Фото: Фејсбук/ОФКАТ

Потрагата по Мартин, кој на 9 јули исчезна во морето кај Посиди на првиот крак на Халкидики, продолжува и денеска. Спасувачите волонтери не запираат со потрагата, а претседателот на грчкиот волонтерски спасувачки тим ОФКАТ, Христос Рамос во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека нема да запрат сè додека не го најдат исчезнатиот.

Членовите на ОФКАТ од прв момент се на терен, секојдневно веќе 13-ти ден пребаруваат во различни делови, како на копно, така и во вода, а нивната потрага продолжи и по завршувањето на официјалната потрага што ја водеше Крајбрежната служба на Грција.

– Секако дека и денеска продолжува потрагата и нема да заврши сè додека не го најдеме Мартин. Оваа изјава ја дадов уште од самиот почеток и е ветување што му го дадов на семејството на Мартин – истакна Рамос за МИА.

Од ОФКАТ, на нивниот официјален Фејсбук профил вчера објавија фотографија од црни шорцеви, најдени во близина на Катерини, слични на оние на Мартин. Фотографијата им ја испратил граѓанин, кој, за жал, не ги задржал шорцовите.

– Не успеавме да го најдеме костимот за капење. За жал човекот кој го фотографирал не го земал. Ние бевме на местото каде што ни кажа човекот, заедно со хотелот го пребаравме целиот дел, во трските, ѓубрето, но не го најдовме – рече Рамос.

Претседателот на ОФКАТ, за МИА објасни дека со оглед на тоа што шорцовите биле во близина на Катерини, потрагата се префрли во конкретниот дел, односно вчера биле во делот на Макријалос, Метони, Аликес од страната на Катерини, а денеска ќе пребаруваат од спротивната страна, односно во Солунскиот Залив во делот на Епамони, Каликратија, Созополи, Ираклија…

Во потрагата по Мартин помагаат и лица од Македонија, со дрон и спасувачи кои пребаруваат на друга локација.

Во попладневните часови на 9 јули започна спасувачка акција кога тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.

Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен истиот ден по поминати околу два часа во вода, додека пак ден подоцна, по околу 20 часа во морето, беше пронајден и 30-годишниот Иван, додека пак потрагата по третиот пријател, Мартин, продолжува веќе 13 дена.

Иако вообичаена пракса на грчката Крајбрежна служба е потрагата да трае 72 часа, односно три дена по исчезнувањето, овој рок беше продолжен по официјалното барање од македонска страна и телефонскиот разговор меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји Бујар Османи и Никос Дедниас.

Официјалната потрага на Крајбрежната служба на Грција заврши минатиот четврток, а акцијата продолжи и продолжува од волонтерски спасувачки тимови.