Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ вели дека во никој случај историските прашања, кои се споменуваат во делот на добрососедските односи, не влегуваат како критериуми во преговарачката рамка.
– Добрососедските односи генерално се критериум, но не се причина за блокада во вака предложениот предлог. Имаме една рамка за решавање на разликите со Бугарија тоа се годишни прегледи, но ништо од тоа не е формален критериум на Европската комисија, ниту пак се прави ниту според нив се прави какво било влијание на преговорите во кое било Поглавје – изјави Маричиќ во гостувањето во вестите на телевизија Канал 5.
Вицепремиерот рече дека протоколот како таков веќе го нема во преговарачката рамка, а она што се споменува се годишните прегледи, и објасни дека истите не се содржина, туку се механизам за имплементација на Договорот, којшто се базира на годишни средби од кои произлегуваат резултати.
– На тие годишни средби, на паритетна основа, подеднакво учествува и нашата Влада и бугарската Влада и ни таму ништо не може да ни се наметне. Сето она што ќе биде договорено, договорено е и со наша согласност и тоа е еден вид на гаранција дека никој ништо не може да ни наметне во овој процес, туку дека со билатерален механизам ќе ги решаваме разликите – додаде Маричиќ.
Тој вели дека гаранциите за овој и за Преспанскиот договор се ставени во добрососедските односи, коишто се таму како критериум уште од 2009 година и дека тоа не е ништо ново, потенцирајќи дека билатералните договори со соседите треба да ги почитуваме, кои впрочем се ратификувани во нашето Собрание и сме ги имплементирале.