Фото: Игор Бансколиев

Форматираниот предлог за уставни измени е правно збунувачки и политички конфузен. Во иста реченица се споменуваат граѓаните на земјата, преку кои се истакнува граѓански карактер на еден устав, а веднаш потоа се споменуваат и македонскиот народ, дел од албанскиот народ, а и другите наброени народи, со што се добива впечаток дека Уставот има национален карактер и концепт, при што се создаваат тотална забуна и катастрофално аналфабетски мешање на термини и поими од уставното и од меѓународното право! Во продолжение ги издвојуваме најкарактеристичните вакви примери, а во наредните денови нашиот весник подетално ќе ја анализира секоја од посочените слабости и аномалии што може да имаат погубно влијание врз македонскиот народ и држава доколку навремено не се отклонат или видоизменат

ШТО ВО АЛИНЕИТЕ, А ШТО ПОМЕЃУ РЕДОВИТЕ МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ ВО ПРЕДЛОГОТ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Целосен уставен аматеризам. Накратко вака аналитичарите, правните експерти и познавачите на уставната материја го опишуваат текстот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот што Владата вчера го достави до Собранието за понатамошна постапка.
Покрај правните пропусти и недоречености, аналитичарите откриваат и мноштво нелогичности, противречности и контроверзии од друга природа. Во продолжение ги издвојуваме најкарактеристичните вакви примери, а во наредните денови нашиот весник подетално ќе ја анализира секоја од посочените слабости и аномалии што може да имаат погубно влијание врз македонскиот народ и држава доколку навремено не се отклонат или видоизменат.
1. Првиот и најголем недостаток е што во предложените измени на преамбулата на Уставот веднаш јасно не се дефинира и издвојува македонскиот народ како единствен носител на државноста и сувереноста. Наместо тоа, македонскиот народ, иако е најмногуброен и мнозински во државата, се става во подредена улога, односно се изедначува со другите, како што се вели, народи. Во унитарна и суверена држава, како што е Македонија, може да има само еден носител на државноста – државотворен народ, сите други се етнички заедници или малцинства, и тоа е практика во целиот свет, велат експертите.
Понатаму паѓа в очи „девалвацијата“ на албанската етничка заедница. Имено, во предлог-измените на Уставот за албанската етничка заедница пишува дека е дел од албанскиот народ додека сите преостанати се споменуваат како народи. Гледано од уставна диоптрија, според правниците, тоа е своевидно помало рангирање на Албанците, во рангот на малцинство, додека Бугарите и Египќаните, на пример, се споменуваат како народ, со самото тоа и статус на државотворност.
Во врска со овие дилеми, во својство на универзитетска професорка, одговор ни даде уставноправната експертка Гордана Силјановска Давкова.

– Сето ова доаѓа поради уставен аматеризам и тотално незнаење. Не се менува преамбула со бришење зборови и со додавање. Преамбулата е приказна, текст, тоа е телосот, филозофијата, метафизиката… – вели Силјановска Давкова. Според неа, Македонија е рекордер по промени на Уставот и досега веројатно требаше да претседава со ЕУ, судејќи според овој параметар, заклучува професорката со доза на иронија.
Правните експерти и професорите предупредуваат дека треба многу поголема внимателност, одговорност и студиозност кога се пристапува кон менување на уставот на една држава, зашто потоа токму тие, професорите, ќе треба да се срамат пред студентите кога предаваат. За нив клучно и најважно е да се заштити и дефинира во Уставот државотворната улога и статус на македонскиот народ, додека другите се малцинства.
2. Формулацијата на предлогот за уставни измени е правно збунувачка и тешко политички конфузна. Во иста реченица се споменуваат граѓаните на земјата, преку кои се истакнува граѓански карактер на еден устав, а веднаш потоа се споменуваат и македонскиот народ, дел од албанскиот народ, а и другите наброени народи, со што се добива впечаток дека Уставот има национален карактер, при што се создаваат тотална забуна и катастрофално аналфабетски мешање на термини и поими од уставното и од меѓународното право!
3. Понатаму, во морето нелогичности и замки што ги кријат предложените уставни измени, аналитичарите ги посочуваат и измените со кои им се гарантира на Бугарите право на здружување, право на образование, паритет во застапеноста во парламентот и институциите итн. Македонците во Бугарија немаат ништо од сето ова. Ним не им е дозволено дури ни да се идентификуваат како Македонци.
Токму овој опасен преседан и преку примерот на внесување на Бугарите во македонскиот Устав ќе се повторува во иднина во ЕУ и секоја идна членка ќе наиде на овој преседан на билатерални условување и уценувања, велат соговорниците.

4. Следна огромна нелогичност е внесувањето во Устав на некој што не нѐ признава како посебен народ и вели дека сме творба на Тито и Коминтерната. И тоа е нивна официјална политика.
Какви реперкусии може да има ваквата бугарска политика за Македонија, па и за ЕУ?
5. Следна голема, би рекле огромна, замка што нѐ демне со ваквото внесување на Бугарите во Уставот е различното толкување на точната бројка на македонски граѓани со бугарски пасоши и бугарски државјанства. Според податоците од Државниот завод за статистика на последниот попис во 2021-та се евидентирани 3.504 лица што се попишани како Бугари и кои сочинуваат 0,19 отсто од вкупното резидентно население во Македонија. Но податоците и бројките со кои изминатиот период мавта Софија се неколкукратно поголеми. Тоа е иден голем потенцијален проблем на нашиот пат кон ЕУ. Имено, бугарските власти манипулираат со бројки од близу 90.000 македонски државјани што во последните 15 години станале бугарски државјани и извадиле бугарски пасош. Се поставува прашањето врз основа на кои бројки и податоци Софија во иднина ќе бара паритет и правична застапеност при евентуално изменет устав и внесени Бугари во него. Дали меѓу другото и тоа е рецептот и патот што води до целосна асимилација на Македонците.
Има уште куп нелогичности и замки за кои ќе пишуваме во следните броеви. Зашто сите овие прашања и дилеми заслужуваат внимание и треба да бидат предмет на дебата и во јавноста и во парламентот. И тоа токму сега, додека не стане предоцна. Зашто Уставот е пред сѐ внатрешно прашање на една држава, а демократија однадвор и со принуда не можете да внесете.