Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија добива вербална поддршка од претставници на ЕУ и може да смета на отворена поддршка од земјите од Вишеградската група, како и од Белгија, кога ги изнесуваме националните ставови во спорот со Бугарија. Меѓу земјите членки на ЕУ постои загриженост дека преседанот со билатерализацијата на евроинтеграциите со кој се соочува Македонија би можел да се повтори, односно дека ќе го загрози проширувањето, при што некои од нив сметаат оти е потребно да се размислува и за компетитивноста на ЕУ во мултиполарниот свет во кој се јавува зачестено менување на геополитичките позиционирања

Претседателката Силјановска-Давкова: Се шири кругот на македонски поддржувачи!

Македонија фаќа динамичен чекор на стекнување меѓународна поддршка при претставување на своите позиции во спорот со Бугарија. Реализирани се, а и натаму планирани се интензивирања на дипломатските контакти во текот на следниот месец пред самитот на Европската Унија. На тој начин продолжува кампањата за надминување на бугарската блокада за продолжување на евроинтеграциите, при што големо внимание ѝ се посветува на т.н. културна дипломатија, како што беше истакнато на брифингот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со новинарите. Токму најавата за нова дипломатска офанзива ни го привлече вниманието, откако претходно пишувавме дека „и ние имаме свој софистициран дипломатски булдожер“ во врска со дипломатските напори за претставување на ставот за уставни измени со одложено дејство.
– Во разговори со претставници од ЕУ, тие ни велат вие сторивте сѐ, дури и невозможното, сега на потег сме ние. Добиваме вербална поддршка. Имаме отворена поддршка од земјите од Вишеградската група, како и од Белгија. Добивме позитивни пораки и во Тиват на самитот Брдо-Бриони – истакна претседателката Силјановска-Давкова.
Претседателката ја истакна и поддршката од Словачка, од каде што сметаат дека билатерализацијата го загрозува проширувањето на ЕУ. За потсетување, словачкиот претседател Петер Пелегрини на неодамнешната средба со Силјановска-Давкова оценил дека македонската евроинтеграција е заложник на билатерализацијата на проширувањето на ЕУ, при што нагласил дека Словачка е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и Братислава ја критикувала блокадата на македонската евроинтеграција на повеќе состаноци на Советот на ЕУ.

Меѓу земјите членки на ЕУ постои загриженост дека преседанот со билатерализацијата на евроинтеграциите со кој се соочува Македонија би можел да се повтори, односно дека ќе го загрози проширувањето, при што некои од нив сметаат оти е потребно да се размислува и за компетитивноста на ЕУ во мултиполарниот свет во кој се јавува зачестено менување на геополитичките позиционирања. Можно решение за надминување на спорот, како што наведуваат од кабинетот на претседателката, претставува толкувањето на преговарачката рамка, каква што е усвоена од 27-те членки на ЕУ.
– Има решение, а тоа е во интерпретацијата на преговарачката рамка. Протоколот не е запишан во камен. Ако постои волја, треба да се биде креативен – категорична е претседателката Силјановска-Давкова.
Македонската претседателка има покана од францускиот колега Емануел Макрон да присуствува на отворањето на обновената катедрала „Нотр Дам“ на 7 декември. Силјановска-Давкова веќе имала средба со францускиот лидер на маргините на самитот за мир во Украина, одржан во јуни во Шпанија. Во нивниот разговор било нагласено дека „ЕУ не треба да биде бирократска машина и оти нејзината филозофија мора да почива на принципи и вредности“.
Претседателката истакна и дека неодамнешната средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на климатската конференција на Обединетите нации (КОП29) во Баку, Азербејџан, поминала во конструктивна атмосфера, но нагласи дека ставовите на Радев изнесени пред бугарските медиуми се разликувале во однос на оние од нивниот разговор.
– Средбата траеше еден час. Зборувавме за економска и културна соработка, со што и Радев изрази отвореност за можни проекти. Можен е исчекор. Тој зборуваше, но не на начинот на кој потоа се обрати пред новинарите, за кој мислам дека стануваше збор за домашна употреба. Му кажав дека во Договорот за добрососедство нема ниту еден збор за уставни измени, му ја кажав јасно нашата позиција и оти е подобро да ја чуе директно од мене. Таа е усогласена и ја соопштуваме пред сите – посочи Силјановска-Давкова.
Двајцата соговорници во разговорот се согласиле за организирање официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу Македонија и Бугарија. Останува да се види дали ќе дојде до нив и како ќе продолжат по дипломатската офанзива на Македонија во ЕУ. М.Ж.


Одржан брифинг на претседателката Силјановска-Давкова со новинарите

Масовен одзив на новинари во претседателската резиденција „Вила Водно“

Напредокот во евроинтеграциите, односите со Бугарија, дипломатските контакти со членки на Европската Унија и прашања поврзани со енергетиката и безбедноста беа во фокусот на двочасовниот брифинг на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со новинарите, одржан завчера во претседателската резиденција „Вила Водно“. На средбата, на која присуствуваа претставници на четириесетина медиуми, претседателката имаше можност да размени мислења со новинарите за најактуелните прашања.
Во однос на внатрешните прашања, претседателката порача дека „само апсолутен монарх може да вети уставни измени“, нагласувајќи дека пратениците гласаат по свое убедување и оти „сѐ друго би било суспендирање на демократијата“.
– Македонија е парламентарна демократија и такво нешто не е можно без широк политички и јавен консензус – нагласи претседателката Силјановска-Давкова.
Таа се осврна и на безбедносната состојба во државата поврзана со ескалацијата на војната во Украина.
– Не е закажана седница на Советот за безбедност поради војната во Украина. Штом сме во НАТО, чадорот на Алијансата нѐ штити. Јас самата не правам безбедносна процена, туку сум во контакт со Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Владата, а добивам информации од Агенцијата за разузнавање. Поприоритетно во моментов е загадувањето на воздухот, па доколку се свика седница, таа би била поради прашања поврзани со заштита на животната средина – посочи претседателката Силјановска-Давкова.
Од кабинетот на претседателката брифираа и за комплетирањето на новиот состав на Комисијата за помилувања.