Фото/Илустрација: Архива

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА МЕЃУНАРОДНАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАТИ ЗА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА ВО СВЕТОТ

Борбата за заштита и унапредување на работничките права продолжува и Први мај останува да биде годишно изразување на овие барања за никогаш повеќе да не се одлучува без работниците за судбината, правата и обврските на работниците. И денес за многумина работници 40-часовната работна недела и слободниот викенд сѐ уште претставуваат недостижни желби и сѐ уште многу вработени се соочуваат со низа прекршувања на нивните работнички права.
Според Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, состојбата со работничките права во Македонија е повеќе од загрижувачка. Според Меѓународната конфедерација на синдикати, која секоја година објавува извештај за работничките права во светот, како што вели тој, „Македонија моментално е рангирана како земја во која систематски се прекршуваат работничките права“.
– Ова е втора најлоша можна оценка, полошо е само кога во земјата нема работнички права, и практично значи дека работничките права што постојат во државата, постојат само на хартија. Полоша оценка во Европа има само Белорусија – укажува Јовановиќ.
Она што можеби е уште позагрижувачко, според него, е тоа што последната година оценката е влошена, како резултат на тоа што Владата постојано ги игнорирала колективните договори и долго време одбивала да ги покачи платите на вработените во јавниот сектор.
– Дури се доведе во ситуација да има генерален штрајк на вработените во јавниот сектор. Македонија со години ја имаше оваа лоша оценка, па пред некоја година успеа да ја подобри, и сега повторно се враќаме каде што бевме со години. Државата целосно заборави на работниците и синдикатите, кои се нивниот природен партнер – додава Јовановиќ.
Како што истакнува тој, работничките права се пречка за експлоатација и угнетување, а тоа што во Македонија бизнисот честопати се сведува на експлоатација и угнетување само говори каква држава е Македонија.
– Јас би кажал дека работничките права не само што не се лоши за бизнисот туку се и добри. Ако има работнички права и тие буквално се почитуваат, тоа ќе ги исфрли од игра оние квазибизнисмени што сакаат да се збогатат прекуноќ на туѓа пот и крв и ќе отвори простор за вистинските бизнисмени, кои имаат идеи и ги почитуваат законите. Како може да се развива бизнисот тука во Австрија, каде што има многу поголеми работнички права и каде што никој не ни помислува да не почитува некој договор или закон – посочува Јовановиќ.

Тој вели дека за да се подобри состојбата, потребни се две работи: прво властите мора да имаат слух за работничките права, за барањата на работниците и синдикатите, второ синдикатите, работниците, активистите, борците за права, мора да бидат погласни и поревносни
– Иронијата во Македонија е што Владата, која е должна за спроведување на работничките права, е првата што ги прекршува. Сѐ додека тоа е така, не може да се очекува ништо. Мора и да ги заборават меѓусебните анимозитети и недоразбирања, да престанат да се караат меѓу себе и да се здружат во борбата за подобри права и подобар живот за сите – потенцира Јовановиќ.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, работничките права во Македонија постојано се зголемуваат т.е. почитувањето на Законот за работните односи и на колективните договори „постојано се подобрува“.
– Главна причина за тоа не се рестриктивните мерки и инспекциските органи, туку промената на пазарот на трудот и недостигот од работници речиси во сите сектори. Во минатото, кога процентот на невработени достигнуваше рекорди, стапки над 30 отсто од работоспособното население, работодавците често не ги почитуваа работничките права, па дури и оние најосновните, како што е почитување на работното време, прекувремената работа, годишниот одмор и слично – посочува Димитров.
Од друга страна, според него, работниците соочени со проблемот на тешко наоѓање на вработување, ретко се одлучуваа за судски постапки или пријави до инспекцијата на трудот.
– Денес состојбата е многу подобра, а работниците ги пријавуваат сите злоупотреби од страна на работодавците и поведуваат судски спорови, и тоа не само за плаќањето на сработеното туку и надоместоци за годишен одмор – К15, јубилејни награди и слично. Проблемот за работодавците останува на големите бирократски процедури, непотребно администрирање и слични обврски што не придонесуваат за поголеми права на работниците, ама ги оптоваруваат работодавците – објаснува Димитров.
Тој вели дека во иднина треба да се посвети внимание на имплементацијата и почитувањето на ЗРО на целата територија во државата, во сите сектори и без разлика на сопственоста – приватен или јавен сектор.
– Секоја нееднаква примена на законот доведува до привилегирани и казнети или до нелојална конкуренција. Новиот закон за работните односи треба да биде лесно применлив, без бирократски оптоварувања за бизнисот, а неговата примена треба да се почитува еднакво од страна на сите – укажува Димитров.