По падот на оптимизмот кај политичарите, поради бугарското вето и досега многубројните изневерени очекувања од Брисел, „Нова Македонија“ анализира низ една поширока општествена призма како граѓаните и различните општествени структури ги примаат актуелните случувања поврзани со нашата европерспектива. Како да се мотивираат и преструктурираат државата и институциите, а истовремено граѓаните да останат со силна верба дека државата не е брод што тоне, туку напротив, земја што има потенцијал да понуди развојна европска перспектива? На оваа тема свои визии и размислувања изнесуваат активисти од Студентскиот парламент, стопанственици, економисти и универзитетски професори
СООЧУВАЊЕ СО РЕАЛНОСТА ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ И ЕФЕКТИВНО ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕ
Зачекоривме и во јуни кога треба да падне одлуката дали Македонија конечно ќе го добие долгоочекуваниот датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, но од сигналите што засега пристигаат од Софија, сè поизвесно е дека земјава ќе се соочи со уште едно ново бугарско вето. На ова неодамна предупреди и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој јасно истакна дека македонскиот пат кон ЕУ ќе стагнира, со што на некој начин навести дека земјата треба да се подготви да продолжи и без европската перспектива во скоро време.
– Перспективата за ЕУ во скоро време, за жал, е завршена. Шансите се сè помали и помали. Не можам да кажам дека се завршени. Не можам да кажам, граѓани од утре одиме на сосема друга стратегиска перспектива, бидејќи друга подобра не гледам, но мора да ги менаџираме тие очекувања, кои беа нереално високи изминативе година-две – рече Пендаровски.
Слични изјави даде и шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој по првичниот оптимизам во насока на скоро добивање датум, особено по формирањето на новата бугарска влада на чело со Кирил Петков, сега веќе отворено говори за свртување и фокусирање на проблемите дома.
Од тие причини, „Нова Македонија“ анализира низ една поширока општествена призма како граѓаните и различните општествени структури ги примаат овие сигнали и како гледаат тие на нашата европерспектива. Како да се мотивира и преструктурира државата ако евроинтеграциите продолжат и натаму да бидат блокирани, а истовремено граѓаните да останат со верба дека државата не е брод што тоне, туку земја што и вака блокирана може да понуди развојна европска перспектива?
– Она што нашата држава треба да го направи е да се сврти кон работите дома. Европа нема да ни избега, таа е тука, но ние треба да ја направиме Македонија европска. Прво треба да се направат сериозни и коренити реформи во образованието за да можат да излегуваат образовани и способни кадри, а не само лица со платени дипломи, кои утре ќе чекаат некоја партија да ги вработи. Потоа, мора да се воспостави систем на стимулации на добрите студенти и ученици, да бидат мотивирани уште повеќе да го унапредуваат своето знаење и подоцна да го вложат тоа во развој на својата држава. И трето, државата треба да им обезбеди работа и добра плата на тие студенти што покажале врвни резултати, за да не ни ги украдат другите европски земји – вели Марко Андонов, активист во Студентски парламент.
Според него, треба да се работи и на реформи во здравството, економијата, екологијата, но и да се стави крај на корупцијата.
– Ако немаме добро образование, здравство, ако работиме за 200-300 евра, дишеме загаден воздух, гледаме како политичарите секој ден се расправаат како само да дојдат до власт, тогаш зошто да останеме тука? Мислам дека ако овие работи почнат да се решаваат наместо како досега само да чекаме датум, тогаш младите нема да бегаат од земјава, а и ние сигурно ќе станеме поинтересни за ЕУ како развиена демократска држава – нагласува Андонов.
Првиот човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, смета дека ние и досега требаше да ги спроведеме сите европски практики тука без разлика дали преговараме со ЕУ или, пак, не.
– Ние ако ги средиме работите дома како што налагаат европските правила, тогаш е целосно неважно дали сме членка или не на ЕУ. Ние треба да се однесуваме и како влада, и како бизнис и како луѓе така како што налагаат тие европски правила. И да има ново вето во јуни, ние треба да продолжиме да се однесуваме и да работиме на постигнување на тие европски критериуми дома – вели Кучи.
Тој додава дека самото зачленување во ЕУ не значи ништо, ако претходно не ги исполниме бараните услови.
– Самото зачленување не значи ништо. И утре да станеме членка, тоа нема да ни донесе подобар живот. Видовме што се случи со Бугарија и со Романија, кои беа примени во ЕУ од политички причини, но и натаму се далеку од некакво исполнување на европските критериуми. Ако ние цело време се вадиме на тоа дека треба да добиеме датум, а ништо не правиме дома, тогаш таквите изговори не држат. Ние мора да имаме насока и цел кон што се стремиме, а не да чекаме милост дали некој ќе нè прими – истакнува Кучи.
Според него, нема да биде ништо страшно ако ЕУ не нè прими, а ние ја донесеме Европа дома.
– Нема зошто толку да се оптоваруваме со тој фамозен датум. Ако самите ги постигнеме тие услови што ги налага ЕУ, а ние сега сме далеку од тоа, тоа би било најдобра варијанта за нас. Цело време се преокупираме со нешто фиктивно, а обичниот граѓанин се прашува којзнае што ќе биде утре. Да не се залажуваме дека ако станеме членка на ЕУ ќе почнат да течат пари од сите страни. Тоа нема да се случи и затоа е важно да се инвестира во образованието, во здравството, во правосудството и владеењето на правото еднакво за сите, во инфраструктурата, ако го немаме сето ова, кого ќе убедиме да инвестира во Македонија? Тоа е фокусот на кој требаше и претходно да се работи, десетина и повеќе години наназад, но можеме и сега конечно да почнеме да работиме на тоа – категоричен е Кучи.
Слично размислува и поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, кој порачува дека треба да се работи на проблемите дома, наместо да се бараат изговори за неработењето.
– Ниту досега ЕУ нè хранела, ниту отсега ќе нѐ храни. На државата и на граѓаните тоа не треба да им биде изговор зошто работите во Македонија не се добри. Треба да работиме и да продолжиме со работа, а со датумот воопшто да не се оптоваруваме, кога ќе биде, ќе биде. Не треба да дозволуваме да се погазува нашето достоинство, да се витка кичмата, туку да се работи дома – истакнува Гошев.
Тој додава дека се добива впечаток според вревата што се крева во јавноста дека сите работат на агендата за ЕУ, а никој не работи да ги решава внатрешните проблеми.
– Нема ЕУ да ни го среди судството, нема ниту лоповлукот да го среди ако самите не си ги средиме работите. Членка сме на НАТО и крајно време е да се почне нешто да се работи дома. Треба работа, а не изговори за неработа – категоричен е Гошев.
Универзитетскиот професор Живко Андревски е убеден дека најдобрата алтернатива за земјава е конечно да се посвети на реформите во сите области, наместо да очекува датум.
– Македонија веднаш да се зафати со тоа што може да реализира, а тоа се реформи во сите сфери што значат европски обврски и европски практики. Сферите се тие, оние 35 поглавја во преговорите, кои се движат од владеење на правото, економија, демократија, човекови права, екологија, борба со корупцијата и слично. На нив треба сериозно да се посветиме и да работиме – вели Андревски.
Според него, треба да се започнат процеси што се во духот на европското вреднување и чекорење и дека тоа само по себе ќе го реформира општеството и ќе му влее надеж дека државата конечно чекори кон некаква реална цел и кон подобра иднина.
– Тоа ќе му вети можна брза развојна шанса на македонското општество и второ, кога ќе започнат некогаш преговорите, многу полесно ќе се вклучиме ако претходно голем дел од тие реформски зафати опфатени со поглавјата ги имаме завршено. Тоа е начинот што може да биде стимулативен и ефективен. Македонија треба сè што ѝ се наметнува како проблем да го решава, а секоја развојна шанса сама да ја проектира и да продолжува да опстојува на принципите кон кои се стремиме, иако секогаш може да се размислува и пошироко – заклучува професорот Андревски.