Постојат личности што по нешто навидум сосема безначајно и мало се одвојуваат од другите. Во нејзината едноставност и умешност во комуникацијата Симон Феликс Бруно беше една од таквите личности. Симон Бруно кај нас позната, особено меѓу ликовните творци, како мадам Бруно, долги години беше претседателка на советот при интернационалниот „Град на уметностите“ во Париз, која во далечната 1955 година заедно со својот сопруг Феликс Бруно ја основаа оваа меѓународна институција сместена во центарот на Париз, на два-триста метри од општината на градот и некои петстотини метри од катедралата „Нотр Дам“.
„Сите де арт“, како што популарно се нарекува оваа културна фондација, поседува околу триста сликарски ателјеа и има неколку музички простории, во нејзините рамки дејствува и графичко ателје опремено за изведување на сите графички техники.
Зошто го пишувам овој текст посветен на мадам Бруно? Како прво, случајно или судбински, Бруно се поврза и беше голема пријателка на Македонија, неколкупати ја има посетено нашата земја, нејзина е заслугата што и Македонија поседува ликовно ателје во „Градот на уметностите“, каде што многу наши млади ликовни творци имаат можност да бидат во градот на светлината и уметностите – Париз.
Меѓу првите наши ликовни дејци што го открија „Сите де арт“ беа колегите Миле Корубин, Петар Мазев и Драгутин Аврамовски-Гуте, кои дознаа дека поранешна Југославија поседува сликарски простори во Париз и истите тие можат да ги користат и сликарите, ликовните творци од Македонија. Бидејќи дозволите за користење на просториите во „Сите де арт“ се добиваа во Белград, многу ретко наши сликари или скулптори одеа да престојуваат во меѓународниот „Град на уметностите“, каде што, како што споменавме предмалку, претседателка на советот на оваа институција беше токму Симон Феликс Бруно. Инаку, во советот на „Сите де арт“ има преставници од општината на Париз, од Министерството за култура и од Министерството за надворешни работи на Франција.
Да се потсетиме зошто и како Македонија во одреден временски период немаше свој сликарски простор во „Сите де арт“? Споменав, поранешна Југославија поседуваше четири сликарски ателјеа, по нејзиниот распад, Србија зеде две ателјеа, Хрватска едно и Словенија едно. Ние другите, Македонија, Црна Гора и Босна, останавме како што се вели со прстот во уста.

Да се биде на престој, краток или подолг, во Париз е желба на секој ликовен творец што завршил извесно ликовно образование во наши институции или во градови како Белград, Загреб или Љубљана. Напорите или желбите да се дојде до таква можност не секнуваа, особено не во нашата средина, кога останавме без можност да имаме наше катче во „Градот на уметностите“.
Многумина наши тогаш млади и упорни ликовни дејци го создаваа патот кон Париз и „Сите де арт“ и при секоја средба со Бруно ѝ раскажуваа дел од нашата ликовна долгорочна историја.
Во 1997 година, по иницијатива на ДЛУМ, ја поканивме мадам Бруно во Македонија, ѝ соопштивме дека за некој месец ќе славиме педесет години од постоењето на нашата ликовна асоцијација и ја прашавме дали ќе може тоа да го направиме во изложбените простории на „Сите де арт“. Бруно беше изненадена од нашата храброст и при една средба со одговорните од ДЛУМ нѐ запраша: Дали ќе имате доволно дела да ги покриеме сите изложбени простории? Ако имате и ако го направите тоа, ви давам збор дека за време на изложбата ќе ве рекламираме на електронските рекламни табли низ цел Париз.
Така и се случи, за време на изложбата на ДЛУМ во Париз се воодушевувавме кога одевме по улиците и ги гледавме рекламите за нашата „Македонска изложба“ по повод 50 години од постоењето на ликовната асоцијација на Македонија.
Во едно интервју дадено токму за весникот „Нова Македонија“ од 1997 година, мадам Бруно вели: „Интернационалниот град на уметностите е креација на мојот покоен сопруг Феликс, учесник во Движењето на отпорот, апсен од Гестапо и сопственик на сонот за една куќа на сликарите, која ја бележеше неговата желба за слобода. Нашиот град бездруго е место каде што слободата е доминантна. Тој практично е наменет за автори од целиот свет, се запознаваат со творци слични на себе, но од други средини, разменуваат сознанија и квалитети. Сето тоа одговара на една француска карактеристика, која ние ја сакаме – универзалноста“.

И при другите посети на Македонија, Бруно се увери дека нашата земја иако мала, поседува голема креативна и историска компонента не само од ликовната дејност туку и од сите други творечки дејности. Можеби од таквите нејзини убедувања кога требаше да се додели последното сликарско ателје што беше слободно во „Сите де арт“, Бруно како прва личност во советот од оваа фондација спомена дека ова ателје треба да го добие некоја мала и сиромашна земја, но полна со творечка историја и личности.
Можеби мадам Бруно не мислеше на Македонија, но факт е дека токму ние го добивме последното ателје, иако некои други важни и богати земји, како Германија, Австралија и Шведска, силно лобираа тие да го добијат, но среќата и заслугата беа на наша страна и, така, денес Македонија поседува свое сликарско ателје во „Градот на уметностите“ благодарение на мадам Симон Феликс Бруно.
Пред неколку години на мадам Бруно, од страна на Министерството за култура на Република Македонија, ѝ беше доделено признание за почесен граѓанин на Македонија за нејзините благородни и човечки заслуги што таа ѝ ги подари на нашата земја.

Речиси секогаш кога престојував во „Сите де арт“, мадам Бруно ме канеше на ручек во нејзиниот апартман, кој се наоѓа во близината на сегашниот музеј на Пикасо. Некогаш одев сам, често ни се придружуваа уште еден или двајца други колеги од разни земји, добивав впечаток дека Бруно нѐ сметаше за нејзини наследници. Во салонот имаше неколку стола, каде што пиевме чај, кафе или по малку коњак. Секогаш ми велеше: „Господине Манев, вие ќе седите на тој стол што е поголем од другите“. „Зошто“, ја запрашав еднаш. „На тој стол седеше генералот Де Гол, кој за време отпорот и потоа беше близок пријател со мојот сопруг Феликс.
И така ми се случи да седам на стол на кој своевремено седел токму генералот Шарл де Гол.
За неколку дена ќе заминам за Париз и се разбира накратко ќе престојувам во „Сите де арт“, не во нашето ателје, ќе бидам сместен во една од просториите на градот Париз. Овој пат со мадам Симон Феликс Бруно нема да се видиме, бидејќи таа не многу одамна замина од овој свет, на возраст од 95 години. Овој текст го напишав во нејзина чест, за добрината и големата човечка доблест што ја делеше со сите ликовни творци од целиот свет.

Коле Манев