Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во врска со уставните измени, тој нагласи дека власта нема намера да застане со тој процес, при што во следниот период до ноември ќе следуваат интензивни политички разговори, но и дополнителни посети од странски политичари

„НОВА МАКЕДОНИЈА“ НА БРИФИНГ СО ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Тековните активности поврзани со скрининг-процесот, подготовката на патоказите, планот за забрзана интеграција, уставните измени, како и оценската мисија на ЕУ за правосудство беа клучните теми на вчерашниот брифинг за медиумите на вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ.
Според вицепремиерот, во моментов од најголемо значење е изработката на трите патокази што се однесуваат на владеење на правото, во кои се вклучени и акцискиот план за малцинствата, потоа зајакнување на демократијата и создавање професионална администрација во служба на граѓаните.
Вицепремиерот Маричиќ очекува до крајот на годината да се завршат сите предвидени обврски за, како што вели, да се направи пакет на земји што би влегле во процесот на проширување.

– Наш клучен ангажман е да се поклопат календарите и тајминзите. Односно во септември да биде усвоен извештајот за скринингот за првиот кластер и да добиеме покана за доставување на патоказите. Нема да дозволиме да се создаваат крупни временски јазови, паузи или, пак, нови барања или нови процеси, освен она што ни е веќе напишано во преговарачката рамка и затоа и работиме и со ЕК и со државите членки да се поклопат овие календари – порача вицепремиерот Маричиќ.
Во врска со уставните измени, тој нагласи дека власта нема намера да застане со тој процес, при што во следниот период до ноември ќе следуваат интензивни политички разговори, но и дополнителни посети од странски политичари. Вицепремиерот Маричиќ не очекува дополнителни компликации од страна на Софија во овој период. Тој нагласи и дека Македонија не може да отстапува од она што е наведено во преговарачката рамка и протоколите.

Во однос на оценската мисија на ЕУ за правосудство, тој посочи дека и досега сме имале над 10 такви оценски мисии и тоа е редовна активност, чија цел е да се координираат и да се подобрат работите во одредена област.
– Очекувам Судскиот совет да има сериозна длабинска мисија, која ќе ги анализира сите слабости и да добиеме точни препораки и насоки од експертите на ЕУ, што би требало да направиме во однос на законите, во однос на практиките на таа институција, но и на кадровските прашања – истакна Маричиќ
Тој посочи дека следната година има претседателски избори во Македонија, на почетокот на јуни има избори за Европскиот парламент, со што фокусот и на државата и на ЕУ ќе биде на друго место.

A.Д.