Според повеќето наши соговорници, повлекувањето на македонскиот дел од комисијата може многу лесно да се протолкува како прифаќање на бугарските позиции. Имено, евентуалното повлекување, соговорниците го оценија како чекор назад „по линијата на помал отпор“ и „отстапување“ од (бојното) поле на работа на Комисијата, во која нашите членови треба да ја претставуваат аргументирано историската вистина за Македонците и Македонија. Сепак има и такви мислења каде што се смета дека можеби замрзнувањето на работата на Мешаната историска комисија би претставувало еден вид отпор на неприфатливите барања што постојано ги наметнува бугарската страна…
Некои актуелности поврзани со мешаната македонско-бугарска историско-образовна комисија
Индикаторите на надворешнополитичкото влијание што се јавуваат во работењето на Мешаната историско-образовна комисија, создадена како дел обврските на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, сѐ почесто се маркирани и со нови случувања, кои одат во прилог на тие индиции. Најновата ситуација, која на некој начин оди во прилог на дерогирање на основните принципи и рамка за работа оваа комисија, е политичката одлука за денешното заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, на претставници на македонската и на бугарската влада. Иако една од целите на работата на комисијата е да одреди и да им предложи на владите историски настани и личности што би можеле заеднички да се чествуваат (но, секако, не од позиции на т.н. „заедничка историја“, туку од позиции на историја што чествува настани и личности со универзални и општочовечки вредности), одлуката за заедничкото одбележување на 150-годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев е донесена без никаква консултација со македонскиот дел од комисијата, односно како чисто политичко заемно решение?! Таквата политичка одлука, која имплицира одземање на една суштинска договорна обврска, дадена на комисијата, го наведе претседателот на македонскиот дел, Драги Георгиев, во едно ТВ-интервју по малку дефетистички да изјави дека „нема ништо против да се замрзне работата на комисијата додека не се релаксира политичката атмосфера во двете држави“. Таквиот став, повеќето наши соговорници, професори од различни области и интелектуалци, го оценија како „повлекување по линија на помал отпор“ и „отстапување“ од (бојното) поле на работа на комисијата, во која нашите членови треба да ја претставуваат аргументирано историската вистина за Македонците и Македонија, а не да се повлекуваат пред какви било притисоци, внатрешни, политички, или надворешни и агресивни од бугарска страна.
– Доколку во овој момент историската комисија прави проблем на патот по кој се тргнати двете влади, да се релаксира политичката атмосфера, јас би бил согласен работата на комисијата да се замрзне. Година-две да се замрзне работата на комисијата, бидејќи повторно е присутно чувството дека таа комисија создава проблеми преку нашите препукувања во јавноста. Ако навистина се сака да се постигне некаков напредок меѓу Македонија и Бугарија на сите други нивоа, тоа и не би било толку страшна одлука, бидејќи ние 70 години сме во историографски конфликт со Бугарија. Година или две замрзнување на работата на оваа комисија не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе да тргнат другите работи напред -рече Драги Ѓоргиев, претседателот на македонскиот дел од Мешаната историска комисија со Бугарија.
Историските прашања го оттргнуваат фокусот на политичките преговори?!
Во вакви услови, повлекувањето на македонскиот дел од комисијата може многу лесно да се протолкува како прифаќање на бугарските позиции.
– Реално, комисијата е дерогирана со политичката одлука за заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, со тоа што воопшто не била консултирана, ниту било предложено од неа заедничко одбележување. Една од задачите на комисијата е токму таа – да предлага историски настани и личности за заедничко чествување… Другата, која практично не е ни започната, е усогласување на содржините во историските учебници. Заедничко чествување без согласност на комисијата повлекува логичен заклучок дека со таква политичка одлука, таа е всушност дерогирана. Ако тоа е чекор што треба да навести оттргнување на фокусот на политичките преговори од историските прашања, односно замрзнување на работата на целата комисија – можеби би придонело за насочување кон реалните прашања во односите со Бугарија. Но тоа никако не значи дека Македонија треба да отстапи од историските вистини за своето постоење во меѓународните и билатералните односи. Секое меѓународно интегрирање на Македонија треба да се случи врз принципите на рамноправност и со почитување на историската вистина и меѓународното права. Што се однесува до историските прашања во односите со Бугарија, најдоброто решение е да се постапи онака како што всушност и функционира историската наука – секоја држава си ја пишува својата историја. Надвор од секаков разумен пристап се очекувањето и притисокот на Бугарија, практично од кај нив да ги увезуваме историските учебници – вели историчарот Александар Литовски, поранешен член на македонскиот дел од Мешаната комисија.
Од друга страна, универзитетската професорка, историчарката Наде Проева смета дека можеби замрзнувањето на работата на Мешаната историска комисија би претставувало еден вид отпор на неприфатливите барања што постојано ги наметнува бугарската страна.
– Можеби за смирување на страстите во политичките односи со Бугарија, би било добро отворените историски прашања да им се остават на научна дебата на историчарите. Но тоа да биде дебата на нивна иницијатива, на историчарите, а не иницијатива по декрет на политиката. Не може да се одрече дека оваа Мешана македонско-бугарска историска комисија е политичка, со самиот факт што е формирана од Владата и му поднесува извештај на министерот за надворешни работи. Со оглед на тоа дека во текот на нејзиното работење, бугарската страна постојно настапува со неприфатливи, неразумни и ненаучни барања спрема нас, од позиција на политички уцени, замрзнувањето на работата на комисијата би можело да биде и еден вид отпор на таквиот однос. Тоа никако не значи прифаќање на бугарските позиции за македонската историја, без оглед како ќе го сфатат тоа од другата страна. Македонија никогаш не смее да отстапи од својата историска вистина, под никаков политички притисок – вели историчарката Наде Проева.