Фото: Игор Бансколиев

Контекстот на провокација со оваа иницијатива за спомен-плоча на Гоце Делчев во Баница е очигледен, бидејќи во овие договарања меѓу Бугарија и Грција никако не се споменува Македонија, иако Делчев е водач на македонското револуционерно движење. Но, од друга страна, на ваквата инцијатива за споменик и чествување на Делчев во Грција или Бугарија може да се гледа и како на признание дека и таму всушност е Македонија, односно македонскиот временски и просторен идентитет допира многу пошироко од сегашните граници на државата. Ако Грција и Бугарија сакаат да пронајдат како ги поврзува Гоце Делчев, доволно е да ги отворат достапни за истражување своите архиви, тврдат историчарите

ПРЕДЛОГОТ НА БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ
РУМЕН РАДЕВ КАКО ПОВОД

Билатералноста на апсурдното бугарско оспорување на историско-идентитетската посебност на Македонците е веќе надмината со т.н. француски предлог на преговарачката рамка за ЕУ, со што бугарските барања за Македонија на непринципиелен начин станаа некаков европски услов. Но таквата состојба на уцена што им е наметната на македонските евроинтеграции, се чини не ја задоволува официјална Софија, која не се откажува од асимилаторските намери за македонскиот идентитет на сите начини и на секој план. Бугарската стратегија со провокации, која на територијата на Македонија се спроведува со отворање квазикултурни клубови со контроверзни имиња, веќе е проширена во регионален контекст, со иницијативата на бугарскиот претседател Румен Радев, Бугарија и Грција заеднички да подигнат споменик на Гоце Делчев во селото Баница, каде што е убиен македонскиот револуционер. Иницијативата наводно е прифатена од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, која одговорила дека „доколку има барање за спомен-плоча во Баница, надлежните органи ќе го разгледаат“.
Контекстот на провокација со оваа иницијатива за спомен-плоча на Гоце Делчев во Баница, претставена како новинарско прашање до бугарскиот претседател Радев, е очигледен, бидејќи во овие договарања меѓу Бугарија и Грција никако не се споменува Македонија, иако Делчев е водач на македонското револуционерно движење и наспроти фактот што неговите посмртни останки се наоѓаат во Скопје, главниот град на Македонија. Притоа, овој споменик во најава се претставува како пример пред ЕУ дека „Бугарија и Грција ги оставија настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратегиско партнерство и разбирање“.
– Бугарската и грчката надворешна политика одат „рака под рака“, односно дејствуваат синхронизирано кога станува збор за опструкција и негирање на македонската национална посебност. Ни едните ни другите не признаваат посебен културно-историски македонски национален идентитет, ниту во актуелната сегашност, уште помалку во минатото. Во таквата политика спрема Македонија и македонското национално прашање имале поддршка и од големите сили, што можеби во поинаква форма, но суштински исто, се покажува и денес преку нестандардните услови и непринципиелни вредности што ги добиваме за почеток на преговорите со ЕУ. Иницијативата на Бугарија и на Грција за заеднички споменик на Гоце Делчев во Баница не може да се гледа поинаку освен во контекстот на бугарската стратегија за присвојување и асимилација на македонската историја, македонските историски личности, односно бугаризација на македонскиот национален идентитет – вели историчарката Наташа Котлар.
Сепак, Котлар се сомнева дека воопшто ќе дојде до реализација на најавената иницијатива за поставување спомен-плоча на Делчев на местото каде што загинал, а денес се наоѓа на грчката државна територија. Според неа, Грција не сака многу да ги бранува прашањата за Македонците на нејзина територија, по сите дејства што ги има спроведено во изминатите стотина години за менување на структурата на населението на тој простор. Всушност, некогашното македонско село Баница, или преименувано како Кариес, се наоѓа во регионот на Серес, во Егејска Македонија, во Северна Грција, и во него во 1903 година загинал македонскиот револуционер Гоце Делчев. Баница денес речиси и не постои.

– Подигнувањето споменик на Гоце Делчев на местото каде што загинал ќе активира многу историски наративи, поттурнати под тепих, како во Грција, така и во Бугарија. Во практика, реализацијата на оваа идеја ќе оди многу тешко, или никогаш нема да се случи, но сега бугарската политика го користи тој момент за уште една презентација на европска сцена на својот наратив дека на овој дел од јужниот Балкан, освен Грци и Албанци, има само Бугари, упатувајќи провокација за Македонија, каде што Гоце Делчев е симболот на нацијата и државноста, вграден и во државната химна. Гоце Делчев не е само синоним на своето време туку на севкупната борба за македонска национална и државна еманципација, преку НОБ, АСНОМ, создавањето на државноста, независноста на Македонија. Од друга страна, активирањето на наративот за Гоце Делчев во Грција, секако, ќе предизвика и навраќање на историските контексти од тоа време, што може да ги разбранува и актуелните геополитички контексти и интереси како на земјите во регионот, така и на големите сили што имале своја улога и во времето на дејствувањето и смртта на македонскиот револуционер Делчев, но и сега – вели Наташа Котлар.
Професорката Котлар потсетува дека смртта на Гоце Делчев е сѐ уште едно историски неодговорено прашање, во смисла кој го предал за да падне во заседа и борба со турскиот аскер. Таа предлага, ако Грција и Бугарија сакаат да пронајдат како ги поврзува Гоце Делчев, да ги отворат достапни за истражување своите архиви. Но, од друга страна, на ваквата инцијатива за споменик и чествување на Делчев во Грција или Бугарија може да се гледа и како на признание дека и таму всушност е Македонија, односно македонскиот временски и просторен идентитет допира многу пошироко од сегашните граници на државата.
– Објавувањето на иницијативата за бугарски споменик на Гоце Делчев во Грција треба да се гледа и во контекстот на работата на мешаната македонско-бугарска историско-образовна комисија, која веќе ги обработува личностите од новиот век, на кој му припаѓа и Гоце Делчев. Притоа, мора да се забележи дека сите изјави на бугарскиот претседател и на бугарскиот дел од комисијата одат по линијата на живковистичката формулација дека целото културно-историско наследство на Македонија, всушност, е бугарско. Преку таквото присвојување на македонското културно-историско наследство се прави асимилација на Македонците, и тоа на отворена европска сцена. Бугарија го потврди тоа и со декларацијата на своето собрание, со која најотворено го негираше македонскиот идентитет. По таа декларација, требаше да ги прекинеме сите разговори и преговори што се водат во историската комисија и да се игнорира Договорот за добрососедство, наместо од македонска страна да се негираат и релативизираат бугарските постапки во однос на македонскиот културно-историски идентитет – заклучува професорката Наташа Котлар.