Поразително е што во Македонија целата дискусија за странските инвестиции се сведува само на следење на вкупната сума на странски инвестиции во земјава. Има неколку констатации и неколку прашања во врска со странските директни инвестиции (СДИ) што економистите ги поставуваат, а се интересни за јавноста. На пример, реална е констатацијата дека не можеме да имаме амбициозни очекувања за раст на СДИ во делот од реалната економија, поради едноставниот факт, а тоа е – недостигот од работна сила…

Странските директни инвестиции (СДИ) како повод

Странските инвестиции играат значајна улога во подигање на економскиот раст, особено за малите и отворени земји како што е нашата. Тие имаат позитивен импакт врз вработеноста, секторската и извозната диверзификација, воведувањето напредна технологија, зголемувањето на конкурентноста и креирањето човечки капитал. Според редовниот годишен извештај на Светската банка на полето на странските директни инвестиции резултатите за Македонија во споредба со земјите на Западен Балкан покажале дека нашата земја е на дното на табелата по странските директни инвестиции во последни три години. И во 2022 година нето странски инвестиции во Македонија имало 5 отсто од БДП, во Црна Гора 13,5 отсто, во Србија 7 отсто, во Албанија 6 отсто, во Косово 6,5 отсто.

Поради недостигот од работна сила не можеме да очекуваме сериозен пораст на производствените странски инвестиции

Од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство велат дека политичката нестабилност во Македонија сериозно го „разниша“ бизнисот и затоа во земјава има сѐ помалку нови странски инвестиции, како и дека недостига сериозен пристап до привлекување странски капитал.
– Државата мора да го остави популизмот настрана и да се огледа на земјите од регионот што обезбедуваат многу подобра бизнис-клима за разлика од Македонија. Во државата треба да се води сметка како да се применат светските стандарди за да се развие профитабилен бизнис – истакна Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.
Како што споменува тој, во последниве пет години во Македонија речиси нема политика за нови странски инвестиции, а уште помалку грижа на веќе постојните инвеститори, и недостига стратегија за нивно привлекување.
Во првите три месеци од годинава вкупните странски директни инвестиции во земјава изнесувале 126,5 милиони евра, а во споредба со истиот период лани е регистрирано намалување за дури 10,4 милиони евра.
Според економскиот експерт Здравко Савески, уделот на странскиот капитал ја покажува целата плиткост на тврдењето што постојано се вергла 30 години дека просперитетот на нашата земја е врзан за привлекувањето странски инвестиции.
– Просперитетот од странскиот капитал никаде го нема. Поразително е што во Македонија целата дискусија околу странските инвестиции се сведува само на следење на вкупната сума странски инвестиции во земјава. Има неколку прашања што се поставуваат, но и се потиснати, колкав износ странски инвестиции се шпекулативни, а колку производствени и зошто на пример минатата година имавме повеќе инвестиции од ситните Британски Девствени Острови отколку од целите Соединети Американски Држави? И каде завршиле, на пример, тие 150 милиони евра инвестиции од Британските Девствени Острови, колку работни места отвориле – прашува Савески.
Што се однесува на производствените инвестиции, различни од шпекулативните, како што додава тој, за нивниот понатамошен пораст очигледно голема бариера е недостигот од расположлива работна сила и без да биде решено тоа прашање, веројатно не можеме да очекуваме сериозен пораст на производствните странски инвестиции.
– Но кога зборуваме за расположливата работна сила, секогаш треба да имаме предвид дека зголемувањето на цената на трудот има тенденција да ја зголеми расположливата работна сила – укажува Савески.

Третманот на СДИ во Македонија

Многу земји, претежно земји во развој и земји во транзиција, имаат цел да привлечат странски директни инвестиции (СДИ) нудејќи подобри услови за потенцијалните инвеститори. Од претходните влади во Македонија беа донесени низа законски олеснувања за отворање погони на странски компании во технолошките индустриски развојни зони во Македонија, како што се неколкугодишно ослободување од плаќање придонеси за вработените, воведување повластени царински стапки, бесплатна инфраструктура и други бенефиции. За ваквиот преференцијален статус на странските компании посочуваат и претставниците на македонските бизнис-асоцијации. Имено, тие укажуваат на постоењето на подобар системски приод, односно интегрален приод и третман што ги вклучува и домашните компании и инвеститори, во споредба со користењето на поволностите што им се нудат на надворешните инвеститори.
– Нашата економија не им овозможува доволно шанси на македонските компании да инвестираат во споредба она што им се нуди на странските компании. Ако станува збор за производство, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетика, на приватниот сектор не му се дава адекватна шанса. Административните процедури се сложени. Нема волја да се најдат решенија, на важни позиции се наоѓаат лица без доволно капацитет за успешно менаџирање на процесите – изјави Трајан Ангеловски, претседателот на Сојузот на стопански комори.


Извадоци од освртот под наслов „Странски директни инвестиции (СДИ) – теоретска анализа“ на Фламур Буњаку, докторанд на Економскиот факултет, Универзитет „Гоце Делчев“, Штип

Ефектите од СДИ се особено значајни за целокупната економија!

Значителен број академици и меѓународни економски и финансиски организации ги насочиле своите студии кон анализа на теоретските аспекти на СДИ. Од едноставна перспектива, дефиницијата за СДИ се однесува на инвестиции направени од еден ентитет / инвеститор на една економија во друга економија. Сепак, со оглед на глобализацијата и економско-финансиската либерализација, а исто така имајќи ја предвид и глобалната структура на пазарот што се карактеризира со екстремна динамичност и нестабилност, за да се дојде до една значајна дефиниција на СДИ, мора да се земат предвид различни фактори, како што се влезот на пазарот, процентот на инвестирање и, што е најважно, долгорочниот интерес и одржливост на инвестициите, како и влијанието на одлучувањето на странските инвеститори, контролата и управувањето со инвестициите.
Прирачникот за платен биланс на ММФ (5-то издание) ги дефинира СДИ како категорија на меѓународно вложување што ја рефлектира целта на резидентот од една економија (директен инвеститор) да се стекне со „траен интерес во претпријатие што е резидент во друга економија. Целта на директниот инвеститор е да обезбеди значителен степен на влијание врз управувањето со
резидентната компанија на друго место“ (Daning, 1993, 5, цитиран во Bitzenis, Vlachos и Papadimitrou, 2012 година).
Тргнувајќи од насоката на движење на капиталот, СДИ се поделени на внатрешни и надворешни.
Кај внатрешните СДИ нето-приливот на СДИ во економијата вклучува инвестиции направени од нерезиденти инвеститори во економијата што известува, што ги вклучува и реинвестираниот капитал, меѓусебните заеми помеѓу фирмите и слично. Кај надворешните СДИ нето-одливот на СДИ ги вклучува инвестициите од страна на резиденти инвеститори во известувачката економија извршена во странска економија, вклучувајќи ги и реинвестираниот капитал, меѓусебните заеми помеѓу филијалите на инвестициската корпорација и слично.
Во согласност со Апергис (2009), корелацијата меѓу надворешните и внатрешните СДИ е индиректна, бидејќи внатрешните СДИ подоцна ќе создадат можности за надворешни СДИ.
СДИ произведуваат два ефекта на пазарот на земјата домаќин: првиот е ефектот на конкуренцијата и вториот е ефектот на врските. Ефектот на конкуренцијата се манифестира на два начина, со различна тежина: замена на домашните финални производи и зајакнување на конкуренцијата на пазарот. Можните несакани влијанија од овој ефект врз домашната индустријата преку присуство на странски компании се компензираат преку ефектот на врските. Странските фирми воспоставуваат еден вид врски со домашните фирми што се купувачи на нивните производи и друг вид врски како купувачи на домашните производи. За разлика од ефектот на конкуренцијата, формирањето на врските доведува до комплементарност на странските и домашните фирми на пазарот. Многу поважен потенцијален резултат од градењето врски, кои го поддржуваат производството и трговијата со меѓупроизводи, се технолошките екстерналии: прелевање на технологија, знаење и продуктивност. Обемот на можниот прелив е во директен сооднос од обемот на увезена технологија. Сепак, „прелевањето не може да се материјализира ако технолошкиот јаз помеѓу странските и локалните фирми е премногу голем, поради тоа што може да имаат мал капацитет за учење“.
Ефектите од странските директни инвестиции се особено значајни за целокупната економија.
Странските директни инвестиции претставуваат дел од современата економска глобализација. Придобивките од странските директни инвестиции се многубројни и опфаќаат промена на економските процеси и зголемување на економската ефикасност. Кога се зборува за придобивки од странските директни инвестиции најчесто акцент се става на воведување нови технологии, нов и подобрен менаџмент и маркетинг-пристап, нови начини и форми на организација на работата, мотивирање на работната сила за зголемување на квалификациите и вештините за работа… Е.Р.