Крадци на културни ризници

Од 35 скулптури поставени на Мостот на уметноста, на девет личности бронзените плочки им се дивјачки откорнати. Се прашувам како е можно бронзените плочки од скулптурите да бидат откорнати пред видикот на високи правни институции и зарем Општина Центар или Град Скопје не можат да стават нови, други бронзени плочки или, пак, нашата индиферентност е падната до дното од матните води на Вардар, од каде што не можеме да видиме што се случува околу нас

Често одам во центарот на градот да купам нешто што го нема во населбата Ченто, да фрлам поглед на случувањата од ликовната дејност или да одам во кино да видам некој нов филм. Ми се случува да го напуштам ателјето и одам во град без да имам некоја посебна причина, сликарската просторија често има потреба од провев, мирисот на терпентинот, лененото масло и на боите понекогаш знае да биде непријатен.
Тој ден беше како порачан, на небото ниту едно облаче, а сонцето блескаше, целиот простор зрачеше од светлина и топлина, ми се чинеше како сонцето да залутало во овој период од годината. Одејќи покрај кејот, си реков ваков благослов не се пропушта, ќе одам на другата страна од кејот, таму сонцето грее посилно, ќе се сместам на една од клупите и ќе се сончам, мислите ќе ги пуштам по водите на Вардар, нека ги носи реката каде сака, а обврските ќе ги завршам подоцна.
За да поминам на другата страна од кејот го одбрав Мостот на уметноста, кој завршува точно пред портата на Јавното обвинителство. Секогаш кога минувам по овој мост, од колегијални и професионални причини, прво ги гледам скулптурите на ликовните дејци како Личеновски, Мартиновски, Мазев, Пандилов, Кондовски, а потоа со иста почит ги разгледувам и другите скулптури, на пример спроти Личеновски е сместен „ангелот“ Тоше Проески, потоа следува скулптурата на композиторот Тодор Скаловски, а пред да дојдам до таа на Властимир Николовски има една друга скулптура на личност со високо чело, во десната рака држи перо за пишување во левата има неколку листа на кои се напишани музички ноти, веројатно и тој бил композитор.
Кога внимателно ја разгледав скулптурата, се сецнав, нешто ме натера да се вратам неколку чекори назад, каде што на почетокот од мостот е поставена показна железна табла, нешто како лична карта на мостот, на која го пишува следниот текст: „Мостот на уметноста е изграден во 2012 година и ја симболизира поновата македонска историја на уметноста. Префинетиот и раскошен изглед на Мостот на уметноста е збогатен со 35 фигури на некои од најзначајните и најистакнати просветители, ликовни уметници, писатели, композитори и актери од Македонија… Уметници што оставиле огромен белег во македонската уметност, уметници што зад себе имаат оставено цела ризница на дела и културно богатство, кои се бесценет дел на културното наследство на Македонија“.

На таблата или на личната карта на Мостот на уметноста убаво си пишува, ама мене ми дојде да се сецнам бидејќи некој уличен вандал насилно ја откорнал бронзената плочка од споменикот на која ги пишуваше името и дејноста со која ова личност се занимавала и, заедно со многуте други дејци, зад себе има оставено цела творечка ризница, која се бесценет дел на културното наследство на Македонија. Значи, современите улични крадци ги корнат бронзените плочки од скулптурите на македонските културни дејци и ги продаваат како старо железо во некој отпад.
По скулптурата на Ацо Шопов, почна да ми се причинува дека сонцето не сјае како што блескаше предмалку, а мене ми се случи помрачување. Замислете, бронзената плочка од споменикот на Блаже Конески исто така е откорната! И без бронзената плочка, Блаже го препознав, кога го портретирав доаѓаше во моето ателје, ама тоа време помина, сега во многу сфери од културата владеат неубави и чудни состојби.
На сонцето и сончањето веќе заборавив, а водите на Вардар нека ги носат по својот вообичаен тек македонските деструктивни и грди појави! Од љубопитност, решив да го прегледам целиот Мост на уметноста, поминав покрај Муртеза Пеза, Војдан Чернодрински, Живко Чинго и Неџати Зекирија. Дотука „културните“ злосторници не дејствувале, можеби се исплашиле од Јавното, Вишото и Основното обвинителство, институции што од своето здание имаат широк видик кон Мостот на уметноста!
Помислив дека резилот ќе трае дотука, ама не било така. Свртев десно по кејот, на самиот агол ме пречека скулптурата на Ристо Шишков, во истиот ред статуа на свештеник што нема бронзена плочка, до него господин со патерица во рака и тој осакатен, друга скулптура со откорната плочка ми заличи на Прличев во младите години!
Македонското сонце сега се имаше скриено зад еден темен облак, а мене од тоа што гледав, малку и ми застуде. Како да се згрееш и стоплиш, кога се упатив кон левиот дел од кејот забележав други четири скулптури што стојат со откорнати бронзени плочки, тројца од нив свештени лица што му служеле на севишниот. Изгледа дивите орди и од господ бог не се плашат!

Од 35 скулптури поставени на Мостот на уметноста, на девет личности бронзените плочки им се дивјачки откорнати. Се прашувам како е можно бронзените плочки од скулптурите да бидат откорнати пред видикот на високи правни институции и зарем Општина Центар или Град Скопје не можат да стават нови, други бронзени плочки, или пак нашата индиферентност е падната до дното од матните води на Вардар, од каде што не можеме да видиме што се случува околу нас?
По Мостот на уметноста минуваат и странци, ја сликаат и документираат состојбата на Мостот на уметноста ваква каква што е, невкусна и неодговорна, и таква ја носат низ светот! Мостот на уметноста е изграден во рамките на проектот „Скопје 2014“. Тој може некому да му се допаѓа, некому помалку или некому воопшто да не му се бендисува, но не верувам дека актерите на ваквите изопачени дејства се изведени од страна на тие на кои проектот,,Скопје 2014“ не им се допаѓа. Иако, во име на вистината, првите невкусни интервенции беа изведени од страна на стечајните работници, предводени од една дама од Куманово. Тие, одејќи во колона, фрлаа јајца врз некои скулптури, потоа следуваа шарените, односно „бојаџиите“, меѓу кои беше и еден поранешен премиер.
Во историјата на човековата цивилизација само природни непогоди, воени операции и радикални политички промени во некое општество биле причина за уривање споменици од културата. Денес во нашата Македонија за среќа не се случуваат природни непогоди, повторно за среќа нема воени операции, нема ниту радикални политички промени во општествениот систем. Нели од социјализам поминавме во капитализам без ниту еден испукан куршум?
За жал, имаме ноќни крадци, кои роварат по улиците и мостовите од земјава и без причина уриваат бисти и скулптури или откорнуваат бронзени плочки на значајни личноста од нашата историја и култура. Во ликовната дејност има едно свето правило, кое гласи „ниту едно ликовно дело поставено на јавен простор не смее да се сквернави или оштетува“.
Ако продолжиме да го следиме слоганот „ми се допаѓа, не ми се допаѓа“, тоа ќе нѐ одведе до апсурдноста и до сопствената негација, по што ќе се запрашаме за каква ризница и културно богатство зборуваме.

Коле Манев