Лингвистите и книжевниците алармираат да не се негира фактот дека македонскиот јазик се користи многу пошироко од територијата на денешна Македонија! Анализирајќи ја едностраната изјава за македонскиот јазик од македонска страна, тие апелираат и предупредуваат дека „кога се зборува за јазикот да се држи до научните принципи, а не до дневнополитички моменти, кои бараат или заговараат ревидирање на научните факти“!
Едностраната изјава за македонскиот јазик од македонска страна, како повод
На политичкиот состанок на меѓувладината конференција за отворање на почетокот на пристапните преговори на Македонија во ЕУ, завчера во Брисел, македонските претставници поднесоа унилатерална изјава, како одговор на бугарската декларација. Но одредени формулации во текстот предизвика бурни реакции во јавноста. Лингвистите и книжевниците алармираат „да не се негира протегањето на македонскиот јазик многу пошироко од територијата на денешна Македонија и кога се зборува за јазикот да се држи до научните принципи, а не до дневнополитички моменти, кои бараат или заговараат ревидирање на научните факти“.
За формулацијата во поднесената изјава објаснување даде Људмил Спасов, професор на Филолошкиот факултет и претседател на владиниот Совет за македонски јазик. Тој смета дека не станува збор за негирање на дијалектите, туку за основата на литературниот стандарден јазик.
– Нагласувам дека македонскиот јазик се протега и надвор од границите на нашата држава и македонскиот јазик, како и другите јазици, има свој континуум на дијалекти и дијалектите се прелеваат едни со други. Во секое дијалектно подрачје, односно во секој јазик, постојат централни дијалекти или жариште на создавање на сопствениот јазик. Нашите централни дијалекти се централните говори на централното наречје, а тоа значи оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево. Оттука е создадена писмената традиција, практично уште од 16 век и тие говори ги кодифицира Крсте Петков Мисирков во својата книга „За македонцките работи“ од 1903 година. Комисијата за јазик и правопис во 1944 и 1945 година врз истите принципи ја создава современата македонска азбука и современиот македонски правопис. Блаже Конески во својата Граматика на современиот македонски јазик ја прави истата работа. Кога зборуваме за јазици на меѓународен план, ние зборуваме за литературните и стандардните јазици. Според тоа, зборуваме за македонски стандарден јазик и притоа воопшто не негираме дека дијалектите на македонскиот јазик се продуцираат и надвор од нашата држава. Според тоа, науката и понатаму треба да се занимава со сѐ што значи македонска култура, не само во границите на државата. Ги поддржуваме сите оние што се надвор од државата во соседните држави и се чувствуваат Македонци. Нашата задача, на нашата држава, е организирано да отвора лекторати по македонски јазик на универзитетите во Европската Унија и пошироко – објаснува професорот Спасов.
Меѓутоа, голем дел од неговите колеги не се согласуваат со него.
Бобан Карапејовски, доцент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, смета дека декларацијата има многубројни спорни моменти.
– Едностраната изјава на РС. Македонија, приложена кон записникот од првата меѓувладина конференција, има неколку спорни моменти. Текстот е сосема невешто составен, извадени се делови од претходни декларации и воопшто не претставува одговор на бугарската еднострана изјава, во која се тврди дека македонскиот е една од „регионалните писмени норми“ на бугарскиот. Изјавата, во таа смисла, промовира извесни научни и фактични нелогичности и неточности. Вистина, македонскиот јазик (како систем од сите негови дијалекти) има просторен и временски континуум: временски – може да се следи неговиот развој од 9 в. наваму, просторен – ја опфаќа територијата Македонија – вели Карапејовски.
Во декларацијата стои: „Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија“.
– Дури и ако се зборува за основата на стандардниот јазик, централните говори на западното наречје, таа излегува од границата на денешната држава. Се разбира, тешко е да се верува во тоа објаснување (дека се мисли само на стандардниот јазик), бидејќи тогаш ќе се појави уште поголем проблем: континуитет не може да се бара на стандарден јазик, за него се врзува „датум на раѓање“ (како и кај сите стандардни јазици, по дефиниција, кои се кодификуваат со политички акт на некоја држава), туку само на целокупниот дијасистем (системот на јазикот составен од сите дијалекти што влегуваат во неговиот состав). Уште пострашно е ако се мисли само на дијалектите што влегуваат во основата на стандардниот јазик, бидејќи „специфичен развој“ во однос на другите дијасистеми со кои македонскиот образува континуум (српскиот и бугарскиот) немаат само тие три-четири дијалекти, туку, напротив, целокупниот (дијалектен) систем на македонскиот јазик – вели Карапејовски.
Во основата на стандардот се централните говори на западното наречје, но спецификите и иновациите во македонскиот стандард ги надминуваат тие граници (балканизмите, на пример), објаснува Карапејовски.
– Вака напишано, од незнаење или со намера, сеедно, македонскиот јазик се сведува на територијата само на денешната држава Македонија, иако постоењето надвор од тие граници е нешто што е научен факт (се огледува, да речеме, и во пунктовите на Општословенскиот лингвистички атлас). Одделен проблем е тврдењето дека македонскиот јазик „бил признаен“ на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година. На Третата конференција на УНГЕГН (United Nation Group of Experts for Geogrphical Names) во Атина е донесена Резолуција за тоа како македонската кирилица ќе се предава со латиница, односно како македонските топоними ќе се предаваат на географските карти со латиница. Нема збор за некакво признавање на јазик на конференција на експерти за географски имиња (https://unstats.un.org/unsd/geoinfo/ungegn/ungegnConf3.html). Науката за јазикот (не само македонската) одамна ги има утврдени овие работи и понатаму, сигурен сум, ќе се држи до научните принципи, а не до некои дневнополитички моменти, кои бараат или заговараат ревидирање на научните факти – додава Карапејовски.
Од Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип изразуваат незадоволство поради незаинтересираноста на власта да го слушне гласот на македонските научници.
– Носењето политички одлуки во интерес на други земји и сојузи доведе до состојба на општонационална траума, која е најизразена кај лингвистите и книжевниците, кои животот му го посветиле токму на македонскиот јазик со неговите дијалектни и стилски разновидности. Дијалектите, вклучувајќи ги и оние што ги зборуваат македонските малцинства надвор од денешните државни граници, претставуваат составен дел на македонскиот национален јазик – велат од катедрата.
Според проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, македонскиот јазик, со своите дијалекти, се протега и надвор од границите на државата.
– Штета е ваков голем ден кога македонскиот јазик за првпат се слушна во Советот на Европската Унија, да се извалка со владината изјава за македонскиот јазик, невидена и непроверена од ниту еден македонист. Ова не смее да се премолчи: литературниот македонски јазик се базира врз централните говори на западномакедонското наречје, но македонскиот јазик со своето богатство – своите дијалекти се протегал и се протега многу пошироко од територијата на денешна Република Северна Македонија – вели Пановска-Димкова.
За авторите што творат на македонски јазик, негирањето на дијалектите е поразително за јазикот, но и за целото творештво, култура и идентитет.
– Дијалектите на македонскиот јазик што постојат и се зборуваат надвор од политичките граници на Македонија имаат свој придонес во генезата на стандардниот македонски јазик, и тоа е обичен, меѓународно признаен научен факт: има многубројни македонски и странски лингвисти што нашироко и смирено можат да зборуваат за тоа. Она што мене како писател ме интересира се споредбата и метафората, и битноста на дијалектите на едно друго, „поживо“ рамниште. Имено, повикувајќи се на зборовите на Конески, дека „јазикот е нашата единствeнa неподелена татковина“, јас би рекол дека јазикот е нашето вистинско семејство – а дијалектите се нашите живи предци. Да се откажеш од дијалектите што придонеле во создавањето на твојот јазик е како да негираш нека некои твои предци придонеле за тоа да те има на светов. Од каде доаѓаш, ако твоите предци одеднаш не се твои предци? Нашите водачи политиканти („политика“ е благородна дејност, „политикантство“ е оваа помија што ја сведочиме) – навистина ли веруваат дека нивната држава и нивното лично потомство можат да имаат пристојна иднина некаде (во ЕУ, или каде било) ако самите тие безумно го сништуваат своето минато – и својата сегашност? – изјавува писателот Живко Гроздановски.
Автори: Биљана Стојановска / Наташа Бошковска-Златкова