Македонија ќе се соочи уште со редица грчки блокади во текот на преговорите со ЕУ, кога и да се случат. Ако тие на реално незапочнати преговори инсистираат на рокови, тогаш се поставува прашањето како ќе биде кога ќе почне да се дискутира за многу други работи низ поглавјата. Оваа грчка тактика навремено ја забележа и Бугарија, па затоа и таа ни наметна таква преговарачка рамка, од чие „доследно исполнување“ од македонска страна ќе зависи дали земјава ќе оди напред или ќе стои блокирана, анализираат експертите
Пораките што ги упати шефот на грчката дипломатија јасно укажуваат на асиметричноста на Преспанскиот договор
За една недела голем дел македонски граѓани ќе ги почувствуваат првите реперкусии од асиметричноста на Преспанската спогодба, односно ќе останат затворени во сопствената земја без можност да патуваат надвор од државата.
Имено, веќе е повеќе од јасно дека рокот до 12 февруари, до кога требаше да заврши замената на старите лични документи со нови со новото уставно име на државата, едноставно е невозможно да се испочитува, па затоа сите оние што не извадиле нови документи веќе се соочуваат со последиците од брзоплетото потпишување на спогодбата од Нивици, наспроти предупредувањата на стручната јавност и на народот.
Грција нема да ја пропушти подарената шанса
Обидите да се пролонгира овој рок барем на неколку месеци завршија со неуспех, бидејќи грчката страна е категорична дека меѓународните договори биле над сите домашни закони и дека морале стриктно да се почитуваат.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис неодамна порача дека Договорот од Преспа е меѓународен, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од некоја од двете страни.
– Континуирано имам истакнувано дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот парламент и, како што налага Уставот, овој договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Нова демократија навремено ги изнесе позициите во однос на оние точки што беа проблематични во Договорот од Преспа. Навремено посочи дека ќе постојат прашања и во имплементирањето. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување – истакна Герапетритис во обраќање во грчкиот парламент.
Според него, обврската за промена на пасошите и регистарските таблици на возилата до 12 февруари мора да се почитува, бидејќи, како што кажа шефот на грчката дипломатија, постојат јасни одредби и временски рокови што обврзуваат на тоа и затоа грчкото МНР ќе биде строго во однос на предвиденото од Договорот од Преспа и Грција ќе инсистира на верно почитување на обврските што произлегуваат.
Од друга страна, за споменатиот договор, односно за трите меморандуми со Македонија што сè уште не се донесени во грчкиот парламент на ратификација, Герапетритис рече дека тоа првенствено „апсолутно зависи од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“.
Од одговорите на министерот за надворешни работи на Грција може да се извлече јасен заклучок, дека Преспанската спогодба е исклучиво и целосно асиметрична, односно во неа има обврски само за Македонија, но не и за Грција.
Меѓународните договори мора да се почитуваат, но само ако се валидни, а Преспанскиот договор – не е! Зошто?
За професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, изјавите на грчкиот министер за надворешни работи се целосно беспредметни бидејќи станува збор за спогодба што е меѓународноправно невалидна и која Македонија не мора да ја почитува, исто онака како што не ја почитува ниту Грција.
– Преспанската спогодба нема валиден правен идентитет за Македонија, бидејќи во споредбата со „Хеленската Република“, ние се потпишуваме како „втората страна“, чиј идентитет се совпаѓа со тој опишан во резолуцијата 47/225. Ваков „правен идентитет“ (што е неуставна категорија) во меѓународниот договор (во случајот Преспанскиот договор) не е правно валиден и легален – појаснува професорот Јанев.
Според него, Грција и претходно не ја ратификувала во парламентот ниту Привремената спогодба од 1995 година, иако тоа било нејзина обврска.
– Денес имаме состојба во која грчкиот парламент одбива да ги прифати обврзувачките протоколи од Преспанскиот договор, со што Грција не го испочитува ниту Договорот потпишан во Нивици, а бара ние да ги завршиме сите наши обврски – прецизира Јанев.
Тој од повеќе аспекти ја оспорува Преспанската спогодба, посочувајќи дека станува збор за нелегален и невалиден акт, кој воопшто не може да се смета како меѓународен договор, а со тоа не треба да продуцира никакви обврски за Македонија, вклучувајќи ја и оваа сегашна обврска за замена на личните документи во државата поради која се малтретираат илјадници граѓани.
Професорот, тргнувајќи од фактот што ООН нема правна јурисдикција да ги одредува државните имиња, а референцата (БЈРМ) не е валидно државно име туку проста деноминација за користење само во рамките на ООН, терминот „втората страна“ во Преспанската спогодба не е валиден правен идентитет.
– Со ваква неуставна категорија не се прават меѓународни договори со меѓународно-јавен карактер – нагласува Јанев.
Притоа тој додава дека како последица на овој факт (невалиден идентитет), Преспанскиот договор е нелегален и невалиден акт, односно тој е без потребниот правен квалитет за еден меѓународен договор, а тоа се потврдува со самиот факт дека „втората страна“ не е валидна идентификација во меѓународното право.
– Пред сè, од целата ситуација треба да се има предвид дека деноминацијата (која неопределено долго или бесконечно трае во времето) не е легална институција и претставува ultra vires акт направен од ООН. Последиците од таквиот акт исто така се нелегални – констатира професорот Јанев.
Тој понатаму појаснува уште и дека договор како Преспанскиот, направен врз основа на невалиден правен идентитет, во случајот со „втората страна“, претставува нелегален акт поради фактот дека е невалиден! Оттаму, истиот тој е ништовен, бидејќи договорот нема соодветен правен квалитет, при што едната страна очигледно го склучила/довела во заблуда (дека истиот тој е легален акт).
– Договорот нема дозволив правен предмет на склучување, бидејќи во него се прави обид или се врши деноминација и идентитетска интерференција во државноправниот и националниот идентитет дефиниран претходно со македонскиот устав, спротивно на основните принципи и норми на меѓународното право – истакнува професорот Игор Јанев.
Интегрален приод кон основите според кои Преспанската спогодба е невалидна
Осврнувајќи се на аргументите на шефот на грчката дипломатија Герапетритис во врска со почитувањето на меѓународните договори и роковите во нив, професорот Јанев ги наведува прецизно точките според кои Преспанската спогодба ги нема потребните елементи да биде валиден меѓународен договор. Грција го знае тоа и затоа ја притиска само Македонија да ги исполнува обврските.
1. Правото на самоопределување и самоидентификација на народот и нацијата (Повелбата на ОН, чл. 1 и чл. 55), вклучувајќи и недискриминација, по која било основа;
2. Правото на поседување и самоопределување сопствен државноправен идентитет или правото на самоопределување на државата (Повелбата на ОН, чл. 1 и јус когенс);
3. Правото на суверена еднаквост и правна еднаквост на државата во ООН и надвор од ООН (Повелбата на ОН, чл. 2 став 1);
4. правото на политичката независност и правото државата да не биде ставена во зависност од друга држава или меѓународна организација (Повелбата на ОН, чл. 2 став 4);
5. Државното право на немешање од страна во строгата внатрешна јурисдикција на државата (Повелбата на ОН, чл. 2 став 7);
6. правото на недискриминација во членството на ООН и системот на ООН (Виенската конвенција од 1975 г.);
7. Правото на еднаква суверена култура и неприкосновеност на културните и народните идентитети (Мексико, УНЕСКО, Декларација од 1982 г.);
8. Правото на рамноправност во културната заемна соработка (УНЕСКО, Декларација од 1966 г.);
9. Принципот на неретроактивно уредување на минатото (јус когенс);
10. Правото на недискриминација при зачленување во ООН (Сов. мислење на МСП од 1948, и Рез. на ГС од 1948 г.);
11. Правото на самостоен избор на државното име и знаме во ООН и промена на истите тие (Внатрешните правила на ООН, основни права на членките);
12. Правото на недерогирана правна личност и субјективитет vis a vis ООН, како независен меѓународноправен субјект (Конвенцијата за привилегии и имунитети на ОН);
13. Правото на недопирливост на основните симболи кај земјите членки во: името, знамето, грбот и химната;
14. Правото на независност и еднакви права во Повелбата на ООН, каде што покрај членките на ООН се појавува и самата ООН како договорна страна во Повелбата на ООН;
15. Оригинираното право на независен избор на сопствената самоидентификација на народот, како примарно право (јус когенс).
Професорот Јанев останува цврсто на својот став дека Македонија мора еднострано да го раскине овој договор од Нивици, со што ќе падне и Договорот со Бугарија, и на тој начин да го спречи малтретирањето на сопствените граѓани поради невалидни договори склучени со соседни земји, но уште повеќе да ги спречи и геноцидните планови на Атина и Софија. Тој оди дотаму што вели дека кога би бил во позиција да одлучува, веднаш би го раскинал ваквиот нелегален акт и би ја презел сета одговорност за тој чин.
– Договорот мора да се раскине еднострано, со образложение дека тој претставува уцена, изнуда, притисок и измама, како и обид за асимилација и негација на националниот идентитет, дејствувајќи од грчка страна во лоша вера, односно злонамерно (mala fides со прекршување на нормите на јус когенс). Од наша страна може да се наведе дека властите дејствувале во заблуда, особено во врска со резолуцијата 817 од 1999 година, за која не знаеле дека е парцијално нелегална и дека му наметнува дополнителни нелегални услови и обврски на кандидатот за членство во ООН и суверена држава членка на ООН – потенцира Јанев.
На крајот тој уште предупредува дека процесот на бугаризација нема да запре сѐ додека не се поништи Преспанската спогодба.
Македонија допрва ќе се соочува со последиците од брзоплетоста при прифаќањето на Преспанската спогодба
И други меѓународно правни експерти ги оспоруваат тезите што ги изнесе грчкиот министер за надворешни работи во врска со почитувањето на меѓународните договори.
– Министерот Герапетритис вели дека Грција доследно го спроведувала договорот. Тоа не е точно, бидејќи не ги менува таблите со старото име на северот на државата. Владата се правдаше дека не можела да го направи тоа поради сентиментот на луѓето што живеат во тој дел на Грција. Тоа значи дека и Македонија поради сентиментот на илјадниците граѓани што сега чекаат пред пунктовите за замена на личните документи може да не го почитува 12 февруари како краен рок за замена на документите – велат меѓународноправните експерти.
За нив спорен е и одговорот на шефот на грчката дипломатија за тоа зошто Грција не ги ратификува трите меморандума веќе пет години.
– Ако тие зависат од верното спроведување на договореното во Нивици, тогаш досега требаше да бидат ратификувани оти Македонија отиде и предалеку во имплементацијата на договореното. Грција и тоа малку што го имаше, не го направи. Каде е пуштањето на граничниот премин Маркова Нога? Ова со замената на документите е само еден од проблемите по отворањето на Пандорината кутија. Македонија ќе се соочи уште со редица грчки блокади во текот на преговорите со ЕУ, кога и да се случат. Ако тие на реално незапочнати преговори инсистираат на рокови, како ќе биде кога ќе почне да се дискутира за многу други работи низ поглавјата. Оваа грчка тактика ја забележа и Бугарија, па затоа и таа ни наметна таква преговарачка рамка – заклучуваат соговорниците, уште еднаш појаснувајќи дека е залуден каков било обид да се разговара со Грција за некакви временски отстапки од договорот бидејќи Атина нема намера да ја пропушти оваа шанса, која ја доби поради незрелите македонски политики.