Крчин, Бистра и Стогово во митот за арката на Ное

ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕОБЈАВЕНО

Западниот дел на Македонија е преубав и пребогат со недопрена природа, планини со стотина врва над 2.000 метри надморска височина, обележани планинарски патеки што на планинарите и туристите им овозможуваат без тешкотии, без да залутаат во широкото пространство на лавиринти, да се движат низ планинските беспаќа и безбедно да пристигнат на посакуваното место. Со пешачење да уживаат во глетките на непрегледните пејзажи и да ги впиваат вредностите на чудесната и неповторлива природа, а патем можат да стекнат нови и да ги прошират знаењата за македонската географија, историја и култура, за природното и другото наследство создавано со векови од бистроумните планинци.
Токму затоа речиси секојдневно, освен во најстудените зимски денови, падините на овие планини сѐ до нивните највисоки врвови се исполнети со планинари, туристи, рекреативци, љубители на природата, на фотографијата, авантуристи… едноставно, секој си наоѓа нешто што го привлекува и го тера да се навраќа, бидејќи кој еднаш дошол тука и ја почувствувал магијата, посакува да дојде повторно.
Со посетата и разгледувањето на спомениците создадени од природата, уникатни и несекојдневни примероци, ни се збогатуваат знаењата и ни се прошируваат видиците за регионот. Посетителите на располагање имаат професионални водичи со сертификат за положен испит, одлично обучени, кои успешно ја извршуваат задачата да им ги доближат убавините и веродостојно и автентично да им ги пренесуваат сознанијата за постанокот на природните убавини и на спомениците што ги создавале уметниците.
За природните реткости и убавини создавани од природните процеси низ милениумите, како и за создадените од уметниците неимари, постојат митови и легенди. Некои од нив се пренесуваат од колено на колено, а некои се од понов датум, но благодарение на бистроумните вљубеници во родниот крај, тие се зачувани во книжевна форма и се добро познати за пошироката јавност. Но овој пат би сакал да се навратам на една малку позната легенда за природните убавини на Западна Македонија.

Пред четириесетина години, во 1979 година, во градската кафеана „Турист“ во Галичник, имав подолг разговор со Арсе Караџозоски, кој тогаш имаше 81 година, а целиот работен век преку лето го минувал со овците во планината на бачилото Говедарник, сопственост на сточарската задруга „Бистра“ од Галичник, а на зима, повторно со овците, на бачилата во топлиот крај на Повардарието. Нему верен другар постојано му биле Библијата и други книги со историска и географска тематика. Слободното време, кога се наоѓал на бачило или, пак, дома, го минувал со читање. Љубовта кон книгата им ја всадил на седумте деца, четири машки и три женски, а на сите им овозможил да се образоваат, за што беше посебно горд.
Разговорот ми беше многу интересен, со бистроумниот Караџозоски, вистинска енциклопедија, богат со знаења за историските настани што се одиграле на поширокиот регион на западниот дел на Македонија, за географските поими, за привлечните и неповторливи убавини, за билките, за растенијата, за шумските плодови… Ги пренесувам сеќавањата што ги забележав од раскажувањата на Караџозоски, а не сум ги објавил, за митот, односно за легендите, како планините на триаголникот: Бистра на исток, Крчин на запад и Стогово на југ, ги добиле имињата.
Планината Крчин, со највисокиот врв Голем Крчин – 2.341 метар, се простира над долнореканското село Битуше, на македонско-албанската гранична линија, која се протега на планината Дешат и е дел на венецот Шар Планина – Кораб – Дешат – Крчин. Според легендата што ја забележав од занимливиот соговорник, арката на дедо Ное, пред многу милиони години, пловејќи по денешните простори на Македонија пристигнала на врвот Голем Крчин, тука закрцкала и местото го добило името Крчин.
На спротивната страна, планината Бистра на исток се граничи со Кичевската Котлина, на запад со реката Радика, на север со Мавровско Езеро, а на југ со изворот на реката Треска со Ехловеска Река, превојот Јама, Мала Река сѐ до Бошков Мост. Највисок врв на оваа планината е Меденица со 2.163 метри.

Пловејќи низ овие простори кога арката на дедо Ное стигнала на местото каде што денес е планината Бистра, просторот се избистрил и поради тоа го добила името што наполно одговора на вистината.
Кога арката застанала на просторот на денешната планина Стогово, се претворила во стог и го добила името Стогово. На запад планината се граничи со долината на Црн Дрим, на исток со реката Сатеска, а на југ со планината Караорман и допира до Охридско-струшката Котлина.
Трите планини Крчин, Бистра и Стогово, кои го сочинуваат триаголникот, се преубави и во секоја годишна доба го привлекуваат вниманието на љубителите на недопрената природа. Токму тоа е предизвикот за планинарите, туристите од сите краеви на Македонија и од повеќе држави на Европа, да доаѓаат, одново и одново да откриваат нови пространства и нови тајни со секое свое доаѓање, а притоа да се насладуваат на овие убавини и на легендите создавани со милениуми.