Фото: Архива/„Нова Македонија“

Македонското општество свечено го одбележува 9 Мај како Ден на победата над фашизмот, но одбележувањето има многу поголемо значење за македонскиот народ, затоа што победата над фашизмот означува и победа на македонската национална особеност и државност

Повод: 9 Мај – Денот на победата над фашизмот

Денот на победата е мошне значаен момент во современата историја, крај на шестгодишната војна и пораз на националсоцијализмот и фашизмот, идеологии што вовлекоа 61 држава со над две милијарди население во стравотен воен судир. По бројот на човечките жртви и страдања, Втората светска војна е една од најсуровите војни на човештвото, во неа животот го загубија повеќе од 50 милиони луѓе, а 25 милиони беа ранета или осакатени. Денот на победата, 9 Мај, за првпат беше одбележан од Советскиот Сојуз по потпишувањето на капитулацијата на нацистичка Германија доцна во вечерните часови на 8 мај 1945 година. Советската влада ја објави победата рано на 9 мај по церемонијата на потпишување во Берлин. Македонското општество свечено го одбележува 9 Мај како Ден на победата над фашизмот, но одбележувањето има многу поголемо значење за македонскиот народ, затоа што победата над фашизмот означува и победа на македонската национална особеност и државност.
Народноослободителното движење од Втората светска војна е под влијание на традициите на македонското револуционерно движење од кракот на 19 и почетокот на 20 век, а борејќи се на страната на антихитлеровската коалиција, дојде до национално ослободување и создавање македонска држава. Борбата против фашизмот е во корелација со создавање на првата современа македонска држава, историски период што се одликува со сенародна националноослободителна борба на Македонците за слобода и државност. Ова е период на многу истакнати херои и дејци, а меѓу нив може да се споменат Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Коста Рацин, Кузман Јосифовски–Питу, Борка Талевски, Благоја Јанков–Мучето, Методија Андонов–Ченто, Панко Брашнаров, Петре Пирузе–Мајски, Михајло Апостолски и др.

Во почетокот на Втората светска војна, вардарскиот дел на Македонија бил заземен од германските војски и била воспоставена бугарската окупаторска власт. Во деловите на Македонија каде што била воспоставена воено-административна окупација, Софија започнала со обиди за асимилирање на Македонците преку образовниот систем и содржини што имале цел да ги воспитуваат младите Македонци во бугарски национален дух. Бугарските окупаторски власти формирале повеќе организации што требало да ги прошират фашизмот и бугарското национално чувство, а истовремено најзначајните датуми од македонската историја биле злоупотребени за организирање манифестации на кои се докажувале историските бугарски корени на Македонија и македонскиот народ. Бугарските окупаторски сили се обиделе да ја прикажат царска Бугарија како ослободител, а во овие активности се вклучил и бугарскиот цар Борис.
Западниот дел на вардарскиот дел на Македонија со градовите Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга бил окупиран од фашистичка Италија, но и на албанската квислиншка држава при што тука формираат сопствен административен, даночен, образовен, па дури црковен систем. На оваа територија дејствувале и органите на фашистичка Албанија, односно Бали Комбетар (Национален фронт на Албанија). Албанските фашистички и шовинистички организации спроведувале систематската асимилација и денационализација на македонскиот народ.

Затоа победата над бугарскиот и албанскиот фашизам е наедно и победа на асимилаторските политики насочени против Македонците. Во оваа конотација, генералот Михајло Апостолски во 1968 година ќе напише: „Народно-ослободителната борба беше условена од длабоките национални и хумани чувства и интереси и од силниот стремеж за слободен живот на Македонскиот народ па според тоа претставува природно продолжување на долготрајната борба за национално ослободување.“
Во овој дух е и т.н. „Писмо до Стојана“, објавено од Методија Шаторов-Шарло, до македонскиот народ. Во споменатото писмо, Шарло прави анализа на актуелната состојба во Македонија по окупацијата, повикувајќи ги сите Македонци од сите делови на Македонија, но и другите народи во борбата против фашизмот. Меѓутоа истовремено Шарло нагласил дека Македонците имаат право на слобода и рамноправност, а не нови поделби на Македонија и македонскиот народ.
Не случајно, Панко Брашнаров го отвори заседанието на АСНОМ со зборовите: „Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединена Македонија. Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчение). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија!“


Македонскиот генерал Михајло Апостолски на историската победничка воена парада

По ослободувањето на Македонија, Михајло Апостолски во Белград бил поканет од југословенскиот маршал Јосип Броз-Тито каде што му било соопштено дека како македонски и југословенски генерал, со високи воени претставници од југословенската армија ќе присуствува на голема прослава на победата над фашизмот.
Во југословенската делегација на парадата во Москва биле присутни пет генерали, меѓу нив биле генералот Коча Поповиќ, генералот Вукановиќ, Улепиќ, Мате Јерковиќ и нашиот генерал Михајло Апостолски.
Во своите сеќавања Михајло Апостолски вели дека на историската парада, воената делегација, а и тој самиот добиле почесни места.
По парадата, југословенската генералска делегација го посетила Кремљ.