Француската „рамка“ веќе ја нема – таа сега е официјален документ со зададени конкретни услови за нас од страна на Европската Унија

Австриската министерка за ЕУ, на самата конференција во Брисел изрази жалење што не можеме во целост да ги отвориме преговорите додека не го смениме Уставот. Со тоа, таа имплицитно потврди дека македонската страна само „почна да ги отвора преговорите“, изразувајќи жалење дека „билатералните прашања станале услов и одредница за Македонија во пристапниот процес“. Таа наедно беше доволно отворена јавно да порача дека тоа „не смее да се повтори“, односно „да не биде преседан што ќе им се случува и на други земји“.

Од пакетот документи секојдневно бујат нови обврски за нас

Сите документи од пакетот (заклучоците на Советот на ЕУ, преговарачката рамка, билатералниот протокол – кој веќе и не е билатерален, туку е вграден како европски и задолжителен во процесот на преговарање), вклучувајќи ја и промената на македонскиот устав, содржат задачи што треба да ги исполниме, а голем дел од нив, пред втората меѓувладина конференција.
Во јавноста секојдневно од пакетот документи излегуваат нови и нови обврски за нашата држава и тие сѐ повеќе и повеќе, преку аналитичката призма на јавноста, добиваат специфична тежина, која експертите ја квалификуваат како „понижувачка“!
Познавачите на дипломатијата и на меѓународното право се недвосмислени во своите тврдења дека и хипотетички, дури и да се успее со измената на Уставот, јавноста треба да биде свесна дека Бугарија тврдо ќе остане на својот став со кој порачува: „не ви постои јазикот Македонци“, дури „не ве ни споменуваме како Македонци“, но „бараме од вас да ги вметнете Бугарите во својот устав“! Според соговорниците, токму тоа е изразито очигледен двоен стандард!
Нашите соговорници истакнуваат дека официјална Софија „не само што не зборува за Македонци во Бугарија туку не зборува за Македонци во Македонија!“
Имено, и сега, кога Софија ќе ја чита преамбулата „…граѓаните на Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните што живеат во нејзините граници, кои се дел на другите народи…“, тие ќе го прескокнуваат овој дел со македонскиот народ. Според сите соговорници, не зборуваме за реципроцитет во смисла „и вие таму“, имено, на граѓаните треба да им биде јасно дека Бугарите го негираат мнозинскиот народ – го негираат македонскиот народ. И затоа, според нив, ова е толку проблематично и толку спорно.
Згора на сето тоа, сите наши соговорници, познавачи на дипломатијата и меѓународното право, го издвојуваат прашањето на историчарите, од заедничката историска комисија, кои сега водејќи се од некои ирационални политички концепти, токму тие „треба да ја завршат целосно својата работа и да бидат ’испеглани‘ сите учебници, наставни програми, изложбите, музеите, натписите на спомениците… пред македонското зачленување во ЕУ!?“ Токму ова претставува еден „нонсенс“ и топката се префрла кај „истражувачи и научници чија природа на работата е да истражуваат и да пронаоѓаат историски извори и од нив да црпат факти, а не да прават политички компромиси. Тоа е работа на политичарите…“

Не е виновна Европската комисија, туку ние се согласивме на нешто што се однесува за нас, а е национално, правно и политички – супстандардно!

Австриската министерка за ЕУ среде Брисел изрази жалење дека „билатералните прашања станале услов и одредница за Македонија во пристапниот процес“. Таа јавно порача дека тоа „не смее да се повтори“, односно „да не биде преседан што ќе им се случува и на други земји“! Во истиот контекст, за издвојување е и дека пред извесно време и Чешка и Словачка многу силно се бореа билатералните спорови да останат надвор… Но подоцна, во ЕУ се направи значаен пресврт, на штета на Македонија, македонскиот народ, историја и јазик, и со тоа се направи опасен преседан, при што веќе ниту знаеме ниту имаме предвидливост или контрола што нѐ очекува понатаму.
Всушност, според исклучително добрите познавачите на дипломатијата и меѓународното право, клучната промена во пресвртот на мислењата и ставовите на другите држави, членки на ЕУ, а и пошироко, во врска со нашите барања и аргументи против понижувачките услови, е во тоа што „нашата сопствена влада почна да вели ’да‘ и да се согласува“!?
Вредно е да се спомене сека и Софија до пред само неколку месеци се жалеше дека не наоѓа разбирање од другите земји-членки (иако таа е членка, а ние сме само кандидат), сега одеднаш успеа своите прашања (што ѝ беше целта) да ги вметне во преговарачката рамка, во пристапниот процес.
Клучна работа во целиот тој процес е дека ние самите прифативме и се согласивме на нешто што се однесува за нас, а е национално, правно и политички – супстандардно! Слично како и со низата промени во нашата понова историја: Охридскиот договор, Преспанскиот договор, а сега и последниот француско-бугарско-европскиот пакет за почеток на пристапните договори.

Супстандардноста на поставените услови во никој случај не може да биде во ред за Македонците

Сите домашни и странски експерти знаат дека црвената линија се напушти. Соговорниците истакнуваат дека имаме преседан од „билатерализација на европски процес“, сега наполнет со хегемонизам и шовинизам, и дека со тоа е внесен „криминал во рамките на принципите на ЕУ“. Соговорниците велат дека ова не се услови од една членка на ЕУ, од европска Бугарија, туку дека „ова се анахрони услови од некое друго време на бугарската политика спрема македонското прашање“. Сите пораки на меѓународната заедница се темелат на едно – дека нашата сопствена влада со согласноста потврди дека „овој пакет е доволно добар за нас“. Штом е така, ЕУ без никакви пречки, поаѓајќи од нашата согласност, се оградува од секакви импутирања на нејзина адреса дека „таа врши притисоци или принуда над Македонија“. За жал, соговорниците констатираат дека ветото де факто не е повлечено туку „е развлечено и внесено во самиот процес“.
На крајот, соговорниците порачуваат дека ќе треба многу зрелост, да се собереме како нација, да видиме каде сме… За тоа мора да има отвореност и искреност. Да нема залажување дека историјата нема да биде дел од процесот. Таа е веќе внатре. Сега треба да видиме како да го направиме процесот, сепак, да функционира. Ама сите заедно сите заедно мораме да го направиме сите заедно!