Помладите сигурно не знаат, но повозрасните, веројатно, ќе се сетат на индустрискиот комплекс, сега целосно запуштен, што се наоѓа на влезот на територијата на општината Градско, помеѓу патот и железничката пруга, веднаш до, исто така, запуштеното село Згрополци… Тоа некогаш беше познатата и единствена фабрика за производство на вештачко ѓубриво во Македонија, со уште попозната кратенка ХИВ (Хемиска индустрија Велес). Земјоделците, со носталгија, а некои дури и со трошка надеж дека би можела да се рестартира, ја споменуваа фабриката пролетва, додека се одвиваше најскапата сеидба досега… Фабриката, како што велат, на времето им обезбедувала квалитетни, лесно достапни и евтини вештачки ѓубрива
Додека вртоглаво растат цените на земјоделските ѓубрива на светските берзи и ја загрозуваат прехранбената сигурност
Девастиран индустриски комплекс, педантно заштитен од пристап на потенцијални љубопитници со висока ограда од бодликава жица поставена на бетонски столбови од многу понов датум од самите градби што ги опкружува, поради што потсетува на некаква опасна и забранета зона слична на Чернобил, може подобро да се види, ако при патување кон југот на земјава, некој реши да ги одбегне патарините и по стариот пат тргне од Велес кон Градско. Сместен помеѓу патот и железничката пруга, која верно го следи течението на Вардар, веднаш до напуштеното село Згрополци, на самиот влез на територијата на општината Градско, глетката на помалку застрашувачки комплекс делумно ја објаснува, поради бујната вегетација тешко воочливата, избледена табла со натпис „Хемиска индустрија Велес – ХИВ“.
Помладите сигурно не знаат, но повозрасните, веројатно, ќе се сетат дека станува збор за некогаш единствената фабрика за производство на вештачко ѓубриво во Македонија. Земјоделците, со носталгија, а некои дури и со надеж дека би можела да се рестартира, ја споменуваа пролетва додека се одвиваше најскапата сеидба досега, бидејќи фабриката, како што велат, на времето им обезбедувала квалитетни, лесно достапни и евтини ѓубрива. Поупатените во состојбата на фабриката, која пред повеќе децении беше изградена како дел од МХК „Злетово“, кое го поседувало и комбинатот Топилница за олово и цинк – Велес, се категорични дека тоа се нереални очекувања. Исклучително лошата состојба на објектот и на опремата е само еден од нивните аргументи. Ги наведуваат и неуспешната приватизација на комбинатот, нејасните намери на новите сопственици, сериозните еколошки проблеми што произлегле од работењето на фабриката, немањето соодветни кадри и многу други објаснувања, кои засекогаш ја елиминираат од индустриската мапа на земјата со огромен потенцијал за развој на земјоделството.
Одличната локација на фабриката, покрај главните комуникации во центарот на државата е предност, но недоволна за да го надомести сето она што беше уништено и пропуштено во изминативе две децении.
Имено, фабриката го прекина производството во јули 2003 година кога претпријатието влегло во стечај, а потоа, кон крајот на 2008 година, било продадено за 2 милиони и 250 илјади евра на скопската компанија „Метрудхем“. Оттогаш, некаде околу 2011 година, имало еден неуспешен обид за повторно воспоставување на производството на вештачки ѓубрива со користење на локацијата, дел од опремата и инфраструктурата на ХИВ и многу дилеми околу нејзиното влијание врз животната средина.
– Предложената локација има низа предности, пред сѐ, поради фактот што на тоа место веќе е изградена таква инсталација, дека постои изградена инфраструктура, како: пристапни патишта, железничка линија, водоводна и електроинфраструктура, можности за складирање суровини и производи, и делови од постојната опрема. Меѓутоа, состојбата на инфраструктурните и другите објекти не е сосема задоволителна, па инвеститорот мора да смета на значителни инвестиции и на ова поле. Од теренската посета на локацијата е утврдено дека објектите во рамките на фабриката за производство на вештачки ѓубрива се оштетени, некои целосно, а некои и покрај тоа што надворешно изгледаат дека се функционални, сепак не може со сигурност да се потврди истото тоа. На голем број објекти им недостигаат врати, прозорци, а металната конструкција на сите објекти е нападната и сериозно оштетена од корозија. Врз основа на увидот на локацијата, постојните податоци, како и искуството стекнато од слични компании, освен корозијата на целата постројка, како идентификувани проблеми во претходното работење на постројката за производство можат да се изведат следниве заклучоци: постројката за производство претставува сериозен извор на загадување на воздухот и на водата, особено со фосфорни соединенија и амонијак; постојната депонија за гипс не ги исполнува стандардните услови на ЕУ за контрола на контаминацијата на вода и почва, а наедно го нарушува пределот, особено од страната на автопатот; постојната пречистителна станица не ги задоволува критериумите за испуст на пречистен ефлуент. Затоа инвеститорот треба да преземе мерки за целосна реконструкција, изградба и доградба сѐ до инсталирање нови постројки, со цел да се минимизираат влијанијата врз медиумите на животната средина – се вели, меѓу другото, во документот за оцена на влијанијата врз животната средина, кој беше изработен во 2011 година.
Оттогаш помина цела деценија, така што слободно може да каже дека, во меѓувреме, состојбата е дополнително влошена.
– Тоа сега може да се искористи само за продажба на старо железо, но проблем е што таму, во тие погони и складишта, сѐ уште има некои потенцијално штетни материјали, од кои сопствениците би требало прописно да се ослободат. Тука, на околу еден и пол километар југозападно од фабричкиот комплекс, во мала долина меѓу ридови, е и депонијата во која преку цевковод се пренесувале цврстите отпадни материи во облик на фосфорно-гипсена суспензија и која поради тоа, сѐ уште, се смета за една од жешките еколошки точки – објаснуваат упатените, иако навистина е тешко во сето тоа да се поверува, кога ќе се најдете во пределот исполнет со интензивната миризба на камилица, разиграните звуци на инсектите и на птиците и со многубројните посеви и насади во околината.
Но големиот лут пес и известувањето дека просторот е под 24-часовен надзор и обезбедување на главниот влез во кругот на фабриката нѐ враќаат кон дилемите.
Затоа, бидејќи во селото Згрополци, кое се наоѓа веднаш до фабричката ограда, куќите одамна се обраснати со багрем, го побаравме следното најблиско село, Кочилари, од другата страна на Вардар, каде што земјоделците и сточарите, очигледно, не си го штедат трудот.
– Какви отрови, само понекогаш ветрот носеше по малку чад или прашина од кои ние овде немавме никаква штета, а додека се произведуваше, луѓето одеа на работа, постојано се товареше и не можеше да се постигне. Јас велам, само оваа фабрика да останеше, цела Македонија сега ќе можеше од неа да живее. Навечер, кога ќе ги видам само трите ламби што светат, ми се плаче – раскажува виталниот 90-годишен Хасан, кој нѐ пречека на својата порта.
Слично како него реагираше и Слободан Ѓошевски, кој за својата земјоделска фирма тука, на околу 12 хектари земја, одгледува пченица, пченка, праска, бостан…
– За загадувањето не знам, ама додека работеше фабриката, знаевме што купуваме и со што ја ѓубриме земјата. Сега цените ги зголемија, а никаква контрола нема ниту на ѓубривата ниту на семенскиот материјал. Во вреќите ставаат дури и песок и ситни камчиња за да ја зголемат тежината. Семето не е семе, со ѓубривото е уште полошо. Не е само да се поделат субвенции, нека пуштат некакви контроли за да се види што ставаме во земјата, а вие терајте си, оправајте ја работата, инаку ќе трпиме за леб – порачува Ѓошевски.
А тоа го потврдуваат и повеќето агрономи, кои велат дека во моментов е многу тешко да се најде квалитетно ѓубриво што ќе им одговара и на карактеристиките на почвата и на намената, но и на критериумите потребни за добивање субвенции од Владата. Уште потешко, според нив, е да се обезбеди стабилно снабдување. Имаат одредени резерви и кон нивното сертифицирање.
– Во моментов има некои помали фирми што се обидуваат да прават ѓубрива за домашниот пазар, но за да се обнови некогашното производство, во овие услови, е голема илузија бидејќи, како прво, повторно би биле зависни од увозот на суровини, а проблемот е и застарената технологија – констатираат агрономите.
Инаку, фабриката првенствено била изградена да ја консумира сулфурната киселина што се произведувала во металургискиот комплекс на комбинатот Топилница за олово и цинк, Велес, а за првпат проработела во 1979 година, со околу 400 работници.
Во научните трудови, таа сега се посочува како еден од многубројните примери за таканаречениот индустриски угар во Македонија.
Д.М.М.
Фотографии: Маја Јаневска-Илиева