И покрај притисоците, Бугарија продолжува со хегемонистичко однесување, кое не може да се протолкува никако поинаку освен како демонстрација на моќ на една поголема и помоќна земја над помала соседна земја, прекршувајќи ги сите меѓународни норми со тоа што го негира и оспорува правото на секој народ да се самоидентификува преку својот јазик и историја.
Оваа порака на Едвард Џозеф, предавач на универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, поранешен шеф на Меѓународната кризна група, кој се смета и за еден од креаторите на политиките на САД, е само уште една во низата осуди на адреса на Бугарија и барање поцврста реакција на ЕУ и САД за отстранување на бугарското вето кон Македонија
Бугарија нема намера да го крене ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија без да бидат исполнети нејзините условувања и уцени содржани и во декларацијата усвоена во тамошното Народно собрание.
И покрај притисоците од страна на Европската Унија и САД врз Софија за отстранување на блокадата, Бугарија продолжува со хегемонистичко однесување, кое не може да се протолкува никако поинаку освен како демонстрација на моќ на една поголема и помоќна земја над помала соседна земја, прекршувајќи ги сите меѓународни норми со тоа што го негира и оспорува правото на секој народ да се самоидентификува преку својот јазик и историја.
Со ваква констатација излезе деновиве и Едвард Џозеф, предавач и виш соработник во Школата за напредни и меѓународни студии при универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, кој смета дека токму Бугарија е чист пример како една поголема и помоќна земја се обидува да наметне своја верзија на историјата и на идентитетот на Македонија. Џозеф е инаку влијателен аналитичар и поранешен прв човек на Меѓународната кризна група, кој се смета и за креатор на политиките на САД кон одредени меѓународни прашања. Неговите јасни позиции во однос на апсурдноста на бугарското вето се само уште една алка во низата осуди на влијателни странски аналитичари и институции на адреса на Бугарија и барање поцврста реакција на ЕУ и САД за отстранување на бугарското вето кон Македонија.
– Импулсот за поткопување на македонскиот идентитет и историја е поттикнат од самата Бугарија – вели Џозеф, лоцирајќи ја вината за блокадата исклучиво на бугарска страна.
Според него, станува збор за деструктивно вето наметното од страна на Софија, за што САД и Европската Унија треба да имаат многу посериозен пристап, особено сега, во момент кога во Украина беснее војна.
– Со војната, САД и ЕУ треба да станат посериозни во однос на тоа што се дозволува постоење на такво неправедно и деструктивно вето. Бугарија го негира напредувањето во ЕУ, како на Северна Македонија, така и на Албанија, нешто што Скопје и Тирана заслужено го заработија – изјави Џозеф.
Некои од аналитичарите со кои се консултираше весникот се согласуваат дека ЕУ и САД во вакви кризни времиња, кога на тлото на Европа беснее војна, треба да обрнат малку повеќе внимание на бугарската блокада и да поработат на нејзино итно надминување, без да ги занемаруваат опасностите што може да произлезат од пасивното однесување во целата ситуација.
– Има некои позитивни придвижувања и кај ЕУ и кај САД дека проблемот со бугарското вето треба што побрзо да се реши, бидејќи и Брисел и Вашингтон се свесни дека мора да бидат внимателни со регионот, оти секогаш е можен тој домино-ефект кога станува збор за прелевање на нестабилноста. Таа војна не е многу далеку. Ние граничиме со Бугарија, а таа излегува на Црно Море и граничи со Украина, со Русија и другите земји што излегуваат на истото море – вели Љупчо Арсовски, дипломат од кариера и прв македонски амбасадор во Грција.
Според него, добро е што кај ЕУ и САД постои иницијатива за брзо надминување на бугарското вето, но сепак забележува дека во овој момент тие целосно се ангажирани околу војната во Украина и не можат целосно да се посветат на случувањата тука.
– Мислам дека целиот фокус им е насочен кон случувањата во Украина. Има некаков нивен ангажман за надминување на бугарската блокада, но она постојано нивно потсетување дека треба да се справиме со корупцијата, со нефункционалното судство, како и со другите внатрешни проблеми, покажува дека и САД и ЕУ бараат од нас да ги исполниме домашните задачи. Впрочем, последниве случувања на внатрешен план во државата покажуваат дека има некаков проблем со државната политика, со судството, со корупцијата – истакнува Арсовски.
За него не е спорно дека и ЕУ и САД вршат некаков притисок врз Бугарија да го отстрани деструктивното вето, но тие проблемот не го чувствуваат емотивно како нас и затоа дозволуваат тој долго да опстојува.
– И ЕУ и САД несомнено вршат притисок врз Софија, но одговорот што го добиваат од таму е дека тие се суверена држава, имаат државна позиција во својот парламент и дека преговараат со македонската страна за наоѓање решение. Тоа на Брисел и Вашингтон им е доволно, тие едноставно не го сфаќаат моментот дека се загрозуваат идентитетот, јазикот и историјата на еден народ. За нив е важно дека двете држави преговараат и ги поттикнуваат на решение, без да навлегуваат во последиците што може да произлезат од тоа решение за македонскиот народ – потенцира Арсовски.
Првиот македонски амбасадор во Атина смета дека во една ваква ситуација, најдоброто нешто што можат да го направат македонските власти е да не брзаат по секоја цена за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
– Прашањето е дали е сега тајмингот да дадеме нешто за кое подоцна цел живот ќе се каеме. Сигналите што доаѓаат од Бугарија се различни. Премиерот Петков дава позитивни изјави, па ретерира, претседателот Радев е на сосема спротивна позиција, владините коалициски партнери се против секаков договор со Македонија ако не се исполнат бугарските барања, така што имаме една целосна конфузија. Бугарската држава треба да си ги расчисти тие работи дома, а ние едноставно да кажеме дека во овој момент нема да брзаме – нагласува Арсовски.
Според него, тоа во никој случај не треба да значи дека Македонија се откажува од интеграцијата во ЕУ, која и натаму треба да остане наша стратегиска цел, туку дека сега не е момент да се избрзува во преговорите со Бугарија.
– Не треба да се брза. Јасно да се каже дека земјава не отстапува од патот кон ЕУ, но дека во овој момент повеќе ќе се посвети на сериозните ситуации дома. Тој старт на преговорите со Унијата, кога и да се случи, треба да биде поврзан со добар договор дека Бугарија нема понатаму да прави нови блокади на секој кластер. Сите недоразбирања треба да се надминат пред влезот во ЕУ, како што беше случајот со сите земји што имаа отворени прашања. Тоа е решението – заклучува Арсовски.
Бугарските тези парадокс за изучување
Џозеф, кој има служено за неколку администрации на САД на позиции поврзани со балканските и источноевропските земји и важи за одличен познавач на регионот, смета дека „импулсот за поткопување на македонскиот идентитет и историја изгледа дека е поттикнат пред сѐ од самата Бугарија“.
– Ние треба токму тоа да го изучуваме – какви се сличностите меѓу руските ставови кон украинскиот идентитет, српските ставови кон црногорскиот и бугарскиот ставови кон македонскиот идентитет. Во секој од случаите, поголема, помоќна земја се обидува да наметне своја верзија на историјата и идентитетот – изјави Џозеф.