Низ целиот евроинтегративен пат на Македонија, од самата најава дека ЕУ е нејзина стратегиска определба, па до оваа фаза, кога почетокот на преговорите за членство е условен со уставни измени, се провлекуваат ситуации со барања за разни фусноти и ѕвездички во документите на Унијата со кои „би се обележале“ некои македонски атрибути. Појавата на најновата ѕвездичка покрај именката Македонци, во јавната комуникација на германската амбасада во Скопје, повторно го активира прашањето – како заглави македонскиот идентитет меѓу ѕвездички и фусноти
Оној што ги признава народот, јазикот, именувањето на Македонците,
ја признава сувереноста на Македонија, во спротивно…
Уште не одлетал во заборав еден пробен балон со обид за „политички (не)коректно“ преименување на Македонците од страна на претставници на меѓународната заедница, долетува друг. Зачестеноста на ваквите обиди, според нашите соговорници, покажува „сериозна дилатација на – од не толку одамна промовираниот идентитетски бетон“ за македонската нација, наводно загарантиран со Преспанскиот договор, кој меѓу другото го гарантираа токму оние што сега бараат „заменски форми“ за преименување на Македонците.
Стоп и за ненамерни лапсуси, а и за тенденциозни преименувања!
Многу набрзо по, како што ги нарекоа некои аналитичари, „лапсусите на Габриел Ескобар“, помошникот на заменик-државниот секретар на САД, кој Македонците еднаш ги нарекуваше „северномакедонци“, па „православно население“, на веб-страницата на Амбасадата на Германија во Македонија се појави именувањето на Македонците со ѕвездичка. Таквото именување, за првпат во јавна комуникација Македонците на германски јазик да се именуваат со ѕвездичка, предизвика недоумица во македонската јавност дали станува збор за унапредување, т.е. усогласување на германската граматика со политичките одредби на Преспанскиот договор, или за нова форма на задршка во именувањето на македонскиот идентитет. Имено, во досегашните објаснувања од Германија за употребата на терминот „северномакедонци“ (политички некоректен дури и според фамозниот Преспански договор) се темелеа на граматичките правила на германскиот јазик дека името на нацијата произлегува од целосното име на државата (со придавки и именки), поради што Македонците на германски мора(ле) да ги нарекуваат „северномакедонци“.
Именувањето на Македонците со ѕвездичка се случи во пренесувањето на изјавите на германската министерка за надворешни работи Ана Лена Бербок на прес-конференција со нејзиниот колега Бујар Османи, при посетата на Скопје, на веб-сајтот на германската амбасада.
– С. Македонија повторно и повторно докажа дека ниту една пречка не може да ја спречи на патот кон Европската Унија. Сигурна сум дека ќе го добиете вашето место на масата на ЕУ како земја-членка… Договорот, конкретно со Бугарија, сѐ уште им задава стомачни болки на многу Македонци*. Сега кога станува збор всушност за промена на Уставот, можам само да ве охрабрам да ги повлечете сите чекори за да успеете. Како што пристапувањето на С. Македонија во НАТО ја направи Алијансата посилна и посигурна, вие сте и предност за ЕУ. ЕУ напредува на различностите и различните регионални идентитети и силните мултиетнички демократии како вашата – порача Бербок во Скопје, а тоа беше пренесено во соопштение на германската амбасада.
Секако, во директното обраќање на германската министерка не може да се забележи ѕвездичката, но неа ја има во писмениот пренос, што правописно и интерпункциски означува дека треба да има фуснота со дополнително објаснување. Но дообјаснувањето недостига во соопштението, што ја создава недоумицата за неговото значење, што сепак е доволно да се претпостави одредена резерва на германската амбасада во однос на именувањето на Македонците.
– Ако во одреден текст некој збор е означен со ѕвездичка или бројка, тоа, според правописните правила, наведува дека во фуснота следува одредено дообјаснување. Доколку отсуствува дообјаснување, а е употребена некаква интерпункциска ознака, се создава само нова проблематизација. Употребата на ѕвездичката покрај именувањето на Македонците во текстот, без аргументирање за употреба на таквата ознака, во конкретниот случај претставува проблематизација само заради проблематизација. Односно, се сака да се остави впечаток за исправање на едно претходно проблематично именување на Македонците, како „северномакедонци“ објаснето според „неприкосновеноста“ на германскиот правопис, но тоа се прави со резерва и намера да се задржи контекстот на проблематичност на коректноста на „поправеното“ именување. Таквото проблематизирање на именувањето се пренесува на сите јазични атрибути што произлегуваат од македонското национално дефинирање, секако вклучувајќи го и македонскиот јазик. Ако во една земја се именува јазикот што се зборува во неа, како тој ќе се именува е суверено право на таа држава. Именувањето на јазикот и другите национални атрибути се елементи на сувереноста на државата. Ако некој го признава суверенитетот на земјата, ги признава сите нејзини атрибути. Проблематизирањето на еден национален атрибут, како на пример на јазикот, името на нацијата… е всушност проблематизирање на сувереноста на државата – вели лингвистот Игор Радев.
Нашето зачленување во ЕУ, Унијата го претвори да личи на фикција
Низ целиот евроинтегративен пат на Македонија, од самата најава дека ЕУ е нејзина стратегиска определба, па до оваа фаза, кога почетокот на преговорите за членство е условен со уставни измени, се провлекуваат ситуации со барања за разни фусноти и ѕвездички во документите на Унијата со кои би се обележале некои македонски атрибути. Тие барања главно се однесуваа на македонскиот јазик, кои претходно нив ги испорачуваше Грција, а сега Бугарија. Последната ситуација, за која се тврди дека е позитивно решена и се зема како доказ дека македонскиот јазик веќе е прифатен како рамноправен јазик во Европската Унија, беше потпишувањето на договорот со Фронтекс, кој Бугарија го блокираше две-три години, проблематизирајќи го токму статусот на македонскиот јазик. И за да го одобри потпишувањето на договорот со Фронтекс, Бугарија бараше фуснота, со која требаше да се означат нејзините позиции за потеклото на македонскиот јазикот (како дијалект на бугарскиот), што од многу аспекти беше неприфатлива ситуација. Појавата на најновата ѕвездичка покрај именката Македонци, во јавната комуникација на германската амбасада во Скопје, повторно го активира прашањето – како заглави македонскиот идентитет меѓу ѕвездички и фусноти.
– Бркајќи ја Европа (ЕУ), легендарна по својата непринципиелност, недоследност и неисполнување на ветувањата, ете, ние како Македонци заглавивме меѓу некакви ѕвездички и фусноти. Сепак, поголемиот проблем од формалноправните прашања и толкувањето на германската граматика за именувањето на Македонците е тоа што ЕУ всушност настапува измамнички спрема Македонија. Постојано ни поставува нови услови, ние исполнуваме, а таа не исполнува. Кога сѐ ќе се сведе на обични фактори, излегува дека ЕУ нѐ лаже. Таквото непринципиелно однесување направи македонските евроинтеграции да се претворат во ловење лаги, а нашето членство во ЕУ сѐ повеќе личи на фикција. Нашето трчање во ЕУ меѓу ѕвездички и фусноти, за многумина во Македонија сѐ повеќе претставува лов на фикции – вели историчарот Александар Литовски.