Дека постои вкоренета системска корупција во Македонија одамна не е тајна. Дека е препознаена корупцијата од страна на Брисел, и тоа е познато. Но дека постојат индикатори дека таа се прави во Македонија под знамето на ЕУ или истата таа се толерира заради некои други цели и дека ЕУ премолчува за тоа, во својата анализа напиша реномираниот германски медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), при што создаде лавина реакции во јавноста и фрли светлина на кршливата општествена
реалност во земјава
По написите на германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) за постоење „корупција во името на ЕУ“ во нашата држава и „корупција
под македонско знаме“
Кога станува збор за состојбите со корупцијата во Македонија, неодамна германскиот медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во свој коментар ја препознава и ја именува корупцијата во Македонија, и тоа воопшто не спорејќи дали ја има или дали постои, туку детектирајќи ја истата таа и правејќи разлика помеѓу две конкретно постојни форми, односно појавни облици.
„Корупција во името на ЕУ“ и „корупција под македонско знаме“
Имено, со две именувања на корупцијата, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) направи прецизна дистинкција на постојната длабока системска корупција во Македонија: „корупција во името на ЕУ“ и „корупција под македонско знаме“, претставувајќи дури и периоди на постоење на едната и на другата корупција.
– Корупција во името на ЕУ, така може да се опише политиката на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот тим – констатира ФАЦ во својата анализа, земајќи ги како најактуелни докази за корупцијата во Македонија скандалите во Клиниката за онкологија и најновите измени на Кривичниот законик.
Во контекст на корупцијата, ФАЦ го цитира и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој на социјалните мрежи напиша: „Никола Груевски го вееше македонското знаме, за да ги прикрие корупцијата и киднапирањето на државните институции. Актуелната влада го вее европското знаме, за да го прави истото“.
Весникот заклучува дека „ветувањето на социјалдемократите при преземањето на Владата во 2017 година, за одлучна битка со корупцијата, не е исполнето“.
За поранешниот премиер Зоран Заев во статијата се вели: „Заев вети дека ќе расчисти со коруптивното наследство на својот претходник Груевски. Но тешко ќе најдете некој во Македонија што смета дека ова ветување е исполнето. Напротив, мнозинството смета дека корупцијата на едната страна е заменета со корупцијата на другата“.
Потоа се спомнува и поранешниот премиер Никола Груевски.
– Груевски се претставуваше како тврд националист и „патриот“. Владејачките социјалдемократи и нивните партнери од албанската етничка заедница се претставуваат како „проевропски“ и целосно ја насочуваат својата политика кон членство во ЕУ – се наведува во текстот на ФАЦ.
Весникот коментира дека владеењето на актуелниот премиер Димитар Ковачевски може да се именува како „корупција во името на ЕУ“, а на Никола Груевски како „корупција скриена со веење на македонското знаме“.
Постои ли скриена толеранција на ЕУ-факторите за коруптивните
поведенија?
Воспоставената практика на (зло)употреба на европското знаменце во собраниските процедури за усвојување закони по скратена постапка, кои често не се во корелација со усогласувањето со европското законодавство (за што всушност е предвиден тој процедурален инструмент „европско знаменце“), веќе е критикувана од претставниците на ЕУ во Македонија, т.е. од евроамбасадорот Дејвид Гир, но и со директни опомени од Брисел дека со „загриженост се гледа на таквата практика“. Сепак, европското знаменце беше употребено и за усвојување на измените на Кривичниот законик, со кој се смета дека практично прекуноќ се застаруваат судските предмети за корупција, но и се ублажуваат казните за можните коруптивни престапи во иднина. Таквата постапка предизвика реакции на револт во македонското општество, но и остри забелешки од ЕУ, а германскиот медиум беше инспириран за наслов „Корупција во името на ЕУ“.
Од друга страна, храброста на македонските официјални власти, и покрај забелешките од страна на ЕУ и понатаму да посегнуваат по европското знаменце во собраниските процедури, за закони неповрзани со европското законодавство, во македонската јавност создава впечаток за скриена толеранција на ЕУ-факторите за оваа јавно критикувана практика.
– ЕУ ако сакаше да ја помогне борбата против корупцијата во Македонија требаше да им забрани на Ковачевски и на Али Амети да го користат европското знаменце за амнестирање на сите поранешни и актуелни корумпирани високи државни функционери, меѓу кои и самите тие се наоѓаат… Амбасадорите на САД и на ЕУ и самите гледаат дека не е доволно со години за криминалот и корупцијата во Македонија само да бидат загрижени и будно да го следат – пишува на социјалните мрежи политичкиот аналитичар Џевдет Хајредини, министер за финансии во една од поранешните македонски влади.
Овој впечаток за премолчена толеранција на корупцијата во Македонија од страна на европските и меѓународните претставници, пак, претставува своевиден „аргумент“ за толкувања во македонската јавност дека „тоа се прави во интерес на спроведување на уставните измени“?!
– Во најновото јавно обраќање, холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп, потврди уште еднаш дека неговата земја, како една од водечките членки на ЕУ, нема намера да прави компромиси со критериумот за владеењето на правото, ниту да ја толерира корупцијата. Тој уште еднаш го потврди незадоволството од реформите во судството, поради што холандската амбасада ги запре веќе доделените средства за унапредување на работата на Судскиот совет. Во принцип, претставниците на ЕУ не ја толерираат корупцијата. Од друга страна, навистина постои притисок за спроведување на уставните измени, зашто ЕУ смета дека и во нејзин и во интерес на Македонија е да започнат побрзо преговорите за членство, па бара да се спроведе тоа за што Владата презела обврска. Но ЕУ не поддржува, не упатува и не навестува толеранција за тоа да се спроведе на коруптивен начин. Сепак, сите во Македонија, а во голема мера и во ЕУ, се свесни дека македонската влада нема многу нормални опции за да го постигне мнозинството во Собранието потребно за изгласување на уставните измени. Тоа што уставните измени не се ставаат на гласање, иако е исцрпена собраниската расправа за нив, наведува на перцепција дека се преземаат коруптивни активности за постигнување на потребното мнозинство и се работи на тоа како ќе се прикаже и презентира да биде прифатливо и за македонската јавност и за ЕУ – вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.
Кржаловски укажува дека претставниците на ЕУ и меѓународната заедница се упатени да работат со избраните функционери во Македонија, без оглед колку и да има шпекулации дека се корумпирани.
– Додека не се докаже низ легална процедура дека некои политичари избрани функционери се вмешани во корупција, претставниците на ЕУ и воопшто на меѓународната заедница се упатени да работат со нив за прашања поврзани со интересите на ЕУ и Македонија. Навистина, подоцна можат да ги стават и на некоја своја црна листа, доколку се докаже нивната корумпираност или кога веќе нема да им бидат потребни – вели Александар Кржаловски.