Традиција на одбрана, чување и промовирање на македонските интереси и права
Промовирањето и заштитата на македонските национални и политички интереси во печатените медиуми имаат долга традиција, со корени уште во 19 век. Бугарските архиви откриваат голем број македонски весници што биле издавани во бугарската држава од страна на македонската емиграција, весници што искрено ги застапувале идеите на македонштината. Всушност „Нова Македонија“ е наследник на печатените медиуми како што се „Македонија“ (1888 г.), редактиран од Коста Шахов, „Револуција“ (1895 г.), редактиран од Димо Хаџи Димов, или „Билтенот на Внатрешната македонска револуционерна организација – обединета“ (1936 г.), редактиран од Васил Ивановски, кој не случајно станува првиот главен уредник на „Нова Македонија“.
Весникот „Македонија“ промотор на македонскиот политички и национален сепаратизам
Весникот „Македонија“ е основан во 1888 година од страна на македонскиот деец Коста Шахов, во бугарскиот град Русе. Во 80-тите години на 19 век, „Македонија“ е единствениот весник што во бугарската држава целосно е посветен на македонското прашање. Се залага за политичка автономија на Македонија и ја критикува надворешната политика на бугарскиот премиер Стефан Стамболов и неговиот однос кон македонското прашање. Весникот „Македонија“, под редакторство на Шахов, започнал да го промовира македонскиот политички сепаратизам, но ги поставил и основите на македонскиот национален сепаратизам. Затоа Гане Тодоровски вели дека доколку сакаме да го разбереме и целосно да го протолкуваме Крсте Петков Мисирков, мора да ги согледаме неговите претходници, а меѓу нив го вбројува и Коста Шахов.
Статијата „Право за самозачувување“
На 2 јуни 1889 година, весникот „Македонија“ ја објавува статијата „Право за самозачувување“. Во неа се вели дека меѓу правата што му се признаваат на човекот од страна на државите може да се вбројат – правото за суштествување и развој преку правото на придобивање средства што се неопходни за живот, правото на развој на духовните и умствените способности преку училиштата, библиотеките, музеите и друго, вклучувајќи ги и правото на неприкосновеност на личноста, животот, честа и правото за владеење на сопственоста. Според „Македонија“, наведените права не се признаени од османлиската власт за христијанското население.
Во понатамошниот дел на текстот се вели: „Првата со кои се ползуваат сите други, за нас Македонците се откажуваат и од оние на кои македонските синови им дале јазик и ги упатиле кон патот на прогресот и цивилизацијата. Бидејќи правата се ползуваат од сите други народи и личности, за нас Македонците се укажува дека наша должност е да го запазиме своето право и живот со сите средства кои ги имаме на располагање.“
Во статијата исто така се вели дека правото на самозачувување води кон борба против напаѓачите, но и кон правото на предупредување од неминовната грозна опасност, инаку „немаме право на самостојност“.
Закрилник на македонската емиграција во Бугарија
Весникот „Македонија“ будно ја следел активноста на македонската емиграција и ја промовирал општествената дејност на Македонците во Бугарија. Во текстот со наслов „Македонското еснафско друштво во гр. Пловдив“ се информира дека нашите „сотатковници што живеат во градот Пловдив основале друштво и го подигаат авторитетот на својот поробен народ“ пред светот. Како прилог кон текстот е објавен целиот устав на споменатото македонско друштво. Во уставот можеме да прочитаме дека друштвото било основано од Македонците што живееле во градот Пловдив, а негова цел била да им „помага на бедните и пропаднати Македонци.“
Коста Шахов – претходникот на Мисирков
До појавата на Македонската револуционерна организација (МРО), Коста Шахов веќе бил ветеран во македонското движење. Петар Поп Арсов, еден од основачите и идеолозите на Македонската револуционерна организација (МРО), вели дека мислата за револуционерен отпор се појавила во Софија преку издавачката дејност на Коста Шахов. Тој имал особена улога во создавањето на Македонското студентско друштво (МСД), во кое главни протагонисти биле Даме Груев, Петар Поп Арсов, Димитар Мирчев и други. Друштвото се залагало за ослободување на Македонија преку револуционерна организација и издавање списание што ќе им се спротивстави на туѓите пропаганди што го делат народот на Срби, Грци и Бугари. Шахов е еден основачите и на Младата македонска книжевна дружина (ММКД) во Софија и активно соработува во издавањето на списанието „Лоза“. Издавал повеќе весници, меѓу нив се „Македонија“, „Глас македонски“, „Борба за слобода на Македонија и Одринско“, „Борба“ и др.