Обезбедување услови за почитување на правата на маргинализираните групи и нивна интеграција во општеството, секако, е еден од елементите со кои се одликуваат напредните демократии. Но во услови кога мнозинството граѓани во Македонија имаат чувство дека им се погазува и загрозува (сѐ уште) примарниот општествен етнички идентитет на препознавање во меѓународната заедница, т.е. националната и културна посебност односно идентитет, неизбежно се создава впечаток за притисок со цинизам (од меѓународната заедница), со инсистирањето на одржување манифестации за унапредување на правата на секундарно креирани идентитети
Парада на гордоста или политичка
инструментализација и манипулација
Од 15 до 17 септември на повеќе места во Скопје се одбележуваше вториот дел од програмата на јубилејниот десетти по ред Викенд на гордоста – Скопје. Програмата беше отворена со перформансот „Етика“, на францускиот кореограф Матjе Окемије, во изведба на Патрис Дезмон и Пјер Емо во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Настанот се одвиваше во Младинскиот културен центар, Музејот на современата уметност и клубот „Станица 26“. Според организаторите на настанот, „Викендот на гордоста – Скопје е фестивал за квир-култура, уметност и теорија, чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни“.
Фестивалот е во организација на коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ-центарот за поддршка, а се реализира во партнерство на „Локомотива“, МСУ, ТИИИИТ! Инк. и КСП Центар-Јадро, со поддршка на Министерството за култура, фондацијата „Хајнрих Бел Стифунг“, Амбасадата на САД, фондацијата „Фридрих Еберт“, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија и Сигрид. Раузинг.
Овој пат, т.н. втор дел од Викендот на гордоста во Скопје се случуваше повеќе како културно-уметнички перформанс, па се чини дека не ги разбранува толку духовите на македонската јавноста, како на пример (не)одржувањето на Парадата на гордоста во Белград, каде што овој настан имаше сериозни безбедносно-политички импликации во српското општество. Навистина, Парадата на гордоста во Скопје, по третпат се одржа на 25 јуни, како протест против хомофобијата и трансфобијата.
Обезбедување услови за почитување на правата на маргинализираните групи и нивна интеграција во општеството секако е еден од елементите што ги одликуваат напредните демократии. Тенденциите на македонското општество за постигнување на вредностите на напредните демократии најчесто се соочуваат со предизвикот на конзервативни вредности како сѐ уште доминантен модел во социјалниот контекст. Како нов елемент во таквиот предизвик за приближување на вредностите на конзервативните гледишта со оние на напредната демократија, во последниве 5-6 години во Македонија се наметнува политички креираната неизвесност и чувство на загрозеност за опстојувањето и афирмацијата на македонскиот национален идентитет, во условите на напредната демократија, олицетворена во стремежите кон ЕУ. Во услови кога мнозинството граѓани во Македонија имаат чувство дека им се погазува и загрозува (сѐ уште) примарниот идентитет на препознавање во меѓународната заедница, т.е. националниот и културниот идентитет, неизбежно се создава впечаток за притисок со цинизам (од меѓународната заедница) со инсистирањето на одржување манифестации за унапредување на правата на секундарно креирани идентитети.
– Кога нашиот македонски национален идентитет е деградиран до степен на етноцид во ЕУ и во меѓународната заедница, разбирливо е дека не се гледа како примарен општествен интерес егзибиционистичката промоција на трансродово креираните идентитети. Мојот политички ракурс никако не е конзервативен и сметам дека е треба да се овозможи почитување и унапредување на правата на сите малцински идентитети, било тие да се етнички, или родови.
Одговорност на секоја држава што се стреми кон напредна демократија е да овозможи амбиент за малцинските идентитети да бидат прифатени и интегрирани во општеството. Но мислам дека не е вистинскиот начин да се постигне тоа со егзибиционистички манифестации, како т.н. Паради на гордоста, кои се доживуваат како морална агресија и предизвикуваат уште поголем антагонизам кај мнозинството граѓани. Сметам дека таквиот егзибиционистички начин на „борба за правата“ само уште повеќе ги издвојува и деградира малцинските групи, кои сакаат родово да се идентификуваат. Ниту ним, како заедница, тоа им оди во прилог, ниту се постигнува некакво разбирање од мнозинството во општеството. Можеби е подобро наместо во иритирачки паради со егзибиционизам и правење драми од нешто што е природно предодредено, државата да вложува во организирање стручни дебати за едукација на поголемиот дел од општеството, кое во најголема мера нема информација за овие состојби – вели професорката Солза Грчева, лидрека на Глас за Македонија.
Специфично забележливо во дејствувањето на организациите декларирани како борци против хомофобијата и трансфобијата е што нивните активности многу често имаат политизиран контекст, дури се и политички инструментализирани.
– Организациите со ЛГБТ-профил се редовно политички манипулирани од неолибералите. Таквиот феномен е присутен во западните земји, а во Источна Европа (не е нужно да се земји на ЕУ) овие организации се користат како инструмент за промена на власта. Овие малцински групи, кои гледаме дека и не се толку мали, се приклонуваат кон неолибералите верувајќи дека тие ќе им ги остварат нивните права. Конзервативните сили не смеат да ги маргинализираат и да ги анатемизираат овие групи. Само така може да се минимизира штетниот ефект од нивната политичка злоупотреба – вели професорката Солза Грчева.