Додека во повеќето земји електронските цигари се исфрлаат од употреба како штетни по здравјето, во Македонија, со најновата одлука на властите, е дозволено нивно користење и во затворени простории

ВЛАДАТА И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО КОНТРА СЗО

Eлектронските цигари и уредите за загревање на тутун ќе смеат да се користат во затворените јавни простории, одлучи Владата на неодамнешната седница, на која беше прифатена сугестијата на Министерството за здравство. Владата претходно го олабави строгиот Закон за забрана на пушење во затворени простории, иако тој беше во согласност со европските нормативи и заложби за намалување на зависноста од пушење кај луѓето. Од ресорното министерство уверуваат дека електронските цигари, како и другите уреди за загревање на несогорливите тутунски производи, не се карактеризираат како вистински цигари и со тоа не спаѓаат во Законот за заштита од пушењето. Додека во повеќето земји електронските цигари се исфрлаат од употреба како штетни по здравјето, Македонија дополнително ја стимулира нивната употреба, згора на тоа и во затворени простории, сметаат претставниците за заштита на човековото здравје и околина.
Светската здравствена организација во извештајот за оваа година предупреди дека електронските цигари се еднакво опасни како и другите тутунски производи. Никотинот предизвикува зависност, а еднакво се опасни и електронски инхалатори на никотин, е ставот на СЗО, од каде што искажуваат загриженост за младата популација, која повеќе посегнува по овие производи.

– Не знам дали се штетни, зашто се нови, ама претпоставувам дека се помалку штетни од класичните цигари зашто нема катран и нема чад. Веќе година и пол пушиме и јас и сопругот електронски цигари, не кашламе. Во просторијата во која пушиме дома не мириса на цигари. Откако ги сменивме, не можеме да помислиме на обична цигара. Со оглед на тоа што цените се слични со класичните цигари, оти континуирано ги поскапуваат, решивме да ги промениме. Кога почнавме да ги користиме електронските цигари, помалку пушиме. Пушиме во затворен простор, зашто нема чад, а дозволуваат пушење и во угостителски објекти. Планираме целосно и овие да ги откачиме, ама веројатно не сме доволно дисциплинирани, па со нив ја задоволуваме потребата од никотин – ни изјави наша сограѓанка, која е долгогодишен консумент на цигари.
По повод одлуката на Владата, побаравме одговор од Министерството за здравство за тоа врз основа на кои здравствени критериуми се темели нивното мислење, ако се има предвид дека во други земји електронските цигари ги изедначуваат со обичните цигари и се забранети во затворен простор! Во одговорот што го добивме од прес-службата на Министерството за здравство се објаснува дека станува збор за „правилно толкување на законите со цел да нема дилеми кај кој било надлежен орган за овие производи дали истите тие спаѓаат или не спаѓаат под забраната за заштита од пушење“.

– За нас како Министерство за здравство, особено е важно да се има доследна примена на законите, кои се во надлежност на нашата институција, вклучувајќи го и Законот за заштита од пушење. Со оглед дека во овој закон не е дефинирано што претставува терминот пушење, туку тоа е дефинирано во Законот за тутун, тутунски и сродни производи се извлекува заклучок дека користењето на овие производи не претставува пушење – се наведува во писмениот одговор од МЗ.
Исто така, за Министерство особено е важно тоа што државните институции, како Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Државниот инспекторат за земјоделство, поседуваат мислење од наставно-научна институција дека кај оваа категорија производи, при нивното користење отсуствува процесот на согорување, односно не настанува пушење во согласност со дефиницијата за истото тоа. Обезбедувањето на вакво мислење од наставно-научна институција е обврска за производителите и увозниците на вакви производи во согласност со членот 53 и 81 од Законот за тутун, тутунски и сродни производи. Ова мислење се доставува пред пуштање во промет на овие производи, како и најмалку еднаш годишно до надлежните институции, се наведува во одговорот од Министерството за здравство.

Од земјите во регионот, односно во Црна Гора и во Хрватска електронските цигари се третираат исто како обичните и на нивна територија е забрането пушење во затворен простор. Во светот, во вкупно 32 земји целосно е забранета продажбата на електронски цигари, 79 земји има усвоено некакви мерки за заштита, а 84 немаат никаква регулација.
Државата Њујорк во 2017 година донесе одлука со која електронските цигари, кои се замена за традиционалните цигари, се забранети во јавни затворени простории во оваа американска сојузна држава. М.Ј.