Дулката низ која тече мошката вода

Забележано, ненапишано

Во далечната 1967 година, есента, Република Македонија му го додели Феријалното одморалиште во селото Лазарополе на користење на Општинскиот феријален сојуз на Гостивар, а потписникот на овој текст беше назначен за управител. Зимата 1968 година, во шесте викенд-куќи и во двата депанданса, организиравме зимување за феријалци од сите краеви на тогашната заедничка држава (СФРЈ) и за други гости.
Сместувачките капацитети целосно беа исполнети, се бараше кревет повеќе. На падините под викенд-населбата имаше доволно снег за скијање и санкање, времето беше сончево, што беше предизвик зимувачите да уживаат, а почетниците, кои за првпат застанаа на скии, за кратко време, за неколку дена ги совладаа скијачките вештини. Во вечерните часови организиравме забава, која траеше од 20 до 23 часот. Гостите беа задоволни од престојот во прекрасното село Лазарополе, стара населба од 15 век, распослано на 1.350 метри надморска височина, на планината Бистра. Зимувањето им ги исполни очекувањата.
Неколку вечери, по покана на Трпко Трпкоски, домаќин на феријалното одморалиште, бев негов гостин. Иако ја имаше преполовено осмата деценија на животот, беше витален, ведар, подвижен, беспрекорно ги извршуваше работните задачи, дури и повеќе од тоа, со што престојот на сите им го направи да им биде пријатен. Во дневната одаја, покрај каминот, од каде што се ширеше пријатна топлина, седевме на триножни столчиња, покрај богатата трпеза со овчо бело сирење, туршија, варени јајца, с’здрме, наздравувавме со ракија од Кавадаречко и разговаравме на многу теми со домаќинот Трпко и со неколкумина негови соседи. Така лазарополци ги минуваат долгите зимски ноќи.
Во котлето што висеше на синџирот над огнот се вареше качамак за вечера. Соговорниците со тага и јад во душата зборуваа дека во последните години лазарополци масовно се иселуваат во градовите и во странство, во потрага по подобар живот. Ова го поткрепија со споредбените пописни податоци. Во 1953 година биле попишани 962 жители, а по 15 години (1968 г.) бројот на жителите се намалил дури за околу 750 лица. Студената јануарска вечер со лазарополци ја минувавме покрај камин, зборуваа за тешкиот живот, за разочараноста од државата.

– Кога ни ги национализираа сточниот фонд и нивите и покрај нашето противење ни ја формираа ЗЗ „Кочо Рацин“, ни велеа дека за сите ќе дојде подобар животот. Напротив, животот ни стана потежок, неизвесен, од ветувањата ништо не ни исполнија – огорчено зборуваше Илија, виден сточар, кому му се натовариле 90 години.
Сите го поддржаа неговото зборување и додаваа дека таа е причината што жителите се иселуваат и како што стојат работите, не гледаат светла иднина за селото. Во разговорот сите беа песимисти, додавајќи дека не посакуваат, но како што рекоа брзо ќе дојде денот кога Лазарополе ќе остане без жители!
На разговорот ни се придружи Блаже, син на домаќинот Трпко, ветеринар во задругата, а по неколку години стана директор. Внесе ведрина на софрата.
– Не е толку црно, нашето село има природни убави, ќе се развие како туристички центар, патот ќе се асфалтира, ќе се изградат хотел и други објекти и за сите доаѓа подобар живот – зборуваше Блаже.
До мене седеше Доксе Делиќоски, внук на Иван Делиќоски, кој во 1908 година купил нива и, како што зборуваше Доксе, во тие времиња од таквите нивчиња добро се живеело. Блаже го поттикна Доксета да не се срами, да ја каже приказната за „мошката“ вода. Се намршти, не му беше по ќеф да зборува за моќта на водата пред јабанџија. Во опуштена атмосфера, Доксе рече дека дедо му Иван добро ја знаел чудотворната сила на изворот, за што интерес покажувале луѓето.

– Дедо ми ја знаеше силата на водата, како што ја почувствувале и други. По нарачка носел вода и добро заработувал. Благодатот од својствата на водата кај мажите ја потврдиле и други стари лазоровци – неговите зборови ги потврдија и другите присутни и настана хорско смеење.
За зимските доживувања во селото Лазарополе и за „откритието“ за својствата на „лазарополската мошка вода“, која ја зголемува потенцијата кај мажите, на утринско кафе на почетокот на мај 1968 година ги запознав колегите на „Нова Македонија“. Доајенот Атанас Стефанов–Бабата, уредник во весникот и ненадминат репортер, се заинтересира и ми рече заедно со фоторепортерот Томе Димовски–Бучки да заминеме за селото Лазарополе, бидејќи и тој во Скопје од повеќе негови пријатели дознал за ова чудо.
Неколкупати, со „фиќо“ на редакцијата, тројката го посетуваше селото Лазарополе. За текстов ги користев белешките од репортерскиот бележник и текстовите објавени во „Нова Македонија“ потпишани од Атанас Стефанов. Изворската вода, која блика од гранитната карпа на 1.400 метри надморска височина, на испитувања била испраќана уште во 1948 година. Тогаш не само што никој не сакал да чуе за таквото нешто туку иницијаторите биле исмејувани. При нашата прва посета пристигнавме околу пладне на изворот, по козја патека долга околу 4,5 км, за еден час добро одење. По патот забележавме многу луѓе што одеа нагоре кон планината, како низ џунгла и се враќаа со, за нив, скапоцената вода. Лазарополци се убедени дека изворот во шумата ги има својствата за кои толку многу е зборувано во текот на долгите децении и со нетрпение ги очекуваат резултатите од анализата.

– Тоа за нашиот крај ќе значи богатство, ако и научно се докаже она што илјадници луѓе веќе го осетиле, но поради познатите причини отсекогаш криеле да го изнесат отворено – ми зборуваа лазоровци.
При секоја посета на изворот беше како на панаѓур, во двата правца на патот врвулица на луѓе.
Стручњаците, професорите при Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ванчо Ковачев и проф. д-р Саво Миронски (по потекло од соседното село на Лазарополе, Тресонче), извршија хемиска и радиолошка анализа на лазарополската „машка вода“, беа восхитени и од убавините на пределот каде што се наоѓа веќе познатиот извор. Стручњаците утврдија дека водата доаѓа од голема длабочина, а изворот е речиси под еден од врвовите на планината Бистра.
На третата посета на селото Лазарополе и на изворот, селаните на селото ни рекоа дека многумина од гостите, кои во последно време во сѐ поголем број доаѓаат во селото, изјавуваат дека со нетрпение ја чекаат „машката вода“ од изворите на Јаворска Ливада да се пушти во продажба. Ова ни го рекоа лазарополци, особено по соопштението на белградското Одделение за испитување на водата при Заводот за здравствена заштита на СР Србија, дека лазарополската вода, освен што е најлесна, пријатна и за пиење, содржи извесен процент радиоактивност (7,5 кири-единици). Ваков квалитет на водата е установен по извршената темелна хемиска и радиолошка анализа од страна на белградскиот завод.
Директорот на земјоделската задруга „Кочо Рацин“, Доне Андоновски, ни рече дека и странски фирми се заинтересирани за експлоатација на овој извор, меѓу кои и една од Италија.
Не брзаме со склучување договори, ни одговори Андоновски, на прашањето кога ќе започне експлоатацијата, кога ќе се изгради фабрика за вода, додека сите формалности не бидат завршени, додека не биде сосема јасно дека се однесува за вода што навистина ги содржи квалитетите што ѝ се припишуваат и што се потврдуваат од искуствата на илјадници наши луѓе во текот на многу години.
Голем интерес за купување „мошка лазарополска вода“ покажаа присутните на петтиот јубилеен „Мавровски собир – избор на езерска убавица“ што се одржа на крајот на јуни 1968 година. Целото производство од 10.000 еднолитарски стаклени шишиња беше продадено уште на првиот ден на собирот.

Професорите Ковачеви и Миронски и техничарот Трајко Јосифовски

Во тоа време за експлоатација на изворот на „машка вода“, претпријатието „Интерекспорт“ од Скопје покажало интерес, како и за брза адаптација на сите постојни куќи во селата Лазарополе, Гари, Селце, Тресонче и Росоки, за потребите на туризмот. За жал, и оваа иницијатива како и другите останаа само како желба.
Во септември 1972 година, Никола Минчев, претседател на Собранието на Република Македонија, беше во дводневна работа посета на Мијачијата и на селата на Долна Река. Во Лазарополе и ноќеваше, домаќините имаа ретка можност да разговараат за проблемите на селото на трибината и по вечерта. Лазарополци му поставија прашање на претседателот Минчев до каде е иницијативата за изградба на погон за полнење на лековитата „лазарополска мошка вода“ за која постои голем интерес.
– Работите се статус кво – рече претседателот Минчев. Но се немаме откажано, процедурите се сложени и потребни се големи парични средства, кои републиката ги нема за оваа намена.
Земјоделската задруга „Кочо Рацин“ од Лазарополе, која беше заинтересирана и настојуваше да ја реализира идејата, во меѓувреме се приватизира, имотот ѝ се раскрчми и добрите желби и намери пропаднаа.
Пред неколку години на спротивната страна на планината Стогово, во селото Гари, беше изградена фабрика за вода, но тоа е веќе друга приказна.


Археолошкиот локалитет Јаворска Вода

Археолошкиот локалитет Јаворска Вода се наоѓа на околу четири километри југозападно од Лазарополе, карактеристичен е што има мешана стратиграфија. Најстарите слоеви на археолошкиот локалитет, според информациите од археолошкиот музеј на Македонија, се од железната доба од каде што датира најстариот слој (керамички форми карактеристични за халштатската култура). Според записите во археолошката карата на Македонија, том 2, локалитетот претставува специфична римска некропола каде што при земјоделски активности се откриени околу 60 гробни цисти, кои биле карактеристични за пониските социјални сталежи во римската доба. Најдоцните стратиграфски слоеви се датирани во средниот век и османлискиот период, односно куќен лепеш и утилитарна керамика.