Фото: Игор Бансколиев

Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје веќе трет ден се одржуваат седмите „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“. Во однос на актуелните предизвици со кои се соочува македонскиот јазик, нашите соговорници порачуваат дека лингвистичката наука одамна го признава македонскиот јазик, а меѓународно политички тој е потврден во документите на меѓународните организации како ООН, ЕУ, НАТО. Правдината и вистината се на страната на македонскиот јазик и не смееме да се откажеме од тоа, порачуваат лингвистите

СЕДМИ „ОТВОРЕНИ ДЕНОВИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК“

Присуството на премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на седмото издание на „Отворените денови на Институтот за македонски јазик“, во понеделникот, на 17 октомври, освен како поддршка за Институтот и за манифестацијата, во јавноста беше прочитано и како своевиден израз и најава за поголема посветеност на Владата за заштита на македонскиот јазик од политичките предизвици и негации со кои е соочен во последно време, особено од страна на Бугарија, наспроти децениските напори на Македонија за рамноправно меѓународно политичко позиционирање и европско интегрирање. Македонскиот јазик, како можеби најпретставителниот елемент во целокупноста на македонскиот национален идентитет, постојано е предмет на политички мотивирана негација и непризнавање од соседните земји. Но во последниве три години, откако се интензивира процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, автентичната посебност на македонскиот јазик е под директна закана на бугарската политика и документите од нејзините институции упатени до ЕУ, кои отворено го оспоруваат правото на негово именување (и употреба) во институциите на Унијата.
Наспроти реалноста на овој меѓународен предизвик за македонскиот јазик, претставниците на власта постојано тврдат дека македонскиот јазик е целосно признаен и заштитен со соседските договори, како со Преспанскиот договор со Грција, така и со Договорот за добрососедство со Бугарија. Оваа дискрепанца во гледиштата за заштитеноста на македонскиот јазик се претвори во политички предизвик на македонската политика, но и на целото општество, што не дозволува да биде надминат стравот од потклекнување и попустливост на политиката пред негацијата и оспорувањето како на јазикот така и на македонскиот национален идентитет, во интерес на ветувањата за европска иднина на Македонија, кои досега неколкупати биле изневерени.
Во таков контекст, изјавата на премиерот Ковачевски, дека имал чувство “како некој со нож да ви го сече стомакот“ кога преговарал за францускиот предлог на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, со која македонските идентитетски прашања како бугарски услов, практично станаа дел од нашата европска преговарачка рамка, прозвучува како подготвеност за нови жртви.

– Такво чувство имав. Но, на крајот на краиштата, некој мораше да донесе одлука. Тоа е одлука за иднината на оваа и иднината на генерациите што доаѓаат. Дали ќе избереме концепт со крената глава како Македонци со заштитен македонски јазик за да ги почнеме преговорите со Европската Унија – рече премиерот Ковачевски на почетокот на „Отворените денови на Институтот за македонски јазик“.
Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје веќе трет ден се одржуваат седмите „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“.
Според програмата на оваа манифестација, беше одржано чествување на јубилеите „70 години од граматиките на Хорас Лант и на Блаже Конески“ и „100 години од раѓањето на Тодор Димитровски – лингвист, книжевен историчар, теоретичар и преведувач“, а излагања имаа проф. д-р Људмил Спасов и проф. д-р Олгица Додевска-Михајловска. Наедно беа промовирани и најновите изданија на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје од Светлана Давкова-Ѓоргиева. На вториот ден, на 18 октомври, во амфитеатарот на Институтот се одржа трибината „Јазикот на младите“, а денеска и в четврток (19 и 20 октомври) ќе се одржува седмата меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“.
На научната конференција ќе учествуваат меѓународни лингвисти од пет земји. Бројот на присутните учесници е намален поради актуелните геополитички и економски случувања во светот, но научниците лингвисти што биле поканети а не биле во можност да дојдат во Скопје, ги имаат испратено своите научни излагања. Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, вели дека сиве овие седум години, откако се воспоставени „Отворените денови на Институтот за македонски јазик“, постои континуиран интерес за учество и проучување на македонскиот јазик од меѓународно признаени лингвисти.

– Не сум загрижена за иднината и статусот на македонскиот јазик на меѓународен план и, секако, во Македонија. Континуираниот долгогодишен интерес на светските лингвисти за проучување и истражување на македонскиот јазик јасно говори дека тој е признаен и афирмиран во лингвистичката наука. Атмосферата и интересот за присуство и учество на „Отворените денови на ИМЈ“ ми даваат за право да верувам дека постојат жив интерес и внимание за правилно говорење, негување и верба во иднината на македонскиот јазик. Секако, таквата состојба треба да се одржува и унапредува, како во секојдневјето, така и во научната лингвистичка мисла. Затоа, како Институт сме посветени кон продлабочени лингвистички проучувања на македонскиот јазик, преку нов современ лингвистички пристап. Што се однесува на политичките предизвици што само една земја од целиот свет му ги наметнува на македонскиот јазик, спротивставувајќи се да се соочи и да ја признае реалноста на неговото постоење, треба постојано да истакнуваме дека сиот преостанат свет го признава и афирмира неговото автентично постоење. Лингвистичката наука одамна го признава македонскиот јазик, а меѓународно политички – тој е потврден во документите на меѓународните организации како ООН, ЕУ, НАТО. Соседна Бугарија својата заблуденост за непостоењето на македонскиот јазик ја наметна како предмет за политичка трговија. Но вистината и правдината се на страната на македонскиот јазик, од кои не смееме да се откажеме – вели Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик.