Домашните и странските експерти со кои се консултиравме велат дека токму македонското општество може да послужи како пример во регионот, а и за Тирана, во однос на унапредувањето на малцинските права и интеркултурниот дијалог. Тие нагласуваат дека националните заедници во Македонија имаат широки права, вклучувајќи и државни празници на кои ги одбележуваат своите особености и култура, како што се 22 Ноември, Денот на албанската азбука, или 27 Јануари, Свети Сава, државни празници на албанската и на српската заедница
Има амбиент и услови да се обезбеди поголема видливост за националните малцинства во Албанија
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана ги продолжува своите напори пред албанското општество за прогласување на 21 мај како ден на националните малцинства. Досега неколкупати Македонците официјално се обратија до албанските институции, вклучувајќи го и барањето на друштво „Илинден“ – Тирана до претседателката на албанскиот парламент Линдита Никола. Според претставниците на македонското друштво, 21 мај е најсоодветен датум, затоа што тоа е Светскиот ден на културната различност за дијалог и развој.
Генералното собрание на Обединетите нации за првпат го прогласи овој Светски ден во 2002 година, откако УНЕСКО ја освои Универзалната декларација за културна разноликост од 2001 година, препознавајќи ја потребата за „зајакнување на потенцијалот на културата како средство за постигнување просперитет, одржлив развој и глобален мирен соживот“. Светскиот ден на културната разновидност за дијалог и развој е повод да се промовира и потенцира важноста на културата. Тоа е можност да се промовираат како материјалните така и нематеријалните културни добра и да се размисли како придонесуваат тие за заемно разбирање и одржлив развој.
Албанија е мултиетничка, а тоа е евидентно во пописите на населението, кои се спроведуваа од 1945 до 2011 година, односно во албанската држава, покрај Албанците, живеат и Македонци, Грци, Срби, Црногорци, Власи, Роми и Бошњаци. Според претставниците на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, националните малцинства во Република Албанија се национално богатство и со прогласување државен празник ќе се обезбеди видливост за националните малцинства и ќе се препознае нивната дадена вредност за албанското општество.
Националните малцинства, вклучувајќи ги и Македонците, во Албанија немаат свои државни празници преку кои би можеле да го обележат својот идентитет или култура. Според познавачите, оваа состојба е уназадување на мултикултурализмот и интеркултурниот дијалог во албанското општество, особено ако се земе предвид дека Албанија како држава претендира да биде членка на Европската Унија.
Експертите со кои се консултиравме велат дека токму македонското општество може да ѝ послужи како пример на Тирана во однос на унапредувањето на малцинските права и на интеркултурниот дијалог. Тие нагласуваат дека националните заедници во Македонија имаат широки права, вклучувајќи и државни празници на кои ги одбележуваат своите особености и култура, како што се 22 Ноември, Денот на албанската азбука, или 27 Јануари, Свети Сава, државни празници на албанската и на српската заедница.
Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, истакнува дека Македонците се лојални граѓани на Република Албанија и дека сите нивни активности се насочени кон унапредување на малцинските права на Македонците, но и на сите други заедници што живеат во Албанија. Според Ѓурѓај, доколку 21 мај се прогласи за ден на националните малцинства, на тој начин ќе дојде до унапредување на малцинските права на Македонците, но и на другите заедници, бидејќи би можеле да организираат јавни манифестации за промоција на македонскиот идентитет и култура.
– На овој начин Македонците и другите малцинства ќе бидат повидливи во албанското општество – вели Никола Ѓурѓај.
Во споредба со Бугарија и Грција, Тирана го признава постоењето на националните малцинства на територијата на Албанија. Македонското малцинство во Албанија има одредени права, како што се правото на здружување и искажување на сопствените ставови. Во овој поглед албанската држава во споредба со Грција и Бугарија, кои се членки на Европската Унија, е неколку чекори пред нив. Познавачите на состојбите посочуваат дека има услови за уште поголемо унапредување на малцинските права, што може позитивно да се одрази врз албанското општество, но и да го продлабочи пријателството на Албанија со соседните држави, вклучувајќи го и албанско-македонското погранично пријателство. Д. Ст.