На школата веќе се пристигнати шеесетина семинаристи од седумнаесет држави, што е најголем број учесници изминативе неколку години
Јубилејна 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик
Денеска, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, свечено ќе биде отворена јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, која ќе трае до 2 септември.
Станува збор за традиционалната манифестација, која веќе пет и пол децении се организира со учество на голем број лингвисти и македонисти од целиот свет и преку која се шири вистината за континуитетот, широката распространетост, убавината и моќта на македонскиот јазик.
На школата веќе се пристигнати шеесетина семинаристи од седумнаесет држави, што е најголем број учесници изминативе неколку години. Учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република, што е уште еден показател за интересот за македонистиката на универзитетските центри низ светот.
Одржувањето на Семинарот по македонски јазик оваа година за организаторите има дополнително мотивирачки карактер, зашто по две пандемиски години и импровизирани онлајн семинари и со скратена програма, годинава се враќа со полн интензитет на програмата и со зголемен број на учесници. Неговото одржување има значење и на своевиден лингвистички континуитет во славистиката, која е во криза како последица на руско-украинскиот конфликт, што неизбежно се рефлектира и во научните кругови.
Директорката на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Весна Чепишевска-Мојсовска, пред почетокот на 55-от семинар прави споредба на предизвиците за негово одржување на почетоците и во денешниот контекст, за потврда на посебноста на македонскиот јазик во современиот лингвистички, но и политички контекст.
– Споредувајќи ги предизвиците за одржување на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, пред 55 години кога се воспоставува неговото постоење, и денеска, кога започнува неговото 55-то издание, како заеднички мотив се препознаваат желбата и напорите за афирмација на местото и значењето на македонскиот јазик во семејството на словенските јазици, но и во целокупната лингвистичка наука. Создавањето на Семинарот за македонски јазик се случува во време кога Македонија е дел од југословенската федерација, повеќејазична заедница, и преку семинарот се потврдува еднаквиот третман на македонскиот јазик и посветеност за негово проучување и развој во рамките на таа државна заедница. Откако Македонија е независна држава, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, односно неговата Летна школа го прифаќаат предизвикот за негова поширока меѓународна афирмација, како најсоодветен и најкултурен начин да се одговори и спротивстави на секакви политички обиди за негова научна дискредитација.
Македонскиот јазик е жив јазик, со свој автентичен развоен историски континуитет вграден во почетоците на старословенската писменост. Активностите на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, на која годинава шеесетина учесници лингвисти од странство ќе го надградуваат своето знаење на нашиот јазик, само го надградува и одржува континуитетот на потврдената посебност на македонскиот јазик во лингвистиката и воопшто на меѓународен план – вели Весна Чепишевска-Мојсовска, директорка на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Во рамките на летната школа за македонски јазик, предвидени се голем број предавања на истакнати научни работници, одржување лекторски часови, промоции на книги и научни трудови од областа на македонистиката итн.
Од мноштвото предвидени настани издвојуваме: промоција на Зборникот предавања на LIV летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура, промоција на учебниците по македонски јазик за странци „Тешкото“, „Лозје“ и „Везилка“, промоција на книгата „Охридски раскажувачи“ и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“, предавање за глаголицата икирилицата низ призмата на богатото македонско културно-историско наследство и нивната примена, предавање за Гоце Делчев како културна икона, предавање за македонската традиционална култура, културно наследство и идентитет и редица други. Ј.П.