Парадоксално е што ЕУ ги прифаќа аргументите на Грција и на Бугарија и ја притиска земјава да прави постојани отстапки што се надвор од сите европски практики, но затоа здушно ги штити двете нејзини членки што не признаваат еден цел народ и кои не дозволуваат никакви малцински права на своја територија, што на некој начин ја прави Европа соучесник во геноцидните и етноцидните политики
Грчко-бугарски пакт за игнорирање на малцинските права на Македонците
Грција и Бугарија и натаму одбиваат да ја применат европската рамковна конвенција за малцински права и продолжуваат да не ги ратификуваат резолуциите што се изгласани во Европскиот парламент, со кои на малцинствата на својата територија треба да им овозможат заштита на малцинските јазици, како и соодветни малцински права.
Наместо да ги ратификуваат документите што ги изгласал Европскиот парламент, двете земји продолжуваат да негираат постење на какви било малцинства на својата територија, а, од друга страна, ја посочуваат Македонија дека не почитува и прекршува нечии малцински права, без оглед што малцинствата во земјава не само што се признаени од државата туку и уживаат малцински права и повеќе од она што е предвидено со меѓународните конвенциите.
Со други зборови, и Бугарија и Грција се земји-членки на ЕУ што не признаваат малцинства на својата територија и не ги почитуваат европските документи и резолуции, а, од друга страна, извртувајќи ги тезите, постојано бараат да бидат прифатени нивните забелешки што се однесуваат на обврските на земјава. Грција го прави тоа со постојаното инсистирање на спроведување на Преспанската спогодба, од која самата нема испочитувано ниту една запирка, додека Бугарија со небулозните тврдења за непочитување на правата на бугарското „огромно“ малцинство во Македонија, кое на пописот едвај имаше нешто над три илјади луѓе. Таквото креирање искривена слика не е нималку случајно, туку повеќе од јасно е дека станува збор за добро осмислено сценарио од кујните во Атина и Софија.
Парадоксално е што ЕУ ги прифаќа сите нивни аргументи и ја притиска земјава да прави постојани отстапки што се надвор од сите европски практики, но затоа здушно ги штити двете нејзини членки што не признаваат еден цел народ и кои не дозволуваат никакви малцински права на својата територија, што на некој начин ја прави Европа соучесник во геноцидните и етноцидните политики на двете соседни земји.
Ваквите напади најмногу доаѓаат од Бугарија, која не само што не признава малцинства, а уште помалку дозволува употреба на нивниот мајчин јазик, оди дотаму што ги негира постоењето на македонскиот народ и во неговата сопствена држава, неговиот јазик, историја и култура.
Пред извесно време во Грција беше направен мал чекор во позитивна насока и беше регистрирана невладината организација Центар за македонски јазик, но неодамнешните протестите на националистичката Златна зора во Лерин, како и правната иницијатива за укинување на Центарот, покажаа дека има сили внатре во Грција што и натаму се спротивставуваат на идејата за отворање јазичен центар, а уште повеќе за давање некакви малцински права.
– Во Грција нема „македонски“ граѓани што зборуваат на овој јазик, туку грчки државјани што зборуваат на грчки јазик. Очигледно е дека целите на регистрираното здружение воопшто не се јасни. Се создава погрешна слика и впечаток дека регистрираното здружение можеби сака да промовира друг јазичен идиом што се вика македонски јазик, кој не постои во Грција… Ова е обид да се создаде малцинство во Грција – наведува грчката обвинителка Анастасија Калаици во своето образложение за поднесената тужба.
Ако Грција и Бугарија признаат македонски народ, нужно е да признаат и малцинство
Најголем проблем е што ниту Советот на Европа, ниту, пак, Европскиот парламент, како и другите меѓународни тела, не инсистираат Грција и Бугарија да ги ратификуваат и спроведат сите резолуции и одлуки што се донесени во полза на малцинствата, туку постојано им прогледувано низ прсти.
Пред нешто повеќе од две години, Европскиот парламент (ЕП) со големо мнозинство ја изгласа Резолуцијата за малцински безбедносен пакет, иницирана од петиција потпишана од повеќе од еден милион граѓани на земјите-членки на ЕУ. Целта на оваа резолуција е да се заштитат правата на малцинствата во ЕУ. ЕП заклучи дека националните и јазичните малцинства во ЕУ се соочуваат со асимилација и ги губат своите јазици, па затоа на Европската комисија ѝ беше наложено да предложи законски акти за заштита на јазиците на малцинствата и на повеќејазичноста што сите земји-членки на ЕУ ќе треба да ги усвојат како дел од своето законодавство. Ниту ова не стана обврзувачко за Грција и Бугарија, па продолжуваат дрско да не ги почитуваат одлуките на европските институции. Двете земји знаат дека во моментот кога ќе го признаат постоењето на еден народ, се обврзуваат да ги почитуваат и неговите малцински права и затоа инсистираа од Македонија сама да се откаже од грижата за сопственото малцинство во двете соседни земји, поточно да признае дека не постои македонско малцинство, нешто што од ниту една земја никогаш не било побарано и што е меѓународноправен преседан.
– И Грција и Бугарија сè уште не се земји потписнички на Европската повелба за регионални или малцински јазици од 5 ноември 1992 година, која стапи во сила на 1 март 1998 година, чии потписници се 33 држави во Европа. Бугарија и Грција ја имаат потпишано Европската рамковна конвенција за малцинските права од 10 ноември 1994 година, која стапи во сила на 1 февруари 1998 година, чии потписници се 39 држави, иако Грција сè уште ја нема ратификувано. Но, и покрај тоа, дури и независно од содржината на Уставот на Бугарија и Уставот на Грција, независно од бугарското и грчкото домицилно законодавство, Софија и Атина се должни да ги почитуваат меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човековите права, во која се инкорпорирани и малцинските права – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Според него, двете земји безобѕирно ги игнорираат одлуките што ги носат меѓународните тела во полза на малцинствата, на кои токму овие меѓународни институции им се единствените алатки за борба за нивните малцински права.
– Владата во Софија мора да спроведе 17 пресуди против Бугарија од Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради флагрантно прекршување на човековите и граѓанските права на Македонците во Бугарија! Таква обврска има и Владата во Атина за повеќе пресуди во корист на Македонците. Но и едните и другите не ги спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, иако мора да ги почитуваат и извршуваат! Станува збор за правото на собир, правото на здружување во здруженија, партии и верски заедници, правото на информирање, образование и вероисповед на мајчин македонски јазик – појаснува Петров.
Македонија да се придржува до основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“
Претседателот на Светскиот македонски конгрес и човек што долги години се ангажира токму за промоцијата на македонското малцинство во соседните земји, како и за дијаспората, смета дека вината за ваквиот игнорантски однос од Атина и Софија лежи во македонските власти, кои се откажаа од грижата за сопственото малцинство во соседните земји.
– За жал, проблемот е во политичките елити и марионетските влади во Македонија и нивната сервилност кон други и туѓи интереси, кои воопшто не се грижат за деловите на македонскиот народ во соседните земји на Република Македонија. За жал, Македонија не страда од дефицит на демократија, туку од суфицит на врховизам. А, врховизмот не е етничко, туку геополитичко прашање. Врховизмот значи сервилност на определена номенклатура, која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја друга и туѓа метропола. Во дваесеттиот век тоа биле Софија, Атина и Белград, а во 21 век тоа се Брисел и Вашингтон. Нивната девиза е: дајте ни нам власт, ние ќе ги исполниме вашите барања во Македонија – истакнува Петров.
Понатаму тој додава дека главната алатка што треба да ја користи Македонија е меѓународното право.
– Македонија и Македонците во односите со сите и за сè мора да се повикуваат и да се придржуваат на основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! И, како и за сите, така и за нас, правилото: Македонија и Македонците немаат вечни пријатели, немаат вечни непријатели, имаат вечни интереси! Македонија мора да ја приспособи својата надворешна политика на новата геополитичка карта на мултиполарниот свет, во кој американскиот унилатерализам и европскиот центризам се трајно минато свршено време. А, која било влада мора да ја почитува суверената волја на македонскиот народ, на македонските државјани и граѓаните на државата Македонија од референдумот одржан на 8 септември 1991 година и референдумот одржан на 30 септември 2018 година.
Координиран игнорантски настап на Софија и Атина
Нашите соговорници што се добро упатени во малцинските проблематики и меѓународните правила на игра кога станува збор за почитувањето на малцинските права велат дека борбата треба да се води со сите сили да се спречат обидите за негирање и бришење на македонскиот народ. Според нив, Македонија мора да ги употреби сите меѓународноправни алатки што ѝ се на располагање за да се принудат Софија и Атина да ја прифатат реалноста и да го признаат постоењето на македонскиот народ. Иако се свесни дека тоа, како што велат, е на граница на научна фантастика, сепак веќе има некакво раздвижување што очигледно ги иритира грчките и бугарските власти, кои повеќе од очигледно дејствуваат координирано кога станува збор за македонското прашање.
– Треба да издејствуваме прво да биде признаен народот, а кога ќе биде признаен народот, тогаш повеќе од јасно е дека тој народ има свои малцинства во соседните земји и тие треба да бидат признаени и да ги добијат сите малцински права во согласност со европските критериуми, што подразбира слобода на формирање здруженија, изучување на својот јазик, негова употреба и во Грција и Бугарија, како грижа од страна на матичната држава за културното наследство на малцинствата, што, ако се толкуваат европските практики, значи богатство во секоја земја-членка на Унијата – велат нашите соговорници.
Адвокатот Тони Менкиноски, правен застапник на претставниците на здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, но и борец за малцински права на нашинците и во соседна Грција, смета дека Софија и Атина тешко ќе се откажат од вековните аспирации кон земјава и затоа дејствуваат координирано, почнувајќи од непочитувањето на сите пресуди, резолуции и други европски документи донесени во полза на малцинствата.
– Бугарија и Грција цело време настапуваат координирано. Она што сака да го каже Бугарија, го кажува Грција и обратно. Ние имаме реален проблем, имаме тиква дипломатија – вели Менкиноски.
Тој целосно се согласува со констатацијата дека Софија и Атина најдрско ги игнорираат сите одлуки и на ЕП, на ЕК, на Советот на Европа, но и на Судот за човекови права во Стразбур.
– Во моментот Бугарија е ставена пред свршен чин токму од Советот на Европа со пресудите во полза на македонското малцинство и сега стапува на сцена Грција. Двете земји за истото прашање имаат заеднички став и се против нас, така што ќе продолжат и натаму да ги игнорираат сите резолуции, пресуди, договори и слично – заклучува Менкиноски.