситуација – заклучува Дулови.
И бидејќи 3 Мај е Светски ден на медиумите, но и Светски ден на сонцето, да посакаме сонцето да ги огрее и печатените медиуми како силен фактор за севкупен општествен просперитет, Независно, аналитичко и инклузивно новинарство, кое вклучува разоткривање, дијагноза, анализа, но и нудење решенија за сите актуелни предизвици треба да биде новиот тренд на седмата сила што се очекува и во домашната медиумска сфера. Ако сонцето е моќен извор на светлина и топлина за Земјата, тогаш медиумите, особено печатените, се извор на факти и вистина и можност за просветлувањето на граѓаните и јавноста. Сосема за крај можеби вреди да се спомене и изјавата на Томас Џеферсон, еден од татковците основачи на Америка, кој зборувајќи за вредноста на слободните медиуми, уште пред 236 години, односно во далечната 1787 година има кажано: „Да ми беше оставено да одлучам дали треба да имаме влада без весници или весници без влада, немаше да се двоумам ниту еден момент да го претпочитам второто“.


Печатените медиуми чувари на јазикот и на идентитетот

Во изминатите години и декади печатените медиуми во Македонија поминаа и сѐ уште минуваат низ многу сцили и харибди. Потврда за тоа е огромниот број на весници во Македонија што не можеа да ги издржат економските предизвици и тешки услови за стопанисување и згаснаа. Но можеби таа борба за опстојување и освојување читатели направи некои од печатените медиуми посилни и поотпорни. Тоа особено се однесува на медиумите со долга традиција, висок кредибилитет во јавноста и докажан професионализам. И покрај напливот на електронски медиуми во последните години, сите релевантни домашни и светски истражувања покажуваат дека токму печатените медиуми имаат многу поголемо влијание врз граѓаните и јавноста и довербата во весниците е многу поголема. Со тоа весниците играат многу значајна улога во креирањето на јавното мислење.
Но улогата на печатените медиуми во Македонија е уште поголема и од аспект на чувари на македонскиот јазик, а со тоа и на македонскиот идентитет, кој во последно време често е на удар на некои надворешни центри на моќ. Во весниците, меѓу другото, се води сметка и за правила употреба за секој збор, за зачувување на чистотата на јазикот и за негова постојана надградба и унапредување. Јазикот е средство за комуникација, но тој е и чувар на нашиот идентитет, култура и традиција. Затоа и се вели дека сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците. Тука уште би додале и дека сѐ додека постојат весниците ќе живее и ќе се унапредува и македонскиот јазик.


Слободата на изразување како двигател на сите човекови права

УНЕСКО денеска организира специјален настан за светскиот ден на медиумите, но и по повод 30 години од одлуката на Генералното собрание на ОН за прогласување меѓународен ден на слободата на печатот. Годинашна тема на настанот ќе биде „Обликување на иднината на правата: Слободата на изразување како двигател за сите други човекови права“.
Светскиот ден на слободата на печатот во 2023 година исто така ќе биде повод за доделување на светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО, „Гилермо Кано“, со која им се оддава признание и чест на придонесот на новинарите, особено на оние што ги ризикуваат своите животи за да обезбедат суштински информации за јавноста.
Во 1993 година, Генералното собрание на ОН го прогласи 3 мај за Светски ден на слободата на медиумите.
– Поминаа три децении со напредок во почитувањето на човековите права и во сродните меѓународни рамки. Сепак, слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и слободата на изразување сè повеќе се на удар, што влијае на остварувањето на другите човекови права – тврдат од УНЕСКО.
Во Македонија, самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и Здружението на новинари на Македонија, ќе го одбележи денеска Светскиот ден на слободата на медиумите со организирање крводарителна акција во просториите на Црвен крст на Град Скопје.

[email protected]