Константина Бојаџиева-Русинска

Охридските жени на чело со Константина, во чија куќа се наоѓало нивното револуционерно седиште, ја презеле сигнализацијата при доаѓањето чунови со оружје што пристигнувале преку Охридско Езеро. Во нејзината куќа се наоѓал и складот со оружје. Во предвечерјето на Илинденското востание, Константина заедно со П. Мосинова, В. Размова и К. Самарџиева го направила охридското револуционерно знаме со натписот „Слобода или смрт“. Константина заедно со неколку учителки за време на Илинденското востание отворила и болница во куќата на загинатиот војвода Методија Патчев. Тука се грижеле за ранетите востаници, но наскоро болницата била откриена од османските власти, по што учителките биле затворени. Учителките биле испрашувани и жестоко тепани. Нивната цврста волја придонела да не издадат ништо, па наскоро властите биле принудени да ги ослободат

„Нејзината вера беше правдата, љубовта ѝ беа вистината и слободата, а задоволството ѝ беше борбата. Тивка како мравка – работлива како пчела. Таа во просветата се бореше со мракот и така го разнесуваше семето на слободата по градови и села“, вака за Костадина Настева Бојаџиева запишал познатиот македонски револуционер Никола Петров Русински. Русински е главен и веродостоен извор за животот и дејноста на Бојаџиева, уште повеќе благодарение на нивната љубовна врска, која на крајот завршила со брак.
Константина (позната и како Костадина) Бојаџиева (1880-1932) е родена во Охрид во имашливо трговско семејство. Ќерка на Евтим Бојаџиев основното образование го завршила во родниот град. По завршувањето на гимназиското образование во Бугарија, се вратила во Охрид, каде што станала учителка. Оформувајќи се како интелектуалка, Константина ги прифатила социјалистичките идеи, кои во ова време брзо се ширеле низ Македонија со идеите за еднаквост и рамноправност, како меѓу половите така и во класна смисла. Истовремено со прифаќањето на социјализмот се вклучила во редовите на македонската револуционерна организација (МРО).
Во 1900/1901 година била формирана организацијата на жените во Охрид наречена „Успение Богородично“. Во организацијата влегле Василка Размова, Поликсена Мосинова, Клио Самарџиева и Константина Бојаџиева како раководителка на групата. Работата на женската организација се одвивала крајно конспиративно и во согласност со дејствата на мажите. Набрзо бројот на членките значително пораснал, но, како што забележал Русински, требало да помине подолго време за да се создаде организациско јадро поради „карактерот на нивната домаќинска служба во семејството“, која не дозволувала масовна работа. Но, како што можело да се види, за време на Илинденското востание жените масовно се вклучиле во директните борби за ослободување на Македонија.
При посетата на Русински на Охрид, на 14 ноември 1901 година, раководното тело на охридската градска револуционерна организација свикало заседание на кое покрај Русински и Андон Кецкаров, Наум Чакров и Наум Цветинов, присуствувала и „една млада едвај 20-годишна по возраст жена, учителката Константина Евт. Настева Бојаџиева, раководителка на организацијата на жените во гр. Охрид“, стои запишано во ракописните „Спомени“ на Русински.

Охридското револуционерно знаме што го изработила Константина Бојаџиева со своите другарки

На собранието било поставено прашањето што ќе им се даде на жените по ослободувањето на Македонија. Повеќето револуционери со иронија гледале на ова прашање, па Русински настапил во одбрана на ставовите за рамноправност. Тој се ставил во одбрана на женските права и одговорил дека „жената е неделив дел од човековиот бит; таа ги носи сите тешкотии во семејниот живот; таа е мајка, таа е воспитателка, таа е домаќинка; таа е одговорно лице пред мажот во денешново капиталистичко општество во кое егзистираат два закона: едниот за правата на мажот и другиот за обесправеноста на жената“. Затоа, пишува тој, „многу наивно и глупаво е да си мислиме дека жената не дава жртви“. Учителката Константина Бојаџиева му дала силна поддршка на Русински во одбрана на залагањето за рамноправност меѓу половите, што ја прави една од најгласните и најангажинирани општествено-политички дејци на полето на еднаквоста, односно силна феминистичка фигура од крајот на XIX и почетокот на XX век. На овие револуционерни и политички состаноци и средби започнала љубовната врска меѓу Константина и Н. Русински, па следната 1902 година двајцата се венчале.
Во тоа време охридските жени на чело со Константина, во чија куќа се наоѓало нивното револуционерно седиште, ја презеле сигнализацијата при доаѓањето чунови со оружје што пристигнувале преку Охридско Езеро. Во нејзината куќа се наоѓал и складот со оружје. Во предвечерјето на Илинденското востание, Константина заедно со П. Мосинова, В. Размова и К. Самарџиева го направила охридското револуционерно знаме со натписот „Слобода или смрт“. Константина заедно со неколку учителки за време на Илинденското востание отворила и болница во куќата на загинатиот војвода Методија Патчев. Тука се грижеле за ранетите востаници, но наскоро болницата била откриена од османските власти, по што учителките биле затворени. Учителките биле испрашувани и жестоко тепани. Нивната цврста волја придонела да не издадат ништо, па наскоро властите биле принудени да ги ослободат.
Гледајќи ја активноста на неговата свршеница Константина, која заедно со нејзините истомисленички целосно му се предала на револуционерното дело, Русински повторувал: „Жената има потреба од сознанието за нејзините права – дајте ѝ ги, таа е величествена агитаторка и организаторка на револуцијата“. Тешките услови за живот не правеле исклучок за жените, па дури биле и „поугнетувачки за нив“. Нерамноправноста пред законите во државата и во семејниот живот на мајката, воспитувачка и домаќинка, според Русински, придонела таа да побара подобар живот, „било заедно со нејзиниот маж рамо до рамо, било сама и против него“.
По задушувањето на Илинденското востание, условите за живот во кои се нашле Константина и Никола станале неподносливи, по што заедно решиле да емигрираат во Бугарија. Таму, на слободна територија, Константина продолжила со учителствувањето во селото Скравена, Орхание. Конечно дошол и денот кога со својот свршеник врската можела да ја крене на повисоко ниво, па нивната свадба се случила на 4 април 1904 година, по што во документите ја сретнуваме и како Константина (Костадина) Русинска. Нивниот брак го крунисале со три ќерки.
Сепак, животот во емиграција бил тежок, па за време на Првата светска војна се вратиле и се населиле во родното село на Никола, Русиново, Беровско. Извесно време била учителка во Берово. Со сопругот продолжиле да ги негуваат социјалистичките идеи, а некое време Никола дури и се вклучил во агитациите за парламентарните избори на Кралството СХС во корист на Комунистичката партија на Југославија. Поради ваквиот негов ангажман, семејството Русински било принудено на повторна преселба во 1921 година, овој пат во Ќустендил. Константина и таму работела како учителка. По десетина години живот во сиромаштија и болести во Ќустендил, Константина се разболела од туберкулоза. Во периодот што следувал го изгубила штотуку роденото четврто дете, од туберкулоза починала и ќерката Роза, која имала само седумнаесет години, а и самата Константина наскоро починала од тешката болест.
Животот на Константина Настева Бојаџиева, подоцнежната Константина Русинска, бил живот полн со борби против политичкото и класното угнетување, живот полн со агитации и проповеди за еднаквост и рамноправност, живот полн со движења и преселби. Една од првите македонски социјалистки, феминистка, револуционерка, таа претставува симбол на борбата на македонските жени за слободна иднина.

Д-р Славчо Ковилоски

(продолжува)