МАНУ ќе оствари вистинска советодавна функција што ќе овозможи корист и благосостојба на нејзините граѓани, а не само на владејачките елити, според моето мислење, само ако: (1) им се одземат ингеренциите на владите да изготвуваат стратегии и/или реформи; (2) стратегиите и/или реформите ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) владите бидат обврзани да ги имплементираат стратегиите и/или реформите. Инаку, сите стратегии/реформи ќе завршат под тепих: владите, во принцип, немаат цел да се стремат кон економски раст и генерирање благосостојба на граѓаните на Македонија, туку, спротивно на тоа, нивната цел беше секогаш иста, без исклучок, зголемување на салдото на банкарските сметки на мал број „среќници“
Осврт кон експозето на академик Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите
Извонредното обраќање на академик Живко Попов, претседателот на МАНУ, на годишното собрание, според моето мислење, не доби забележителна медиумска застапеност и гласност, па затоа, изразувајќи благодарност што академик Попов ги фокусира активностите на МАНУ во насока на исполнување на зацртаните постулати на претходното раководство, во денешниов текст ќе дадам кус осврт – мое видување на неговото експозе, осврнувајќи се подетално на три теми.
Првата тема се однесува на „зголемување на бројот на научноистражувачки проекти на домашната и на меѓународната сцена, кои ќе резултираат со национални секторски стратегии, важни за развојот на општеството и на благосостојбата на граѓаните“. Научноистражувачките проекти финансирани од меѓународни извори имаат особено значење за Академијата: тие го зголемуваат угледот на МАНУ во светот, овозможуваат вработување млади истражувачи и го спречуваат одливот на висококвалификувани кадри, а поддржуваат вмрежување на научните кадри во надворешни престижни институции.
Втората тема се однесува на советодавната функција на МАНУ, па така: „Советодавната функција на Академијата има исклучителна важност и тесно е поврзана со нејзиното постоење… Во однос на важни, круцијални теми и прашања, кои се однесуваат на развојот на целото општество, МАНУ не смее да молчи, особено доколку има знаење, капацитет и можности, да советува, да дава стратегиски насоки и да ги антиципира работите“.
Тука, сепак, би сакал да проговорам за, според моето мислење, предизвиците со кои се соочува Академијата во остварувањето и имплементирањето на нејзината советодавна функција. Многубројни примери од минатото, но, за жал, и од сегашноста, покажуваат дека Академијата била, е и ќе биде искористена од владејачките моќници. Така, настани од посебен стратегиски интерес за Македонија, кои се организирани под покровителство на МАНУ или на нејзините истражувачки центри, особено во присуство на владејачките моќници, на кои критички се изнесуваат ставовите на членовите на МАНУ по одредени прашања (реформи, закони, документи), всушност, власта ги претставува во јавноста како поддршка од Академијата (зборот „критички“ магично исчезнува, па така, ставовите се толкуваат исклучиво како поддршка), додека, пак, токму поради таквиот пристап на власта, во јавноста тие се перципираат како сервилност на МАНУ кон власта, иако, во суштина, и едното и другото не е вистина.
Вистината е поинаква. За жал, во минатото, Академијата често беше изманипулирана институција, а нејзината основна советодавна улога за изнесување критички ставови, како борец за вистината и правдата и како поддржувач на владеењето на правото, се распрснуваше како меур од сапуница. МАНУ ќе оствари вистинска советодавна функција што ќе овозможи корист и благосостојба на нејзините граѓани, а не само на владејачките елити, според моето мислење, само ако: (1) им се одземат ингеренциите на владите да изготвуваат стратегии и/или реформи; (2) стратегиите и/или реформите ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) владите бидат обврзани да ги имплементираат стратегиите и/или реформите. Инаку, сите стратегии/реформи ќе завршат под тепих: владите, во принцип, немаат цел да се стремат кон економски раст и генерирање благосостојба на граѓаните на Македонија, туку, спротивно на тоа, нивната цел беше секогаш иста, без исклучок, зголемување на салдото на банкарските сметки на мал број „среќници“.
Третата тема групира неколку предизвици. Академик Попов, во своето експозе, се заложи за: (1) зајакнување на улогата на одделенијата и на центрите, (2) издавање на Македонската енциклопедија, (3) правно, административно и финансиско консолидирање на Академијата и (4) зголемување на капиталните инвестиции.
Поддржувајќи ги неговите заложби, би сакал да проговорам за Македонската енциклопедија – тема за која зборував повеќепати во минатите неколку години. Енциклопедиите, книгите, не се палат, не се забрануваат и не се повлекуваат од јавноста, тие не се забрануваат за користење само затоа што ѝ припаѓаат на Гутенберговата галаксија, а оние што ги користат не се прогонуваат и не се казнуваат. На плоштадот „Бабел“ (Bebelplatz) во Берлин, едно од местата каде што се одржа церемонија на палење книги, вечерта, на 10 мај 1933 година, денес се наоѓа спомен-обележјето „Празна библиотека“, претставено со стаклена плоча поставена во калдрмата, на која е врежана репликата на Хајнрих Хајне од неговата драма „Алмансор“: „Тоа беше само увертира; каде што тие палат книги, на крајот ќе горат и луѓе“.
МАНУ е врвна самостојна научна и уметничка установа во Република Македонија, па, оттука, според моето мислење, Академијата треба отворено да проговори за предизвиците со кои се соочуваат државата и нејзините граѓани, при што МАНУ треба да биде знаменосец на научната вистина, поддржувач на владеењето на правото и критичар на политичките пазарења штетни за македонските национални интереси. Придавките „врвна“ и „самостојна“ во описот на Академијата: „врвна самостојна научна и уметничка установа“, нè обврзуваат нас, академиците, со силата на волјата и со моќта на совеста да придонесеме за иднината на Македонија.
Финансиската автономија на Академијата, за жал, веќе низа години и во континуитет, е целосно нарушена, додека, пак, отстапувањата на одобрените буџети за реалните потреби на МАНУ секоја година создаваат сè подлабок неповолен јаз, кој постојано го обременува тековното работење на Академијата. Посебно треба, според моето мислење, да се финансираат националните центри: центарот за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ и центарот за културно наследство „Цветан Грозданов“ – центри, стожери во изучувањето на македонскиот јазик и на неговите дијалекти, македонскиот идентитет и културното наследство, па, оттука, нивно државно финансирање е предуслов за видливоста на македонската посебност надвор од Македонија.
Последниве дваесетина години донесоа постепено деградирање на критериумите за избор во звање во образовната и научноистражувачката сфера, што предизвика ерозија на квалитетот во образовните и научните институции, при што, често, во постапката за избор во звање не се почитуваат постојните правни акти поврзани со оваа проблематика донесени токму од институциите. Ваквиот пристап сè повеќе го доведува во прашање или го дискредитира кредибилитетот на научната фела, па затоа МАНУ треба да се залага за надминување на лабавите и, во голема мера, објективно непостојни критериуми за избор во звање и да промовира имплементирање на светски критериуми во овој процес.
Ќе го завршам ова мое видување со делот од експозето на претседателот на МАНУ, академик Попов – со делот од неговиот текст што мене ми остави најсилен впечаток: „Во овој контекст, ќе истакнам дека современиот македонски народ… се гордее со делото на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, прогласени за патрони на Европа, потполно свесен дека неговото место му е во европската заедница на народите. Евроскептицизмот што се јавува во последно време претставува резултат од пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски што произлегоа од потпишувањето на Договорот од Преспа и на оној за добрососедство со соседна Бугарија, кои, всушност, поминаа без вистински референдум, иако по значење претставуваа референдумски прашања, чиишто последици се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот. За нив, земјата направи болни компромиси, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ. Само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и со ЕУ може да се дојде до разумни решенија за создадените проблеми, зачувувајќи ги притоа и културното и историското наследство, кои му припаѓаат на македонскиот народ како европска вредност“.